Економија
Е-ТРГОВИЈАТА, МАЛИТЕ ПРАТКИ И ПРЕДИЗВИЦИТЕ ЗА ЦАРИНАТА И ЗА ОПШТЕСТВОТО
Златко Ветеровски & Офелија Бајо
Царинска управа на РСМ
Млад човек што чека на автобуска станица се занимава со неговиот паметен телефон. Пред да пристигне автобусот, тој нарачува нова памучна блуза преку интернет-платформите за прекугранична е-трговија, со само неколку клика. До него средовечна жена чита книга што ја има добиено преку пошта од пријател од странство. Истовремено двајцата се качуваат на ист автобус. Тие се движат кон исто одредиште.
Да претпоставиме дека никој од двата патника не е свесен дека во заднината на овие испораки на стоки постои механизам на меѓународна испорака на стоки во која се вклучени низа царински и гранични службеници, логистичари и други даватели на услуги. Тие се како делови што се поврзани во „локалниот автобус“ што се движат во иста насока. Тие делови претставуваат олеснување, сигурност, безбедност и приходи. Царината и другите агенции во оваа постапка разменуваат податоци, пораки, се поврзуваат со одредени бази на податоци. Во процесот на прекуграничната е-трговија потребни се низа активности со цел да се провери вредноста на стоката и износот на трансакцијата, проверка дали производот е фалсификуван, дали подлежи на одредени забрани и ограничувања. Сето ова треба да биде завршено во релативно кратко време во ерата на е-трговија.
Е-трговијата дефинитивно е новата реалност во денешно време, не само од аспект на продавачите и на купувачите, туку за сите учесници во глобалната трговија. Овој нов феномен претставува исклучително критичен фактор за Царината и за сите гранични агенции. Општо е познато дека нѐ очекува „цунами“ на мали пратки со што треба да се соочат сите гранични агенции. Царината, во соработка со другите агенции што се присутни на граница, треба многу активно да се адаптира на новиот трговски деловен модел.
За да се разбере обемот на измени во тековите на меѓународната трговија во изминативе децении, па до одредена мерка и во денешно време, Царината работи на начин што се царинат стоки од ист вид (на пример, кошули или текстилни производи) што се превезувале со еден контејнер или камион, со само една царинска декларација што треба да биде поднесена од увозникот. Практично во денешно време во царинското работење се јавува еден испраќач и еден примач на цел камион или контејнер. Во блиска иднина, во согласност со новите трендови и новите текови на меѓународната трговија, за истиот контејнер или камион со ист број на кошули што се спакувани индивидуално за купувачите што ги купиле преку интернет можат да бидат потребни стотици и илјадници царински декларации.
Првата револуција во меѓународната испорака на стоки настанала со интермодалните превозни контејнери. Првите ИСО-стандарди за контејнерите биле објавени во 1968 година. Во изминативе децении, Царината најголем дел од своите напори ги насочувала кон царинење на голем број контејнери и камиони како резултат на зголемениот обем на меѓународна трговија. Како резултат на револуцијата во контејнеризацијата, денес во светот се користат околу 23 милиони контејнери со вкупен број на околу 700 000 000 контејнерски операции во светот на глобално ниво. Оваа револуција придонела за огромен број царински декларации на светско ниво, како и потреба за воведување на поедноставени царински постапки во насока на локално царинење и побрзо ослободување на пратките. Единствен начин како светот да се справи со овој огромен наплив на царински декларации е да се дигитализира Царината и да се понуди можност за електронско царинење. И тоа е направено во многу развиени земји во светот, вклучително и во Република Северна Македонија, кога во 2019 година е воведена е-царина и безхартиена царинска декларација.
