Економија

ЕКОНОМИЈАТА И СОЦИЈАЛНИОТ АСПЕКТ ВО ВРЕМЕ НА КОВИД-19

Штефан Петер

Авторот е претседател на Советот на странски инвеститори

Глобалниот корона вирус кој сѐ повеќе нѐ затвора во нашите домови, кој можеби ќе трае со месеци, веќе го преориентира нашиот однос со бизнис-партнерите, Владата, со надворешниот свет, па дури и на лична основа едни со други.

Некои измени што eкспертите ги очекуваат во наредните месеци или години се со многу непознати, па оттаму и многу вознемирувачки. Се поставуваат прашањата: До кога ќе останеме затворени и изолирани? Дали социјализацијата ќе стане табу-тема? Што ќе се случува со рестораните, хотелите, моловите итн.? Што ќе се случува воопшто со глобалната економија?

Појавата на коронавирусот, кој потекнува од Кина, зарази повеќе од 250 000 луѓе до денес. Неговото ширење ги забави деловните активности во светот и ги остави бизнисите да калкулираат само трошоци, без речиси никакви приходи. На економски план веќе е тешко да се претпостави дали ќе може да се избегне тешка рецесија. Некои експерти веќе ги повикуваат владите да воведат мерки за поттикнување на агрегатната побарувачка. Стравувам дека овие препораки можеби нема да најдат примена, осовено од аспект на тоа што глобалната економија, па и економијата во земјава и регионот страда од невиден шок на снабдувањето. Сѐ повеќе луѓе не се на своите работни места затоа што спаѓаат во групата на ризични лица, се во самоизолација или во карантин. Во таква ситуација, стимул на побарувачката само ќе ја зајакне инфлацијата која дополнително ќе го влоши растот на БДП.

Она што е навистина потребно во вакви моменти се фискалните мерки за да се спасат компаниите и банките од најлошите сценарија, а со цел тие брзо да се опорават откако ќе заврши пандемијата. Креаторите на политиките треба да разгледуваат различни форми на ослободување од данок, одложување на обврските и јавни гаранции со цел да им се помогне на фирмите да позајмуваат доколку е потребно. Меѓутоа, се чини дека најперспективната опција е краткорочен додаток за работната сила. Овој пристап би го компензирал недоволното ангажирање на работната сила преку истите канали што веќе се користат за осигурување од невработеност. Не би чинело ништо дополнително, а ги спречува загубите што би следеле при зголемена реална невработеност. Овие фискални политики би биле во насока на одржување на ликвидноста и степенот на вработеност во земјава.

Но, да не се осврнуваме само кон негативниот импакт што го има оваа криза со оглед на фактот дека овие моменти претставуваат и голема можност за: пософистицирана и флексибилна употреба на технологијата, помала поларизација, уживање во едноставните нешта и многу други работи. Можеби треба да го искористиме нашето време виснати над нашите уреди, да размислиме за новите видови заедници што можеме да ги создадеме преку нив. Во најраните денови нa социјалното дистанцирање видовме многу инспиративни примери. Мајстори на виолончело правеа дневни концерти, се организираа онлајн мјузикли, театарски претстави и слично. Претприемачите и бизнис-ангелите одвојуваат повеќе време да слушнат нови настапи и бизнис-идеи. Мастер инструктори по јога предаваат бесплатни часови. Ова е сосем различен „живот на екранот“ од оној што го знаеме пред појавата на овој мистериозен вирус. Живееме денови на кршење на табуата за социјалните медиуми преку користење на човековата дарежливост и емпатија. Можеме да заклучиме дека дефинитивно „хуманизацијата“ е моќното наследство кое ќе остане по завршувањето на пандемијата на ковид-19.

(Економија и бизнис, електронско издание, април 2020г.)

ПРЕПОРАЧАНО