Интервјуа

ПОСВЕТЕНИ СМЕ НА РЕФОРМИТЕ ВО ЕНЕРГЕТСКИОТ СЕКТОР

Драган Миновски, претседател на УО и генерален директор на Електрани на Северна Македонија

Економија и бизнис - АРХИВА

Сите чекори кои се прават во компанијата, како и новите инвестиции, се во насока на поголемо производство, намалување на трошоците и зголемување на конкурентноста.

Господине Миновски, АД ЕСМ е ’рбетот на македонското стопанство – 90 отсто од домашната произведенa електроенергија е од капацитетите на компанијата. Колку ЕСМ е подготвена и во иднина да биде поддршка за побрз економски раст?

Електричната енергија е најважен фактор за економски развој на една земја, а нашата примарна цел e континуираното и стабилно производство на електрична енергија. Свесни сме дека АД ЕСМ е столбот на енергетиката и на економијата на државава и нашата стабилност е предуслов за подобра и посигурна иднина. Поради тоа континуирано работиме да го зголемиме производството на електрична енергија, да ги ревитализираме постојните производни капацитети, но и да инвестираме во нови производни капацитети, односно да изградиме стабилен и одржлив развој на компанијата за енергетиката, за економијата, но и за животната средина.
Во 2018 година имавме зголемено производство на електрична енергија од 1,5 % споредено со 2017 година. Мал раст, но многу значаен бидејќи по долгите години континуиран пад успеавме да го стабилизираме производството и да ги трасираме правците за зголемено производство во наредните години. За 2019 година планот е да произведеме дури 10 % повеќе електрична енергија споредено со 2017 година со што силно ќе влијаеме на целокупниот раст на економијата во Република Северна Македонија.
Инвестициските проекти во енергетиката најчесто се големи и се комплексни, некои од нив бараат и подолг временски период на реализација и затоа бенефитите од нив се видливи на долг рок. Но, тоа е и целта на секој сериозен менаџмент, да обезбеди долгорочен раст и развој како во компанијата, така и во целокупното стопанствo, а не да дејствува на краток рок. Позитивното влијание врз зголемувањето на бруто-домашниот производ во земјава очекуваме да се препознае во наредниот период бидејќи нашата компанија веќе започна со реализација на конкретни инвестициски активности. Целокупното работење, но и сите овие инвестиции, сигурни сме дека многу брзо АД ЕСМ ќе ја приближат до современите и технолошки напредни компании во светот, но и дека силно ќе влијаат за стабилна енергетска и економска иднина на државава.

Дали компанијата е подготвена за либерализиран пазар?

Со новиот Закон за енергетика се предвидува дерегулација на производителот на електрична енергија со најголем инсталиран капацитет, односно АД ЕСМ постепено ќе ги намалува своите обврски за обезбедување електрична енергија за потребите на универзалниот снабдувач, која отсега ќе се нуди по нерегулирана цена, но и отворање на пазарот за балансна енергија и уште многу новитети во делот на пазарот со електрична енергија и природен гас.
Секој новитет и реформа бараат соодветна промена и прилагодување и на некој начин носи со себе соодветни ризици. АД ЕСМ би можел да очекува поголем ризик и притисок врз приходите и профитабилноста со оглед на моменталната состојба во Европа каде што либерализацијата и декарбонизацијата носат нови предизвици за енергетските претпријатија, пред сè затоа што како државна компанија имаме одредени ограничувања, а од друга страна треба да бидеме конкурентни со другите приватни компании на пазарот. Но, како и да е, АД ЕСМ е една сериозна компанија која е посветена кон спроведување на реформите во енергетскиот сектор и сите чекори кои се прават во компанијата, како и новите инвестиции се во насока на намалување на овие ризици, поголемо производство на електрична енергија, намалување на трошоците и зголемување на конкурентноста на компанијата како на домашниот, така и на регионалниот пазар и сигурен сум дека успешно ќе се справиме со новите предизвици во согласност со најавените промени.

Минатата година ЕСМ изненади со намалување на производната цена на електричната енергија за 1,5 отсто. Дали и годинава можете да излезете пред РКЕ со слично барање?

Точно така, изминативе години бевме сведоци на континуиран раст на регулираната цена на електрична енергија, но минатата година АД ЕСМ за првпат по долги години побара намалување на цената на електрична енергија. Намалените трошоци на сите нивоа како: за ископ на јаглен и на јаловина, помошна механизација, потрошувачка на мазут итн. и постабилното работење на компанијата резултираа со намалени трошоци за производство на електрична енергија и намалена регулирана цена утврдена од страна на Регулаторната комисија за енергетика во 2018 година.
Како што напоменав и претходно, со новиот Закон за енергетика се предвидува дерегулација на производителот на електрична енергија со најголем инсталиран капацитет во Република Северна Македонија, односно АД ЕСМ, што подразбира дека нашата цена на слободен либерализиран пазар на електрична енергија во иднина нема да биде регулирана од страна на Регулаторната комисија за енергетика. Ние како компанија сепак ќе се потрудиме и во иднина да продолжиме со нашето економично и ефикасно работење сѐ со цел на пазарот да понудиме поконкурентна цена на електрична енергија, а како што кажав со законската обврска за испорака на електрична енергија на универзалниот снабдувач и со нашата намалена производна цена на електрична енергија да ја зачуваме стабилноста на цената на електрична енергија за крајните потрошувачи.

Како ја гледате иднината на енергетскиот сектор во нашава земја во наредните 20 години? И колку ЕСМ е подготвен да направи енергетска транзиција кон обновливите извори на енергија?

Земајќи ги предвид обврските кои произлегуваат од Парискиот договор за климатските промени, секоја земја во светот сега е свесна за потребата да се соочи со предизвикот на енергетската транзиција. Размислувањето на глобално ниво сѐ повеќе се насочува кон идејата и потребата за транзиција кон почиста и поодржлива енергетска иднина. За таа цел, ние како компанија планираме и реализираме инвестициски проекти во обновливите извори на енергија утврдени во нашиот План за развој и инвестиции за периодот 2018 – 2022 година.
Во насока на исполнување на овие планови, во изминатиов период АД ЕСМ потпиша Договор за заем со Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) за изградба на фотонапонска електрана со инсталиран капацитет од 10 MW, лоцирана на местото на исцрпениот рудник во TEЦ Осломеј. Исто така се потпиша и Договор за заем со државна гаранција со КфВ Банка за изградба на втората фаза од проектот „Ветерен парк Богданци“ со што се заокружува реализацијата на Проектот „Парк на ветерни електрани Богданци“ на проектираната инсталирана моќност од 50 MW и вкупно годишно производство од околу 137 GWh.
Исто така се планира и изградбата на Ветерен парк Миравци (14 MW), како и дополнителни фотонапoнски електроцентрали (20 MW) во кругот на РЕК Осломеј и дополнителни 20 MW во РЕК Битола, кои се планира да се реализираат во наредниот период. Планирани се и проекти во областа на хидроенергијата, но заедно со Владата планирана е реализацијата на многу значајниот проект за изградба на хидроелектраната Чебрен со што се отвора можност за уште повеќе инвестиции во делот на обновливите извори како од страна на АД ЕСМ, така и од други приватни инвеститори.

(Економија и бизнис, печатено издание, мај 2019 година)

ПРЕПОРАЧАНО