ВО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА, СПОРЕД ИЗВЕШТАЈОТ НА АСОЦИЈАЦИЈАТА ЗА Е-ТРГОВИЈА НА МАКЕДОНИЈА, ВО 2019 ГОДИНА ВО ОДНОС НА 2018 ГОДИНА ВРЕДНОСТА НА ОНЛАЈН ТРАНСАКЦИИТЕ Е ЗГОЛЕМЕНА ЗА 25,3%, А БРОЈОТ НА ОНЛАЈН ТРАНСАКЦИИТЕ Е ЗГОЛЕМЕН ЗА 21,9 %
Втората револуција во меѓународната трговија се случува во моментов, а тоа е револуцијата со е-трговијата. На светско ниво во меѓународната трговија повеќе нема да доминираат класичните бизнис-до-бизнис (В2В) трансакции. Во иднина се очекуваат сѐ повеќе директни бизнис-до--потрошувачи (В2С) малопродажни трансакции меѓу економските оператори и индивидуалните потрошувачи. Емпириските истражувања покажуваат дека порастот на малопродажната прекугранична е-трговија ќе расте најмалку 10 до 25 % во зависност од државата. Во една студија од 2016 година се претпоставува дека обемот на малопродажната е-трговија во ЕУ (со поединечна вредност над 150 евра) е на ниво од 180 милиони парчиња на годишно ниво. Во Република Северна Македонија, според извештајот на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, во 2019 година во однос на 2018 година вредноста на онлајн трансакциите е зголемена за 25,3 %, а бројот на онлајн трансакциите е зголемен за 21,9 %. Многу трговци на светски брендови во нашава држава веќе најавуваат почеток на интернет-продажба во странство. Истовремено, преку Асоцијацијата за е-трговија, многу домашни производители веќе започнале или планираат продажба во странство.
Овие податоци укажуваат на тоа дека Царината во иднина ќе треба дополнително да обработува илјадници царински декларации. Најновите истражувања покажуваат дека околу 67 % од милениумците претпочитале повеќе да купуваат преку интернет во споредба со класичното купување. Навистина, револуцијата на е-трговијата со „цунами“ на мали пратки полека почнува да се приближува кон Царината. За ова се потребни нови ресурси и нови процедури. Царините во светот се прилагодуваат за оваа нова состојба постојано повикувајќи ги другите учесници во глобалните синџири на снабдување.

Новите можности што доаѓаат со електронската трговија во контекст на светската економија првенствено се однесуваат на полесен пристап на глобалните пазари, особено за малите и средни претпријатија, како и во однос на олеснето и побрзо управување со трансакциите. Сепак, зголемениот обем на прекугранична е-трговија носи и низа предизвици како што се можност од злоупотребата на е-трговијата со надеж дека ќе ги избегнат законските обврски. Дополнително можат да се разгледаат ризиците што влијаат на државниот буџет, буџетите на компаниите и здравата конкуренција. Е-трговијата ќе расте многу брзо и поради тоа потребни се нови правила со вклучување на сите засегнати учесници. Понатаму, таквите правила треба да содржат нови царински и даночни постапки, како и контрола на сите забрани и ограничувања, што треба да бидат заверени од страна на сите гранични агенции.
На ниво на ЕУ, исто така, почнувајќи од 1.1.2021 година, ќе почнат да се применуваат радикално нови правила за прекуграничната е-трговија, што првенствено произлегле од новиот пакет на директиви за ДДВ, што предвидуваат нови начини на пресметка и плаќање на ДДВ при увоз на мали пратки во прекуграничната е-трговија. За да се олесни движењето на малите пратки, како и царинењето на стоките, понудена е шема за поедноставување. Оваа шема за поедноставувања во моментов се нарекува Importer One Stop Shop (ИОСС). Ова ново решение се базира на Mini One Stop Shop (MOСС), што претставува концепт што бил тестиран и се употребува при прибирање на ДДВ при електронско обезбедување на услуги. ИОСС претставува мошне иновативен модел (т.н. „продажен модел“) и тој обезбедува ДДВ што треба да се плати на стоките што се купуваат преку прекугранична е-трговија да биде платен од страна на продавачот во трета земја и да биде наплатен од купувачот за време на купувањето. Продавачот потребно е да се регистрира кај даночната управа во некоја од земјите членки на ЕУ каде што се очекува да го трансферира износот на ДДВ што го наплаќа од соодветните купувачи. Царината во блиска соработка со даночната управа и со употреба на соодветни ИТ-системи треба да обезбеди ДДВ да е правилно наплатен.
Прибирањето на царини и даноци во прекуграничната е-трговија е само една страна на медалот. Постојат низа законски ограничувања и забрани што се применуваат на глобално и национално ниво, што треба да бидат проверени на граница, пред стоките што биле нарачани преку интернет-платформи за е-трговија да бида пуштени во слободен промет. Во оваа постапка треба да бидат контролирани низа предмети со културна вредност, определени категории на хемиски производи, експлозивни стоки, порнографија, оружје, дроги, лекови, животни и готови пари.
