Економија
ПРАВИЧНОСТ ВО ВРЕМЕ НА ЗДРАВСТВЕНА И ЕКОНОМСКА КРИЗА – ИМА САМО ЕДЕН НАЧИН ДА ЈА ПРЕЖИВЕЕМЕ КРИЗАВА – ЗАЕДНИЧКИ!
Бранко Азески
Авторот е претседател на Стопанската комора на Македонија
Македонското стопанство се наоѓа пред големи предизвици. Низ годините успешно се справило со воени состојби, блокади, финансиски кризи... и успевало некако да преживува и покрај сите предизвици. Изминативе денови се соочуваме со состојба во која предизвикот од здравствен карактер во рок од неколку недели на европското тло ескалираше во економска Пандорина кутија која на површината ги изнесе протекционизмот и економскиот индивидуализам кои децении наназад мислевме дека се заборавени.
Борбата за спречување на ширењето на вирусот (што е и мора да остане примарна цел) донесе затворање на границите и релативизирање на четирите слободи на кои почива единствениот пазар на ЕУ. Економската реалност каква што ја знаевме во ЕУ (која е наш најголем трговски партнер на кој отпаѓа речиси 80 % од размената) во моментов не постои. Километарските колони на граничните премини (дури и меѓу самите држави членки на ЕУ), проверките и забрани за движење само дополнително го отежнаа превозот на суровините и репроматеријалите неопходни за непрекината работа за македонското стопанство, како и извозот на македонските производи.
ЕКОНОМСКАТА РЕАЛНОСТ КАКВА ШТО ЈА ЗНАЕВМЕ ВО ЕУ (КОЈА Е НАШ НАЈГОЛЕМ ТРГОВСКИ ПАРТНЕР НА КОЈ ОТПАЃА РЕЧИСИ 80 % ОД РАЗМЕНАТА) ВО МОМЕНТОВ НЕ ПОСТОИ
Неспорна е констатацијата дека се наоѓаме пред најтежок предизвик досега, и тој ќе трае. Во моментов никој не може да процени колку ќе трае и како ќе се развива понатаму. Предвидливоста, која е најзначајната алатка за стопанствениците, во моментов е далеку од достапна. Основа на бизнисот не се добрата и услугите, туку информациите – сите добра седат во магацините додека информациите не ги покренат во движење. Прецизни и долгорочни информации, во време кога состојбите се менуваат од час во час, веројатно нема никој во светов. И тоа е состојба со која мораме да се справуваме во ὸд.
Можеби најмногу од сите случувања изминатиов месец зачудуваше отсуството на заеднички ЕУ-пристап, политика и стратегија за справување со здравствените, но пред сѐ со економските аспекти на овие состојби на ниво на целата ЕУ. Се работи за општа опасност која експоненцијално се шири низ цела Европа, а во изминатиов месец видовме како се носат поединечни мерки, различни во секоја држава, многу често неусогласени меѓу себе, а најавата за заеднички мерки на ниво на ЕУ следуваа дури на крајот.
ЕДНА РАБОТА МОРА ДА БИДЕ ЈАСНА – ОД СОСТОЈБИВЕ НИКОЈ НЕМА ДА ИЗЛЕЗЕ НЕЗАСЕГНАТ. СЕКОЈА КОМПАНИЈА, ГОЛЕМА ИЛИ МАЛА, ОД ИНДУСТРИЈАТА ИЛИ ОД УСЛУЖНИОТ СЕКТОР, ИЗВОЗНИК ИЛИ НЕ, СО ДОМАШЕН ИЛИ СТРАНСКИ КАПИТАЛ... СИТЕ ЌЕ ИМААТ НЕГАТИВНИ ПОСЛЕДИЦИ. НЕКОИ ПОГОЛЕМИ, НЕКОИ ПОМАЛИ
Би се запрашале: Зошто во овие услови зборувам за правичност? Затоа што тоа треба да ни биде основната идеја-водилка во процесот на санирање на штетите, додека здравствената криза сѐ уште трае, но и многу месеци потоа.
Една работа мора да биде јасна – од состојбиве никој нема да излезе незасегнат. Секоја компанија, голема или мала, од индустријата или од услужниот сектор, извозник или не, со домашен или странски капитал... сите ќе имаат негативни последици. Некои поголеми, некои помали. Кај некои од нив загубите се видливи и мерливи веднаш, од првиот миг кога почнаа да се воведуваат ограничувачки мерки насочени кон спречување на понатамошното ширење на вирусот. Но, кај некои од нив ефектите ќе се покажат дури по неколку месеци, кога товар на забавувањето на економските активности на глобално ниво ќе се одрази и на нивниот бизнис.
Затоа треба да се гледа големата слика – моменталните состојби можат како лавина да покренат негативни движења, а ресурсите на нашава економија се ограничени. Треба најоптимално да се распоредат за да се зачува секое работно место и да се придонесе за намалување на загубите кај секој еден бизнис на нашиов пазар – секој еден бизнис во овие услови е важен и секој ќе има потреба од некаква форма на помош или поддршка да ги преброди овие предизвици. И што е најважно – врвен приоритет е транспортните коридори да се отворени, тие се крвотокот на бизнисот и, ако сакаме бизнисите да преживеат, транспортот мора да тече непрекинато.
ВРВЕН ПРИОРИТЕТ Е ТРАНСПОРТНИТЕ КОРИДОРИ ДА СЕ ОТВОРЕНИ, ТИЕ СЕ КРВОТОКОТ НА БИЗНИСОТ И, АКО САКАМЕ БИЗНИСИТЕ ДА ПРЕЖИВЕАТ, ТРАНСПОРТОТ МОРА ДА ТЕЧЕ НЕПРЕКИНАТО
Затаа цел, и преку Коморскиот инвестициски форум упативме апели за помош и поддршка до претседателот на Европската комисија, Урсула вон дер Лејен, комесарите за трговија и добрососедство и проширување, Хоган и Вархеји,како и до генералниот директор Даниелсон,во оваа криза од невидени размери ЕУ да го вклучи Западниот Балкан во две клучни иницијативи кои ги спроведува во моментов. Прво, за земјите од Западен Балкан да се направи исклучок од забраната за извоз на медицинска опрема и материјали, што ќе обезбеди не само помош на здравствените системи во земјите од Западен Балкан туку и поддршка на производствените капацитети за продолжување со нивната работа. Второ, земјите од Западен Балкан да бидат вклучени во сите „зелени коридори“ во ЕУ вклучувајќи го патниот, железничкиот, поморскиот и авиотранспорт, имајќи предвид дека Европската Унија е водечки трговски партнер на земјите од Западен Балкан, а домашните компании се соочуваат со многу предизвици при набавка на суровини и репроматеријали или испорака на потребните производи до нивните партнери во ЕУ.
П. С. Со одлуката за почеток на преговорите добивме порака од ЕУ дека нашата иднина е таму! Додека се комплетира тој процес, очекуваме уште утре и директно да ни покажат дека тоа навистина го мислат – добра можност за тоа ќе биде веднаш да ги прифатат барањата што ги поднесовме преку КИФ да се дозволи извоз на медицинска опрема од ЕУ кон земјите од Западен Балкан и да ги вклучат земјите од регионот кон „зелените коридори“.
(Економија и бизнис, електронско издание, април 2020 г.)