Економија

СЈАЈОТ И БЕДАТА НА (ОД) МИНИМАЛНАТА ПЛАТА

Трајко Славески

универзитетски професор, Економски факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“

Кон средината на 2010 година, по кадровската смена на врвот, залагањето за воведување минимална плата, присутно и претходно, стана еден од врвните приоритети на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Партнерите во социјалниот дијалог, Владата и стопанските комори, беа подготвени за соработка по ова прашање. Единственото преостанато прашање за кое требаше да се дискутира беше висината на минималната плата. Дискусијата помина во смирена атмосфера и покрај провокациите од тогашната опозиција со лицитирање на релативно високи износи кои беа неприфатливи за работодавачите и за Владата. Износот беше договорен на 40 отсто од просечната бруто-плата, а како нето-плата тој изнесуваше 8 050 денари. За неколку стопански гранки (текстилната, кожарската) беше оставен период од три години за приспособување пред воведување на општиот износ на минимална плата.

Во периодот 2012–2016 година се направија неколку интервенции во Законот и се коригираше износот нагоре според определени критериуми. Новата влада, предводена од СДСМ, во 2017 година го зголеми износот на минималната нето-плата за цели 19 %, на 12 000 денари, со ветување дека до 2020 година таа ќе се зголеми на 16 000 денари. Прокламираната цел беше намалување на сиромаштијата и на нееднаквоста, што не е спорно, со уверување дека зголемената куповна моќ кај пониско платените работници ќе влијае на забрзување на економскиот раст.

Последнава цел наиде на сериозна критика кај информираната стручна јавност. На микро план, критиката беше насочена кон дисторзиите што ќе настанат внатре во самите компании со зголемувањето на трошоците и компресијата во висината на платите меѓу неквалификуваните и висококвалификуваните работници. На макро план, реално е да се очекува губење на работни места во некои сектори (индустрија, земјоделие, услуги), а со притисокот врз цените, губење на конкурентноста на македонската економија во размената со странство. Сѐ уште е рано за подготовка на посериозни емпириски студии за ефектите од зголемувањето на износот на минималната плата. Првичните студии како таа од авторите Петрески, Мојсоска-Блажески и Оучи (ILO, 2019), иако корисни, третираат премногу краток период.

ОД 8 ОТСТО ОПФАТНОСТ ВО 2012 ГОДИНА, СО ПОСЛЕДНОТО ЗГОЛЕМУВАЊЕ ОПФАТОТ НА ВРАБОТЕНИ СО МИНИМАЛНА ПЛАТА ВО ФОРМАЛНИОТ СЕКТОР, СПОРЕД ПРОЦЕНКИТЕ НА ВЛАДАТА, ТРЕБАШЕ ДА НАДМИНЕ 20 %, ШТО ПРЕТСТАВУВА СВОЕВИДЕН АПСУРД

Сепак, покрај одредени позитивни ефекти од аспект на зголемување на доходот на одредени социјални групи, видливи се и негативните ефекти од ваквиот пристап. Започнат е пад на бројот на вработени во индустријата во последниве неколку квартали, а официјалните статистички податоци укажуваат и на намалување на конкурентноста поради растот на производствените цени. Растот на платите е во спротивност со падот на продуктивноста што е присутен во периодот на нивното придвижување нагоре. Очекувано, на што укажуваат и некои емпириски студии, како на пр. таа на Harasztosi и Lindner (2015), зголемувањето на минималната плата во најголем дел ќе го платат домашните потрошувачи преку зголемените малопродажни цени. Овој факт е спротивен од очекувањата на Владата дека товарот ќе го понесат компаниите преку намалените профити.

Мнозинството економисти во светот се против воведувањето на со закон пропишана минимална плата. Едноставниот модел за пазарот на труд укажува на тоа дека доколку износот на минимална плата се утврди на повисоко ниво од рамнотежното, се зголемува невработеноста. Работниците кои се подготвени да прифатат работа со надоместок понизок од минимално пропишаниот остануваат без работа. Ова особено ги погодува младите лица и работниците со ниски квалификации за кои искуството стекнато на работното место, дури и со ниска плата, покрај минимумот средства за егзистенција, може да обезбеди подобри перспективи за во иднина. Оставањето на младите и недоволно квалификувани лица надвор од работниот процес, како резултат на оваа мерка, им ја ускратува можноста за создавање работни навики и стекнување квалификации на работното место.

Колку што е важен апсолутниот износ, можеби порелевантен е релативниот износ на минималната плата во однос на просечната или на медијалната. Во споредба со други земји, првичниот релативен износ од 40 отсто од просечната плата се чинеше оптимален за нашите услови, иако беше повисок од релативниот износ во повеќето земји од групата ОЕЦД и од некои од поранешните југословенски републики. Со зголемувањето од 2017 година, овој сооднос изнесува околу 50 отсто и е меѓу највисоките во светски размери. Имајќи ја предвид состојбата во македонската економија (висока невработеност и сива економија), ова претставува причина за загриженост!

Улогата на минималната плата не е обезбедување материјална егзистенција на просечно семејство. За ова износот би требало да се утврди на нивото на просечната плата, што претставува статистички и економски апсурд, со тешки последици за пазарот на труд и економијата во целина. Целта е заштита на најслабо платените работници и намалување на нееднаквоста. Во просек, со минималната наемнина се опфатени 5–7 отсто од вкупната работна сила. Од 8 отсто опфатност во 2012 година, со последното зголемување опфатот на вработени со минимална плата во формалниот сектор, според проценките на Владата, требаше да надмине 20 %, што претставува своевиден апсурд.

Не треба да се потцени улогата на пазарот во утврдувањето на платата. И покрај раширеното верување во јавноста за „мизерните“ плати во одделни индустриски гранки, пред воведувањето минимална плата поголемиот број текстилни капацитети во земјава исплаќаа најниска плата повисока од таа што подоцна се утврди со закон. За да обезбедат квалитетна и мотивирана работна сила, работодавачите треба да понудат соодветен надоместок и услови за работа. Во спротивно, ги губат продуктивните и дисциплинирани работници кои преминуваат кај друг работодавач.

Младите лица кои изјавуваат во анкетите спроведени во некои градови дека претпочитаат воопшто да не работат одошто да работат за ниска плата очигледно или имаат обезбедена егзистенција во рамките на поширокото семејство или се целосно дезориентирани во смисла на нивните обврски и перспективи за во иднина. Нивната цел треба да биде минималната плата никогаш да не биде релевантна за нив во текот на нивниот работен век. Како и за многумина, патот кон оваа цел понекогаш започнува со работа за минимална плата.


(Економија и бизнис, печатено издание, септември 2019 година)

ПРЕПОРАЧАНО