Економија

ЕКОНОМСКИТЕ ПОЛИТИКИ ВО ВРЕМЕ НА ПАНДЕМИСКИ РЕЦЕСИИ

Никола Поповски

универзитетски професор, Факултет за економски науки, ФОН Универзитет

Економската наука и општеството не се во можност да ги предвидуваат насоките на движење на економските циклуси, особено не на економските контракции и рецесии, но во текот на целиот 20 век тие научија многу за да можат брзо да реагираат и успешно да се справат со нив. Од тие причини тешко е се најде период во светот во кој рецесиите траеле повеќе од една година доколку тие биле индуцирани од економски фактори. Се разбира дека постојат исклучоци, како оние последните на Хрватска која имаше долга рецесија од 2009 година, па сè до 2015 година или на Грција од 2009 до 2017 година. Но, кога се случуваат економски рецесии индуцирани од различни и крајно непредвидливи неекономски фактори, приказната е поинаква. Тогаш тие можат да бидат и подолги и порезистентни зависно од неекономските фактори што ја предизвикале неа.

Да се потсетиме само на неколкугодишните и длабоки рецесии низ кои поминаа сите ексјугословенски држави поради војната, вклучувајќи ги и оние како нашата што не беа најдиректно инволвирани во неа. Постојат и други примери за тоа во светот, особено на Блискиот и Среден Исток и на африканскиот континент.

Проблемот на претстојната светска рецесија во оваа 2020 година, која уште не е официјално и статистички регистрирана, но со апсолутна точност се знае дека ќе се случи, е од сосема поинаков карактер. Станува збор за пандемично индуцирана рецесија од болеста ковид-19. Денес знаеме дека рецесијата е тука, но не знаеме само колку долго ќе трае и колкав интензитет ќе има.

Некои поблиски и значајни искуства од ваков вид по Втората светска војна немаме, но некои ни се познати. Пандемијата, на пример, на азискиот грип во 1957 година во САД, иако не беше заразна и смртоносна како денешнава, однесе околу 70 000 до 100 000 животи и донесе остра рецесија во кв. 4/1957 и кв. 1/1958 од -4 и -10 отсто соодветно, но по нејзиното исчезнување економскиот раст во кв. 3 и кв. 4/1958 се врати со брзо темпо од по +10 отсто поединечно. Периодот на кв. 1/1958 со пад на економијата од 10 отсто е најголемиот пад на таа економија од Втората светска војна до денес, вклучувајќи го периодот на финансиската криза 2008/2009 година и тој е од неекономска природа.

Кога ваквите рецесиски кризи би биле стандардни економски кризи на намалена понуда, односно производството поради разни фактори (раст на цените на инпутите, нарушување на веригите на набавките или пенетрација на нови технологии што на почетокот ги уништуваат дотогашните постојни традиционални производни системи за што уште Ј. Шумпетер укажа пред повеќе од 80 години користејќи го терминот „творечко уништување“ – „creative destruction“ и сл.) или опаѓање на агрегатната побарувачка поради други фактори (намалена куповна моќ, крајно нееднаква дистрибуција на доходот, погрешни економски политики од секаков вид и сл.), тогаш постојниот инструментариум на економската политика, пред сè користејќи го заедничкото координирано дејство на монетарната и фискалната политика, потпомогнати и од другите економски политики, секако би нашле решенија за совладување на рецесијата во релативно краток рок што не би надминал една година. Се разбира, можеби последиците од тоа би довеле до некои дополнителни проблеми како на пример брзиот раст на буџетските дефицити и јавниот долг во 2009 година и потоа во времето по последната финансиска криза, но тоа е поприфатливо одошто да се губи дополнителен доход и работни места.

