Економија

КАКО МАЛИОТ ЛУКСЕМБУРГ СТАНА ЕДЕН ОД ГОЛЕМИТЕ ЦЕНТРИ НА ЕУ

Мирче Јовановски

авторот е новинар

Економија и бизнис беше дел од Европските медиумски денови што се одржаа во декември минатата година во Луксембург при што имаше ексклузивна можност како единствен учесник од нашава земја да присуствува на брифинзите во повеќе институции чие седиште е во овој живописен град. На средбите стана збор за работата на европските институции, но и за актуелните прашања со кои се соочува новата Европска комисија. Во прв план беа климатските промени и мерките кои се преземаат Европа да стане енергетски неутрална, но и теми поврзани со новиот буџет на ЕУ, идното функционирање на Унијата, Брегзит итн. Присуството на новинари од земјите на Западен Балкан беше искористено да се позборува и за инвестициите во инфраструктурата во регионот, поефикасното користење на фондовите од ЕУ, контролата на потрошените средства и сл. Во наредните неколку броеви на Економија и бизнис ќе претставиме некои од најважните институции на ЕУ чие седиште е во Луксембург, како функционираат, соработката која ја имаат со регионот и со нашава земја. Првиот текст се однесува на Луксембург како еден од трите административни центри на ЕУ.


Европската инвестициска банка, Европскиот инвестициски фонд, Европскиот фонд за финансиска стабилност, Европскиот механизам за стабилност, Судот на правдата на ЕУ, Европскиот суд на ревизори итн. се меѓу најважните столбови на кои се потпира финансискиот и правниот поредок на Унијата и чие седиште е во Луксембург.

Кога ќе се спомене Луксембург, првата асоцијација која ја имаат многумина кај нас веројатно е богатството на оваа мала земја – според статистиката, домашниот бруто-производ по жител е околу 100 илјади евра, што ја прави најбогата членка на Европската Унија. Многу помалку ќе го поврзат Големото Војводство Луксембург (како што е официјалното име на земјата) и нејзината метропола како една од трите престолнини на Европската Унија, покрај Брисел и Стразбур.

Во главниот град на Белгија, како што е познато, се седиштата на Европската комисија и на Европскиот совет, а таму се и европарламентарците, па неформално го носи епитетот главен град на ЕУ. Адутите на Стразбур, пак, се Советот на Европа и Европскиот парламент. Во ова друштво често се вбројува и Франкфурт каде што е Европската централна банка и кој ја симболизира независноста на монетарната политика.

СПОРЕД СТАТИСТИКАТА, ДОМАШНИОТ БРУТО-ПРОИЗВОД ПО ЖИТЕЛ Е ОКОЛУ 100 ИЛЈАДИ ЕВРА, ШТО ГО ПРАВИ ЛУКСЕМБУРГ НАЈБОГАТА ЧЛЕНКА НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА

Сепак, ако се земе предвид населението (Луксембург со околу 600 илјади жители по Малта е најмалата членка на ЕУ) и големината на земјата со само 2 586 квадратни километри (во должина 90 и во ширина 50 километри) и, од друга страна, бројот на институциите на ЕУ и нивната важност, тогаш работите стојат поинаку. Европската инвестициска банка (ЕИБ), Европскиот инвестициски фонд (ЕИФ), Европскиот фонд за финансиска стабилност (EFSF), Европскиот механизам за стабилност (ЕСМ), Судот на правдата на Европската Унија, Европскиот суд на ревизори итн. се меѓу најважните столбови на кои се потпира финансискиот и правниот поредок на Унијата и на земјите членки. Покрај ова, во Луксембург се и Генералниот секретаријат на Европскиот парламент, дел од директоратите на ЕК, Канцеларијата за публикации на ЕУ, Центарот за трансакција, Извршната агенција за потрошувачи, здравство, земјоделство и храна (CHAFEA), Евростат... Во овие институции се вработени околу 10 илјади лица.

– Ако е очигледен бумот на Луксембург, тоа е на Кирберг, велат хроничарите.

На ова плато во североисточниот дел на градот се сместени повеќето од европските институции. Во една од репортажите посветени на Луксембург се вели дека „онаму каде што пред неколку години имаше ливади и ниви, комерцијалните и станбените згради растат една по друга“.
И навистина, со целата блескавост што ја претставуваат модерните градби на ЕУ-институциите, хотелите, канцелариите на мултинационалните компании, финансиската индустрија, Музејот за модерна уметност и зградата на Филхармонијата, квартот Кирберг ги фасцинира намерниците кои се упатуваат кон градот од правец на единствениот меѓународен аеродром во земјата. Од друга страна, уште поатрактивен е стариот дел од градот кој е заштитен како светско културно наследство, што со каскадната поставеност му дава посебен шмек на пејзажот.

Врските од аеродромот до градот се извонредни. Возењето со двете автобуски линии, кои во најфреквентните периоди сообраќаат на секои 10 до 15 минути, чини само две евра, а во саботите е бесплатно. Од март годинава јавниот превоз во Луксембург ќе биде целосно бесплатен (повеќе во рамката).

