Економија
МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА ВО ИЗБОРНИ ПЕРИОДИ
Трајко Славески
универзитетски професор, Економски факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“
Релевантните политички субјекти во земјава повеќе месеци наназад се вклучени во неформална предизборна кампања. Им помагаат (или им одмагаат) разни политички експонирани субјекти со сомнителна релевантност и мотиви, чија заднина ја знаат само добро информираните партиски претставници или нивните аналитички центри, дел од медиумите, како и некои претставници на меѓународната заедница.
Изборните периоди, по правило, имаат неповолно влијание во нормалното одвивање на економската активност. Ова се потврдува и на случајот со Македонија во изминативе години во кои се одржуваа избори. Приватниот сектор во стопанството станува значително попретпазлив при носењето на одлуките за инвестирање. Странските инвеститори вообичаено ја чекаат разврската од изборите за да знаат кој ќе им биде идниот партнер во поддршката и заштитата на нивните инвестиции. Домаќинствата не прибегнуваат кон поголеми рестрикции, т. е. одложување на личната потрошувачка, освен делумно за купување станови, изградба и опремување на домовите, купување автомобили и други трајни добра за домаќинството. Сето ова, агрегирано на ниво на севкупната економија, има неповолен ефект врз економскиот раст.
Сепак, властите не стојат со скрстени раце во очекување на изборите. Практиката во светот недвосмислено покажува дека економските перформанси и состојбата со животниот стандард кај мнозинството граѓани неколку тромесечија пред гласањето се еден од клучните фактори кои влијаат врз изборниот резултат. Оттаму партиите што ја практикуваат власта преземаат низа мерки за стимулирање на економската активност. Се користат мерките од арсеналот на фискалната политика, во најголем дел преку форсирање на реализацијата на капиталните проекти, а во периоди на отсуство на посериозни предизвици за макроекономските политики тука е монетарната власт да помогне со евентуално намалување на каматните стапки во насока на релаксирање на монетарната политика.
ЕДНА ОД ПОСЕРИОЗНИТЕ ПОПУЛИСТИЧКИ МЕРКИ, КОН КОЈА ПРИБЕГНУВАЛЕ РЕЧИСИ СИТЕ ВЛАДИ ВО МАКЕДОНИЈА ПО ОСАМОСТОЈУВАЊЕТО, СЕ МАСОВНИТЕ ВРАБОТУВАЊА ВО ДРЖАВНАТА И ЈАВНА АДМИНИСТРАЦИЈА И ВО ЈАВНИОТ СЕКТОР ВООПШТО. НОВОВРАБОТЕНИТЕ СЕ, БЕЗ ИСКЛУЧОК, ЛУЃЕ БЛИСКИ ДО ПАРТИИТЕ НА ВЛАСТ
Дотука е сè во ред со однесувањето на партиите на власт. Ништо нетипично! Сепак, во споредба со други земји, во земји со длабоко поделено и поларизирано општество какво што е нашево, постои еден вид малигно однесување на постојните влади, а тоа е прекумерната доза на популизам во економијата. На сцена стапуваат разните групи за интерес кои удираат по мекото ткиво на власта со барања кои во нормални околности не можат да ги реализираат – повисоки плати, пензии, отпишување камати, репрограмирање на долгови, „Стоп за извршителите“ и сл. Вообичаено овие барања се удоволуваат. Со тоа се создаваат обврски за државната каса во иднина, а со некои потези, за што ќе стане збор во продолжение, се рушат институции од системски карактер, кои се граделе со години и служеле како поткрепа на пазарната економија на која единствено може да почива современото општество.
Една од посериозните популистички мерки, кон која прибегнувале речиси сите влади во Македонија по осамостојувањето, се масовните вработувања во државната и јавна администрација и во јавниот сектор воопшто. Нововработените се, без исклучок, луѓе блиски до партиите на власт. Во нашата јавност се оперира со над 4 000 нови вработувања во јавниот сектор во последниов месец (и во последниве денови!) од формирањето на Техничката влада во согласност со договорот од Пржино. Ваквата практика е во спротивност со прокламираната цел за намалување на бројот на вработени во државната администрација преку трансфер на еден дел од вработените во приватниот сектор.
Јавниот сектор е сѐ уште атрактивен за вработување во споредба со приватниот. Самата природа на институциите од јавниот сектор и начинот на нивното управување и раководење не поставува речиси никакви лимити во нивниот број на вработени. Нивните раководители се во состојба да најдат оправдување за непотребно широките „систематизации“ на работните места, што создава услови за нерационално трошење на буџетските средства, пари кои ги плаќаат граѓаните преку даноци и другите видови јавни давачки. Така, на пример, имаме институции со буџет за јавни набавки од 5 до 6 милиони денари годишно, кои имаат посебни одделенија за јавни набавки со раководител и 3-4 вработени кои се ангажирани во спроведување на процедура за јавни набавки 2 до 3 пати во текот на една календарска година. Истовремено се заборави на крупната бројка лица „вработени“ заради спроведување на правичната застапеност на заедниците кои со години земаат редовно плата без да се појават на работа.
Од друга страна, синдикатите на вработените во јавниот сектор се единствените активни синдикати во земјава, кои преку колективните договори и заканата со штрајкови притискаат за повисоки плати. Државните функционери, премиерот и ресорните министри наместо да ги соочат нивните барања со даночните обврзници, нелегитимно преговараат со синдикалните водачи за нивните барања. Популизмот во социјалната сфера, спроведуван од министер кој до неодамна раководеше со Министерство за труд и социјална политика, кој на целава држава гледа како на една невладина организација, заедно со сето наведено погоре, создава предуслови јавниот сектор во блиска иднина да ја „проголта“ македонската економија.
Уште една манифестација на екстремен популизам, која по својата природа се заканува да го промени системот на полошо, се обидите трајно да се наруши финансиската дисциплина и воспоставениот баланс во правата и обврските меѓу доверителите и должниците во Македонија со враќање на состојбата присутна во годините на почетоците на градење пазарна економија. Се создаде клима на линч на функцијата „извршител“, а деновиве во Парламентот сериозно се дебатира по предлог на пратеник за измени во Законот за облигациони односи кој целосно се става во заштита на должниците. Претходно, со законски измени, се анулираа стандардните инструменти за гаранција и наплата на долг од лица со гарантиран минимален доход и други „ранливи“ категории. Се заборава дека мерките имаат последици кои нивните носители не можеле однапред да ги согледаат. Наместо да им се помогне, овие категории граѓани се исклучуваат од формалниот финансиски пазар и институции. Тие се фрлаат во прегратките на неформалните позајмувачи (лихвари) и се отвора простор за дејствување на организираниот криминал во наплатата на долговите.
Висока е цената на популизмот во предизборието!
(Економија и бизнис, печатено издание. февруари 2020 година)