Интервјуа

ЗАКОНОТ ЗА ЕНЕРГЕТИКА РЕШАВА ПРОБЛЕМИ КОИ ДОЛГО БЕА ЗАКОЧЕНИ

Кочо Анѓушев, заменик на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања

Економија и бизнис - АРХИВА

Направивме добар компромис меѓу барањата од европската регулатива за дерегулацијата, либерализацијата на пазарот итн., но имајќи ги предвид и состојбите во нашава држава.

Господине Анѓушев, какви се Вашите оцени од досегашната примена на Законот за енергетика кој беше донесен пред една година?

Законот за енергетика е еден од најкомплексните закони во државава, кој го третира целокупното енергетско живеење, но има влијание и врз вкупното економско живеење во државава. Јас сум среќен бидејќи направивме квалитетен закон за кој се водеше широка дебата што придонесе за квалитетот на решенијата. Досега не слушнав ниедна издржана критика и не гледам дека законот предизвикува каков било проблем. Напротив, решава многу проблеми кои долго време беа закочени. Направивме добар компромис меѓу барањата од европската регулатива како што се: дерегулацијата, либерализацијата на пазарот, разделување на сопственоста итн., но имајќи ги предвид и состојбите во нашава држава. На пример, во делот на електричната енергија првпат воведовме универзален снабдувач. Тој механизам е во рамките на европската регулатива, но од друга страна ги штити интересите на граѓаните да не бидат изложени на ценовните шокови на електричната енергија. Исто така одблокирано е инвестирањето во фотоволтаици со промена на моделот од фидинг тарифи со премиум тарифи. Нашава држава има исклучително добра сончева радијација, но имавме инсталирано само 16,8 мегавати во фотоволтаици. Тоа не беше поради тоа што немаше интерес кај инвеститорите, туку затоа што не постоеше механизам како тоа да го направат.

Што е со подзаконските акти? Дали тука има нешто што треба да се забрза?

Законот за енергетика предвидува околу 90 подзаконски акти кои треба да се донесат. Постои динамичен план кога треба кој правилник и подзаконски акт да се донесе. Дел се во ингеренции на Министерствoто за економија, дел на РКЕ, а дел треба да ги поднесат МЕПСО, ЕЛЕМ, ЕВН... Главните документи што се однесуваат на обновливите извори, на пазарот на електрична енергија и сл. во најголем дел се подготвени, а некои се веќе и усвоени. Некои чекаа на усвојување поради изборниот процес. Практично, со мали задоцнувања, секаде ја следиме динамиката.

Како држава сме сиромашни со ресурси, немаме нафта и природен гас, јагленот е во ограничени количества. Како може да се обезбеди развој на енергетскиот сектор кој е неопходен за сериозен економски раст?

Кога го поставуваме ова прашање треба да бидеме свесни за следниве факти. Првиот е кои се нашите домашни ресурси. Производството на базна електрична енергија во светот се темели на јаглен, на гас, на мазут или на нуклеарна енергија. Кај нас 70 отсто од производството на електрична енергија се базира на јаглен кој во дел е во фаза на исцрпување. Значи ние секако ќе треба да увезуваме енергија. Дали гас, јаглен или ќе ја увезуваме како готов производ, како електрична енергија, тоа неминовно ни следува. Најдоброто решение е тоа што ќе се покаже најевтино и технички најиздржливо. Не треба да робуваме на идејата дека мора да бидеме енергетски независни, самите да произведуваме. Треба да произведеме сами сѐ што можеме да произведеме и што е финансиски одржливо. Освен овие енергенси кои, де факто, ги немаме, што ни останува? Обновливите извори. Во иднина решавањето на проблемот го гледам во комбинација на две работи. Првата е постојните објекти да ги адаптираме на увозен јаглен кој не може да биде лигнит бидејќи неговиот транспорт е неисплатлив, туку мора да биде висококалоричен јаглен. Или да ги адаптираме на гас, но тогаш ќе се увезува гас и прашање е дали ќе произведувате поевтино визави цената на електричната енергија во регионот. Ако не може, ќе направите ново ТЕЦ Неготино, електрана во која ќе инвестирате стотици милиони евра и ќе стои бидејќи доколку работи ќе генерирате дополнителни загуби. Како држава треба да мислиме на два аспекта, едниот е екологијата, а другиот е домашното производство. Обновливите извори на енергија ги сублимираат тие два ефекта, еколошкиот и домашното производство. Така нашата иднина во производството на електрична енергија ја гледам во две насоки. Првата е да направиме колку што може повеќе домашни производни капацитети. Тука условите се лимитирани. Ќе се направи можеби уште некоја гасна електрана, ќе се адаптираат постојните термоелектрани на увозен јаглен или на гас и да се направат сите можни обновливи извори кои ќе ги прифати системот. Другиот правец на решенија е отворен и слободен регионален пазар на енергија. Ваквите решенија не бараат пари. Тие се административни решенија кои овозможуваат државата да ја направите отворена кон светот и да биде дел од еден енергетски простор.

Дали учеството во нуклеарката Белене во соседна Бугарија и натаму е опција за нашава земја или можеби се размислува за сопствена нуклеарна централа?

Градењето сопствена нуклеарна електрана е нешто што е многу далеку и е многу неизвесно од повеќе аспекти – од технички, од финансиски аспект... Нашиот БДП во моментов е нешто под 11 милијарди евра, а за да се изгради нуклеарна електрана како држава треба да се задолжиме уште 50 отсто од БДП. Значи нашето задолжување кое сега е нешто под 50 отсто од БДП треба да стане 100 отсто од БДП. Дали е тоа одржливо? Веројатно не бидејќи имаме и други проекти. Од друга страна, не треба да робуваме на мислењето дека нашите енергетски капацитети треба да бидат на наша територија. Белене е една добра опција ако можеме да најдеме „заеднички јазик“ и ако би можеле да се јавиме како инвеститор и корисници на таа електрична енергија. Со развојот на далекуводните мрежи тоа не е никаков проблем. Ништо не значи дали таа се наоѓа таму или тука ако бидеме дел од проектот. Значи да, е опција, меѓутоа прво треба бугарската држава да расчисти како ќе ја градат и каков простор ќе отворат за останатите учесници, заинтересирани страни. Тие малку го отворија процесот за сите соседни држави и ние будно го следиме. Лично мислам дека е паметно Северна Македонија да биде дел од проектот Белене.

(Економија и бизнис, печатено издание, мај 2019 година)

ПРЕПОРАЧАНО