Понекогаш името Кирберг се користи и како синоним за судството на ЕУ, што не чуди со оглед на значењето и важноста на Европскиот суд на правдата во решавањето на споровите во рамките на ЕУ. Непристрасноста и бескомпромисноста во спроведувањето на правото се едни од главните начела на судиите. Од Кирберг кон центарот на градот се оди преку долгиот и впечатлив црвен мост Големата војвотка Шарлот кој ги поврзува булеварите Џон Ф. Кенеди и Роберт Шуман.
Просечната плата во Луксембург е 59 000 евра или 4 916 евра месечно, пишуваат медиумите повикувајќи се на Националниот завод за статистика. Ваквите примања се повисоки отколку во Белгија, во Франција и во Германија. Платите се највисоки во осигурителните и финансиските услуги, и во секторите за гас и електрична енергија.



Во 2019 година, националната минимална плата во Луксембург изнесувала 2 071 евра месечно или 24 853 евра годишно и е зголемена за 72,5 евра месечно од претходната година, односно за 3,63 отсто.
Според специјализирани интернет-портали, месечните трошоци за четиричлено семејство во Луксембург изнесуваат околу 3 230 евра без закупнина, а за едно лице околу 925 евра исто така без трошоци за изнајмување стан.
Месечните кирии за изнајмување на опремен стан, пак, со површина од 85 метри квадратни се околу 2 303 во поскапите делови на градот, а нешто поевтино е во другите делови – околу 1 900 евра. Трошоците за комуналии (греење, електрична енергија, гас…) за две лица во стан од 85 метри квадратни месечно изнесуваат 219 евра, пишуваат порталите.

Овие податоци илустрираат дека животот во Луксембург не е евтин, па затоа некои се одлучуваат да се сместат во блиските градови во Германија, во Франција или во Белгија. Трир во Германија е едно од омилените места за живеење како алтернатива на вработените во ЕУ-институциите. Родниот град на Карл Маркс од Луксембург е оддалечен 40 до 50 минути возење, животот таму, како што велат, е подинамичен, трошоците за живот пониски, особено на станарините, што овозможува дури и секојдневното патување до работно место и назад да е исплатливо.

СЕ СМЕТА ДЕКА ЗЕМЈАТА Е ЕДЕН ОД НАЈВАЖНИТЕ ЦЕНТРИ НА ПРИВАТНОТО БАНКАРСТВО ВО ЕВРОПА, КАКО И ВО ДЕЛОТ НА РЕОСИГУРУВАЊЕТО. ФИНАНСИСКИОТ СЕКТОР ГО СОЧИНУВААТ ОКОЛУ 7000 ДОМАШНИ ХОЛДИНГ КОМПАНИИ И 230 БАНКИ. СПОРЕД ДОСТАПНИТЕ ПОДАТОЦИ, БАНКАРСКИОТ СЕКТОР ВРАБОТУВА ОКОЛУ 26 ИЛЈАДИ ЛИЦА И ИМА АКТИВА ОД ОКОЛУ 770 МИЛИЈАРДИ ЕВРА

Жителите на Луксембург не се согласуваат дека економскиот подем на нивната земја се должи на тоа што долго време биле еден вид даночен рај овозможувајќи им на мултинационалните компании големи даночни повластици, што пред шест години резултираше со познатата афера Луксликс. Развојот на телекомуникациските услуги во изминатите децении и подоцна на финансискиот сектор ѝ овозможи на земјата силен економски раст кој продолжи да биде поттикнуван со развојот на информатичките технологии, ИТ-стартапите и развојот на вселенската индустрија. Се смета дека земјата е еден од најважните центри на приватното банкарство во Европа, како и во делот на реосигурувањето. Финансискиот сектор го сочинуваат околу 7 000 домашни холдинг компании и 230 банки. Според достапните податоци, банкарскиот сектор вработува околу 26 илјади лица и има актива од околу 770 милијарди евра.



Ваквиот економски развој, географската положба, присуството на значајни европски институции и политичката стабилност придонесоа Луксембург, и покрај тоа што е мала земја, да е прилично влијателен во Европската Унија.
До статусот административен центар на ЕУ (еден од трите) Луксембург дојде поради сплет на околности, но и со умешноста на политичарите уште во време на формирањето на Европската заедница за јаглен и челик во 1952 година од страна на: Франција, Западна Германија, Италија, Белгија, Холандија и Луксембург. Земјите основачи на Заедницата не можеле да се согласат за градот домаќин на институциите, па Луксембург бил предложен како времено решение за сите институции, освен за Парламентот кој бил лоциран во Стразбур. Подоцна, во 1957 година, при формирањето на Европската економска заедница и Европската агенција за атомска енергија повторно се актуелизирале дебатите – при што било договорено Парламентот да остане во Стразбур, судовите во Луксембург, а комисиите и советите да бидат во Луксембург и во Брисел. Но, во наредниот период повеќето од институциите се насочиле кон главниот град на Белгија, што значело дека повеќето европски службеници ќе бидат вработени таму, па Луксембург побарал обесштетување. Сегашната распределба на институциите на ЕУ е договорена во 1992 година кога било одлучено работата на Европскиот парламент да се одвива во трите градови, а десетина години подоцна – Европскиот совет да биде во Брисел наместо во трите градови како дотогаш.

(Економија и бизнис, печатено издание, февруари 2020 г.)

ПРЕПОРАЧАНО