Економија

ИНОФЕИТ КАКО МОСТ ЗА СОРАБОТКА МЕЃУ АКАДЕМИЈАТА И СТОПАНСТВОТО

Проф. д-р Димитар Ташковски

Декан на факултетот за електротехника и информациски технологии

Триесет трудови со фактор на влијание годишно, околу стотина трудови во списанија и конференции годишно, околу 10-тина активни меѓународни проекти секоја година (од NАТО програмата, Horizon2020, IPA, Erasmus +) со просечен годишен приход од околу 700 илјади евра и околу 2 милиона евра опрема обезбедена од проекти во последните пет години се доволен индикатор дека Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) е еден од лидерите во научно-истражувачката дејност во државата.  Дополнително, неколкуте основани спиноф компании и договорите за договорно истражување со меѓународни институции, недвосмислено покажуваат дека ФЕИТ има капацитет и за применето истражување.

Од друга страна, поразителен е фактот што многу малку научни резултати користи нашата економија.  Нема нивна примена од истражувањата во пракса и речиси, не постои соработка помеѓу стопанството и универзитетите. Генерално, степенот на искористеност на технолошкиот развој во нашето стопанство е релативно низок.  Стопанството, сé уште, не ги користи капацитетите на академијата, не се потпира на иновации и не креира додадена вредност (освен, мали исклучоци). Едноставно, генералниот пристап е т.н. „buy and resell“, кој можеби носи краткорочна, но не и долгорочна добивка, ниту за компанијата, ниту за општеството како целина. Потребна  е радикална промена, која може да се направи единствено со воведување нови технологии и знаења во производните и услужните дејности. Во вакви мали економии како нашата, неминовна е врската меѓу универзитетите и индустријата доколку сакаме економски развој. Државата тука може да одигра клучна улога со низа мерки.

Имајќи ја в предвид одговорноста на ФЕИТ како државна институција кон општеството и препознавајќи ја потребата за поблиска соработка помеѓу академијата и стопанството, Факултетот воспостави Центар за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ. Центарот има јасно фокусирани цели кон:

  • Подобрување, зајакнување и стимулирање на трансферот на знаења од академската средина кон постоечки и нови иновативни мали и средни претпријатија,
  • Обезбедување извонредно знаење во областите на информациско-комуникациски технологии (ИКТ) и обновливите извори на енергија и енергетска ефикасност (ОИЕЕЕ),
  • Валоризација на истражувачките резултати преку создавање колаборативна платформа помеѓу научните работници, студентите и претприемачите за надминување на јазот помеѓу академската средина и индустријата и
  • Зајакнување на потенцијалот за раст на регионалниот екосистем од постоечки и нови, иновативни, високо-технолошко ориентирани мали и средни претпријатија.

За кратко време, Центарот стана препознатлив во државата, но и во регионални рамки. Склучени се неколку договори со компании за договорно истражување, потоа договори за краткорочни услуги за компании и договори за истражувања во кои се вклучени студентите на додипломски и магистерски студии.

ПОТПОЛНО ЈА РАЗБИРАМЕ ЗАГРИЖЕНОСТА ЗА СТРУЧНАТА РАБОТНА СИЛА И ДУАЛНОТО ОБРАЗОВАНИЕ, НО ЕКОНОМСКИ РАСТ ЌЕ НАПРАВИМЕ САМО СО ПОДОБРО ПЛАТЕНИ РАБОТНИ МЕСТА КОИ КРЕИРААТ ДОДАДЕНА ВРЕДНОСТ. ТАКА БИ ГИ ЗАДРЖАЛЕ НАЈДОБРИТЕ И БИ ПРИВЛЕКЛЕ УШТЕ ПОДОБРИ ЛУЃЕ

ИНОФЕИТ, исто така, се презентираше на 1-от Дигитален самит на земјите од Западен Балкан, кој се одржа во април 2018 во Скопје, потоа на 7-миот состанок на министрите за истражувања и развој на земјите членки на ЕУ во Брисел и на работилница за мапирање на истражувачки инфраструктури и развој на договорно истражување на Западен Балкан во октомври 2018 во Сараево.

Најдобра потврда за капацитетот и квалитетот на Центарот е фактот што тој е избран за единствен кандидат од регионот на Западен Балкан кој има капацитет да прерасне во регионален Центар за извонредност во период од 3 години. Заклучоците на анализата, направена од Европската инвестициска банка (ЕИБ), може да се најдат на страната на Western Balkan Enterprise Development and Innovation Facility – WB EDIF (http://www.wbedif.eu/library/road-map-for-innofeit-centre-of-excellence/) со детален развоен и бизнис план за ИНОФЕИТ. Потребни се околу два милиона евра и период од три години, Центарот да стане самоодржлив. Овие средства ќе се искористат за ангажирање на докторанди и постдокторанди, професори од странство и ментори, дефинирање на иновативни проекти, развој на соодветна рамка за комерцијализација на технологијата и поттикнување на стартапи и спиноф компании од Факултетот. Наша визија е, после три години, во Центарот да има околу 25 докторанди истражувачи, меѓу кои и одреден број наши колеги кои сега работат во меѓународни институции. Интересно е што некои од нив веќе и пројавија интерес за враќање.

Сите сме свесни за проблемот со одливот на мозоци, но многу малку правиме за негово решавање. Направени се огромен број студии и анализи за овој проблем, но сé уште не е направен акционен план како да се справиме со него. Желбата да се обидеме да ги задржиме нашите млади дипломци и магистри беше дополнителен мотив за формирање на ИНОФЕИТ. Овој Центар е наш скромен придонес во процесот на спречување на одливот на мозоци. Имаме одлични студенти кои сакаат иновативни предизвици и работа во компании со стремеж за интернационален раст и не се задоволуваат со понудата од јавната администрација. Моментално, ФЕИТ има околу 20 млади истражувачи кои ги плаќаме од сопствени средства и од проекти. Но, сепак, себеси се гледаме како исклучок. Затоа, неопходен е систематичен пристап за задржување на младите во кој со соодветни мерки ќе помогнат факултетите, стопанството и државата.

Потполно ја разбираме загриженоста за стручната работна сила и дуалното образование, но економски раст ќе направиме само со подобро платени работни места кои креираат додадена вредност. Така би ги задржале најдобрите и би привлекле уште подобри луѓе. Реално, имаме неколку позитивни чекори во оваа насока (на пример, технолошкиот парк), но неопходна е реална претходница во поглед на развиен иновациски екосистем, поддршка на поголем број иновативни стартапи, вложување во човечки потенцијал, млади кадри кои ќе ги следат и имплементираат новите технологии итн. Овие млади кадри, со креативен и иновациски потенцијал, се предуслов за формирање на иновациски екосистем. Сите мора да дадеме свој придонес и да креираме услови  каде ќе се развиваат и креираат младите креативци и стручњаци во Македонија. Во тој процес, клучна е улогата на државата. Доколку државата не ги поддржи истражувачките центри, одливот на мозоци ќе биде поголем, а тоа долгорочно негативно ќе влијае во сите сегменти во државата.

(Економија и бизнис, печатено издание, април 2019 година)

ПРЕПОРАЧАНО