НАЈДОБРАТА ЕКОНОМСКА ПОЛИТИКА ВО УСЛОВИ НА ПАНДЕМИСКА РЕЦЕСИЈА Е ТАА ШТО ЌЕ МОЖЕ КОЛКУ ШТО Е МОЖНО ПОВЕЌЕ ДА ГИ СПАСУВА ЖИВОТИТЕ И ЗДРАВЈЕТО НА НАСЕЛЕНИЕТО И ЌЕ ГО СПРЕЧУВА ШИРЕЊЕТО НА ВИРУСОТ

Денес сме исправени пред еден сосема или барем досега недоволно познат проблем. Пандемија на неизлечлива болест која ја зафати буквално целата Земјина топка, која поради болеста на луѓето придонесе секојдневно и остро да се нарушуваат производните процеси (да се потсетиме, на пример, дека дури во периодот 1904–1906 година успешно се догради Панамскиот канал, откако се стави контрола врз болестите жолта треска и маларија поради кои градителот Ф. Д. Лесепс претходно мораше да ја прекине изградбата на каналот придружена со илјадници жртви и милијарди долари загуба на конзорциумот) и да се нарушат тешко воспоставените вертикални и хоризонтални вериги на снабдување со инпути и пласман на производството, како и намалената мобилност на факторите со што производството секојдневно вртоглаво опаѓа, од една страна и испаничени и загрижени потрошувачи кои веќе апсолутно не се склони да го одржуваат претходното ниво на потрошувачката и ја намалуваат, откажувајќи се од речиси сите видови потрошувачка и концентрирајќи се на сегашната и идната потрошувачка само на најнеопходните прехранбени производи, лекови и енергија, од друга страна. Од целосно неекономски причини гледаме како цели економски дејности за кои има производен потенцијал и побарувачка на домашните и глобалните пазари едноставно се затвораат со државни уредби за да се спречи напредувањето на пандемијата. Со тоа денес едновремено добивме сериозна и непредвидлива криза на едновремено и меѓусебно поддржување на намалената понуда и побарувачка што ја влечат како спирала економијата надолу. Прашањето е сега каде и како да се пресече таа опасна надолна економска спирала и да се врати економскиот процес во нормала кога оној мал и опасен вирус ковид-19 опслужен само со својот РНК и обвивка тоа не го дозволува.

Едноставниот одговор е дека најдобрата економска политика во услови на пандемиска рецесија е таа што ќе може колку што е можно повеќе да ги спасува животите и здравјето на населението и ќе го спречува ширењето на вирусот. Едновремено таа треба да вложи неограничени материјални и човечки ресурси во што побрзо откривање на вакцината за болеста. За жал, последново можат да си го дозволат помал број на економии во светот и затоа напорите за тоа треба да се глобални и единствени.

Сепак, економската политика паралелно мора да се обидува колку што е можно повеќе да спаси дел од агрегатните економски активности на земјата и егзистенцијалната потрошувачка на населението, помагајќи го опстојувањето на микро, малите и поголемите компании. Извршниот директор на ММФ, К. Геориева, на пример, неодамна изјави дека „Тоа што ние го сакаме е да гарантираме дека луѓето нема да умрат поради недостаток на пари. Поголема потрошувачка за здравството ќе спаси животи.“ Државата мора да троши за здравството и да им овозможи на луѓето да се грижат и самите за себе, обезбедувајќи стимулации, субвенции и даночни олеснувања што ќе се плаќаат во годините кога пандемијата целосно ќе ја снема. Понатаму се потребни и мерки и планови за одржување на континуитетот на бизнисите со цел тие да не згаснат. Со еден збор – итна и безусловна финансиска помош од државата за економијата и за населението, која во услови на остро намалување на сопствените јавни приходи ќе мора неопходно и безмилосно да ги пренамени сите, во вакви околности непотребни, трошоци и да ги зголеми дефицитот и јавниот долг. Економската политика мора да се справува со шоковите на агрегатната понуда и побарувачка колку што е можно побрзо и поефикасно од ден на ден, дури можеби и со методот на „дневен кризен менаџмент“. Едновремено фискалните власти ќе мора дневно да маневрираат за да ја одржуваат својата ликвидност, а монетарните со методите на квантитативните олеснувања (QE) – ликвидноста на финансискиот систем и стабилноста на цените и валутата колку што е тоа можно повеќе. Во спротивно можен е целосен колапс.

(Економија и бизнис, електронско издание, април 2020г.)

ПРЕПОРАЧАНО