Економија
КОГА ГЕРМАНСКАТА ЕКОНОМИЈА ЌЕ СЕ „ЗАКАШЛА“...
Бранко Азески
претседател на Стопанската комора на Македонија
Деновиве економските аналитичари во светот ги мобилизираше веста дека во вториот квартал од 2019 година германскиот БДП забележа пад за 0,1 % и дека, имајќи предвид дека не се покажуваат знаци на закрепнување во летните месеци, германската економија, која е моторот на ЕУ, е на прагот на рецесија. Овие новости не дојдоа како изненадување – веќе неколку месеци наназад сите бевме свесни дека извозно ориентираната германска индустрија ја кочат забавувањето на светската економија и неизвесноста што ја генерираат трговската војна меѓу САД и Кина, најавеното (конечно) излегување на Велика Британија од Европската Унија, но и структурните промени во автомобилската индустрија што ги носи преминот кон електричните мотори. Главното прашање е – како тоа ќе се одрази на македонската економија?
Што велат официјалните податоци за перформансите на македонската економија во 2019 година?
Од една страна, извозот продолжува да расте. Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, за првите шест месеци од 2019 година, изнесува 3,15 милијарди евра и бележи пораст од 14,1 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 4,08 милијарди евра, што е за 11,2 % повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит, во периодот јануари – јуни 2019 година, изнесува 9,26 милиони евра. При тоа, покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – јуни 2019 година, изнесува 77,3 %.
Минатата година речиси 45 % од целиот македонски извоз беше направен од компаниите од ТИРЗ – трендот продолжува и оваа година. Во извозот е најголемо учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на спроводници за палење и слично за возила, за авиони или за бродови, деловите за седишта и моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица со мотор со внатрешно согорување со палење со помош на компресија (дизел или полудизел).
И, секако, прв трговски партнер на Македонија и во првите 6 месеци од 2019 година е Германија – забележан е раст во вкупниот обем на размена од 18,2 % при што извозот бележи раст од 22 % и е во вредност од 1,55 милијарди евра, односно на Германија отпаѓа безмалку 50 % од вкупниот македонски извоз во првите шест месеци од 2019 година.
ВО СЕКТОРОТ РУДАРСТВО И ВАДЕЊЕ КАМЕН РЕГИСТРИРАНИ СЕ ОКОЛУ 200 КОМПАНИИ КОИ ВРАБОТУВААТ 4 100 ЛИЦА. СЕКТОРОТ РУДАРСТВО ВО ПЕРИОДОТ ЈАНУАРИ – ЈУНИ 2019 ГОДИНА УЧЕСТВУВА СО 10,7 % ВО ВКУПНОТО ИНДУСТРИСКО ПРОИЗВОДСТВО НА ЗЕМЈАВА, ВО ВКУПНИОТ ИЗВОЗ УЧЕСТВУВА СО 3,3 %, А САМО ЗА ПРВИТЕ ШЕСТ МЕСЕЦИ ИЗВЕЗЕНА Е СТОКА ОД 103,5 МИЛИОНИ ДОЛАРИ. ЈАС МОЖАМ САМО ДА ПОСАКАМ – СРЕЌНО!
Сепак, од друга страна, податоците од индустријата укажуваат дека има простор за претпазливост – индексот на индустриското производство во јуни 2019 година во однос на јуни 2018 година изнесува 97,3. Притоа индексот на прометот во индустријата, вкупно, во јуни 2019 година во однос на мај 2019 година изнесува 92,5, иако во периодот јануари – јуни 2019 година во однос на периодот јануари – јуни 2018 година изнесува 109,5. Кон тоа треба да се придодаде и дека индикаторот на доверба во преработувачката индустрија започнува полека да се поместува надолу (состојбата на обезбеденоста на производството со порачки во јули 2019 година во однос на јуни 2019 година е понеповолна, очекувањата за обемот на производството во наредните три месеци се понеповолни во однос на претходниот месец, а залихите на готовите производи се намалени во однос на јуни 2019 година).
Простор за загриженост засега нема – но со оглед дека евентуалното продлабочување на рецесивните текови во Германија може негативно да влијае врз македонскиот извоз, односно да придонесе кон намалување на економските активности на извозно ориентираните компании во земјава кои се мотор на економијата и од кои битно зависи стапката на нови вработувања, состојбите ќе мора будно да се следат.
П. С. Денот на рударите оваа година донесе два големи јубилеи за Рудникот „Бучим“ – еден од стожерите врз кои се темели и опстојува македонската економија – 40-годишниот јубилеј од почетоците на редовната работа на „Бучим“ и 15-годишнината од рестартирањето од страна на „Солвеј“. Во експертските бизнис-кругови, како во рамките на коморскиот систем на функционирање, така и надвор од него, името „Бучим“ соработниците го изговараат со восхит, а конкурентите со голем респект за сето тоа што е постигнато досега.
Во Секторот Рударство и вадење камен регистрирани се околу 200 компании кои вработуваат 4 100 лица. Секторот Рударство во периодот јануари – јуни 2019 година учествува со 10,7 % во вкупното индустриско производство на земјава, во вкупниот извоз учествува со 3,3 %, а само за првите шест месеци извезена е стока од 103,5 милиони долари. Јас можам само да посакам – СРЕЌНО!
(Економија и бизнис, печатено издание, септември 2019 година)