Економија

МИНИМАЛНАТА ПЛАТА – КОЈ Е ВИСТИНСКИОТ ПРИСТАП?

Никола Поповски

универзитетски професор, Факултет за економски науки, ФОН Универзитет

Иако може да наликува на еден од современите економски проблеми, самиот концепт на постоењето, но и на висината на минималната плата е стар колку што е и современата економска наука. Познато е, на пример, дека уште во делата на Вилијам Петти (1623–1687), еден од раните претставници на класичната економска школа од 17 век, ова прашање било внимателно третирано. Имено, тој сметал дека минималната плата (наемнина) треба законски да се регулира и да се гарантира со систем на казни за непочитување и дека таа треба да е еквивалент на минималните средства за живот што му се потребни на работникот. Цел еден век по него, А. Смит во своето славно дело „Богатството на народите“ (1776) елаборирајќи ги факторите на производството во осмата глава од првата книга (1/VIII Of the Wages of Labour) се осврнува и на трудот и на неговата цена. Според него таа е резултат на преговарачката моќ на работодавците и на работниците, но не само на тоа. Платата мора да е толкава што работникот со неа да може минимално да се издржува себе си и своето семејство за кое смета дека во просек треба да е четиридетно со оглед на потребата од „преживување“ на работничката класа во целина и статистиките дека во тоа време само секое второ дете доживува возрасно доба. Смит не дава конкретни предлози за висината на, де факто, минималната плата, но упатува на јасен заклучок дека таа треба да тежнее кон еден вид егзистенцијален минимум што обезбедува опстојување и репродукција на работничката класа која е сопственик на трудот како елементарен економски и производен фактор.

Голем број значајни економисти потоа во основа се држеа до ваквите основни постулати (Д. Рикардо), а некои дури сметаа дака и кога повремено доаѓа до нагорно усогласување на платите во одреден период тоа брзо го поттикнува растот на населението што доведува до повисока понуда на труд и тоа повторно ги спушта платите на „егзистенцијалниот минимум“ (Т. Малтус, 1798) со што се потврдува т.н. „железен закон на наемнините“. Наспроти класичните економисти, К. Маркс во втората половина на 19 век во центарот на своето изучување на економијата, особено во функцијата на создавање на новата вредност го става трудот на работниците што има особина да создава и вишок на вредност и оттука го формулира постоењето на принципот на негова „експлоатација“ од страна на сопствениците на капиталот од што пак произлегува дека трудот (работниците) треба да ги користи сите резултати од производниот процес и да ја одредува распределбата. Во таа смисла концептот на минимална плата се замаглува бидејќи работниците, де факто, треба да располагаат со вкупниот новосоздаден доход во општеството.

ВРАБОТЕНИТЕ ВО ЕУ КОИ ДОБИВААТ МИНИМАЛНО УТВРДЕНА ПЛАТА СЕ ВО ПРОСЕК ПОД 5 ОТСТО ОД СИТЕ ВРАБОТЕНИ, ШТО НЕ Е СЛУЧАЈ И КАЈ НАС КАДЕ ШТО БРОЈОТ Е ЗНАЧИТЕЛНО ПОГОЛЕМ

Денешните економисти имаат различни сфаќања во врска со тоа дали треба да постои и колкава треба да е минималната плата. Неокласичните економисти најчесто сметаат дека утврдувањето на законска минимална плата претставува непотребно администрирање во економијата и дека во услови на релативна пазарна рамнотежа на пазарот на трудот, при постоење на ниска стапка на невработеност што гравитира околу т.н. природна стапка од неколку проценти таа претставува причина за раст на невработеноста, особено ако е погрешно утврдена нејзината апсолутна вредност. Во економиите со нерамнотежа на пазарот на трудот на страна на понудата (случаи на висока невработеност како и во нашава земја), таа може да претставува апсолутен фактор за одржување, па дури и раст на невработеноста бидејќи го зголемува нивото на понудата на работната сила во економијата во услови на стагнантна или намалена побарувачка. Во тој поглед, поаѓајќи од нивната изразена пропазарна ориентација, тие се во право. Сепак тоа не е и не може да биде главен извор на невработеноста бидејќи најголем дел од работната сила според своите квалификации и искуство има плати или бара работа со плати што се многу над минималниот законски износ. Кејнзијанската мисла, особено новите кејнзијанци кон ова имаат поинаков поглед и тие го сметаат постоењето на законски утврдената минимална плата по час или месечно за нужност поради неперфектното функционирање на пазарот на трудот што дополнително е нарушен и со постоењето на механизми за социјално осигурување во случај на невработеност, постоењето на институционални механизми за преговори за висината на платите меѓу работодавците и работничките синдикати, како и поради сфаќањето за теоријата на „ефикасни плати“ според која платите често се држат над рамнотежното пазарно ниво за да се зголеми продуктивноста на вработените или теоријата за „инсајдери и аутсајдери“ што упатува на нерационалноста од замена на постојните повисоко платени вработени со нови (аутсајдери) што ќе бидат пониско платени, но понеефикасни во извршувањето на работните задачи, односно во овој случај пазарната флексибилност на платите се покажува недоволно ефикасна. Со своите аргументи новите кејнзијанци, за многу аспекти на проблемот, исто така, се во право.

Резултат на сите вакви сфаќања за минималната плата од зачетокот на современата економска наука, па сè до денес е постоењето на регулатива со која се пропишува минималната плата во речиси сите земји во светот и со кои практично се зголемува доходот на најсиромашните вработени. САД, на пример, тоа го направи уште во 1938 година. Сепак треба да се има предвид дека и пазарот на трудот не е единствен и дека постојат повеќе пазари на трудот со различни работници и дека законите за минималните плати влијаат само на оние вработени со најниски квалификации и најмало работно искуство. Во нашава земја постои закон со кој минималната нето-плата по вработен е утврдена на месечно ниво и тоа е добро. Дали износот од околу 200 евра во моментов е добро утврден е друго прашање за што постојат несогласувања и меѓу економистите, но и меѓу работодавците и работниците, па и во јавноста воопшто. Со оглед дека просечно исплатената нето-плата во Македонија во моментов е нешто над 400 евра, може да се смета дека висината на законски утврдената минимална плата не е далеку од реалноста, но ако се земат предвид минималните месечни потреби за егзистенција на едно четиричлено семејство според податоците за потрошувачката кошничка во земјава, од една и нивото на вработеноста, од друга страна, може да произлезе дека таа е дури и пониска од потребната. Минималната месечна плата во ЕУ, на пример, е многу висока и освен во: Бугарија, Латвија, Романија и Унгарија каде што е утврдена во износите од 286 до 453 евра, во сите други таа е над 500 евра месечно, па дури и над 1 500 евра во 6 земји членки. Вработените во ЕУ кои добиваат минимално утврдена плата се во просек под 5 отсто од сите вработени, што не е случај и кај нас каде што бројот е значително поголем.

Сè на сè, концептот на постоењето на законската минимална плата е нужен, а неговото квантитативно одредување во даден момент е предмет на многу прецизни пресметки земајќи предвид многу економски и општествени фактори.


(Економија и бизнис, печатено издание, септември 2019 година)

ПРЕПОРАЧАНО