Со порастот на бројот на малите пратки што се презентираат на Царина на дневна основа од страна на брзите пошти, поштите, како и во обичниот карго сообраќај, потребно е да се проверат или скенираат сите пратки во прекуграничната е-трговија. Според истражувањата, опасност од најголем ризик има кај фалсификуваните стоки, фарамацевтските производи и наркотичните средства. Други ризици што постојат во прекуграничната е-трговија се избегнување на правилото за минималниот праг на ослободување од плаќање на царина, погрешно декларирање на стоките или пониско вреднување на стоките.
Клучен елемент за ефикасна и правилна гранична контрола е утврдување на ризикот од страна на Царината врз основа на електронски податоци што се достапни пред увозот. Ова може единствено да се постигне со блиска соработка со сите партнери кои се учесници во прекуграничната е-трговија. За оптимална гранична контрола како највисок приоритет потребно е однапред поднесување на електронските податоци за сите пратки што се предмет на увоз. Од царинска и безбедносна перспектива, размената на податоци треба да задоволи клучен број на одредени барања што се потребни за правилно справување со зголемениот обем на прекуграничната е-трговија.
СО ОГЛЕД НА БРОЈОТ НА ТРАНСАКЦИИ ВО ПРЕКУГРАНИЧНАТА Е-ТРГОВИЈАТА, ЦАРИНАТА НЕМА ДА ИМА МОЖНОСТ ДА ГИ ИЗВЛЕЧЕ И ДА ГИ СОБЕРЕ СИТЕ ПОТРЕБИ ПОДАТОЦИ. ЗАТОА Е ПОТРЕБНО АКТИВНО УЧЕСТВО ОД СИТЕ УЧЕСНИЦИ ВО ПРЕКУГРАНИЧНАТА Е-ТРГОВИЈА ПРИ ШТО СИТЕ ИНФОРМАЦИИ ТРЕБА ДА БИДАТ ДОСТАВЕНИ ДО ЦАРИНАТА
Со толку многу учесници многу е тешко да се управува со сите извори на податоци. Од тие причини Царината развива средства како концептот на едношалтерски систем. Сите овие достапни податоци, што се однесуваат на специфични видови стоки, треба да бидат декларирани и да се собрани на едно место што е достапно за Царината и што се користи за царинење, наплата на царини и даноци, како и за проверка на забрани и ограничувања. Едно од можните решенија е понатамошно развивање на едношалтерскиот систем, т.н. Single Window, каде што ќе бидат поврзани сите учесници во прекуграничната е-трговија (Царина, пошти, царински застапници, гранични агенции, агенции за контрола на увозот на стоки).
Друг пример за можни решенија за справување со зголемениот обем на пратки за увоз и извоз во прекуграничната е-трговија е употреба на блокчеин технологија не само во контекст на прекуграничната е-тровијата туку и во другите области на меѓународната трговија. Како форма на отворена сметководствена главна книга (регистар) на сите трансакции и активности, таа треба да е достапна до сите релевантни страни. Секој учесник во прекуграничната е-трговија ја потполнува главната книга и со нивните активности и дејствија им овозможува на учесниците да го проверат изворот на секоја активност. Без сомнеж, со пристап на Царината до историјата на трансакциите, ќе може да се има директен пристап до продавачот, купувачот, видот на стоката, вредноста, сето она што е потребно за царинската декларација.
Со оглед на бројот на трансакции во прекуграничната е-трговијата, Царината нема да има можност да ги извлече и да ги собере сите потреби податоци. Затоа е потребно активно учество од сите учесници во прекуграничната е-трговија при што сите информации треба да бидат доставени до Царината.
Потребни се сеопфатни анализи за да се види дали блокчеинот може да биде иднина на царинската декларација. Развојот на технологијата и неодамнешната употреба на блокчеин од страна на водечките логистички оператори и производствени фирми потребно е сериозно да се разгледаат за да може да се користат. Преку блокчеинот треба да се разгледа можноста за директно преземање и автоматска обработка на специфични податоци што потекнуваат од блокчеин од страна на царинските ИТ-системи и креирање на бази на податоци од страна на Царината.
(Економија и бизнис, електронско издание, април 2020г.)