Економија

ЕКОНОМСКИТЕ ПОЛИТИКИ ВО УСЛОВИ НА ПАНДЕМИЈА

Трајко Славески

универзитетски професор, Економски факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“

Од досегашните искуства со вирусни епидемии и пандемии во светот во изминативе стотина години може да се заклучи дека здравствената криза и економската рецесија се меѓусебно поврзани и се обусловени. Постои една суштинска разлика – здравствената криза од пандемијата е привремен шок кој може да трае од неколку месеци (епидемијата со „тешкиот акутен респираторен синдром“ – САРС) во Југоисточна Азија, до две години каков што беше случајот со пандемијата на шпански грип 1918–1920 година и со еболата (2014–2016 година) во неколку земји од Западна Африка. Но, економската рецесија може да биде остра и долготрајна, особено ако не биде пресретната со брзи, навремени и робусни мерки од страна на надлежните владини институции.

Најголем дел, околу 80 до 90 % од краткорочниот негативен удар врз економијата, не се должи на загубата на работна сила поради смртноста предизвикана од пандемијата, туку е резултат на мерките на „социјално раздалечување“ неопходни за контрола на нејзиното ширење. Следи времената спреченост за работа на лицата зафатени од болеста предизвикана од вирусот. Ова е констатирано во една симулација на Светска банка од 2008 година за ефектите на пандемија слична на таа со шпанскиот грип (1918–1920), но со јавно здравствени и други мерки како одговор на општеството преземени за борба со епидемија со вирусот САРС во 2003 година во Југоисточна Азија. Со оглед на релативно ниската смртност од болеста ковид-19, како и високата инциденца концентрирана кај повозрасното население, треба да се очекува дека во најголем дел негативните економски последици ќе резултираат од мерките за „социјално дистанцирање“.

Не треба да се трошат зборови и да се објаснува дека рецесијата предизвикана од пандемијата со новиот корона вирус е различна од стандардните рецесии кои се од циклична природа или се резултат на некој екстерен глобален шок како, на пример, шоковите со цените на суровата нафта од 70-тите години од минатиот век. Оттаму треба да се разберат економистите, особено тие кои укажуваат на потребата од умерено трошење буџетски средства како одговор на другите типови рецесија, кои сега наеднаш ја менуваат целосно парадигмата на своето гледање на нештата и препорачуваат нестандардни мерки за справување со последиците. Вообичаено за секоја мерка што се предлага се води сметка таа да не влијае демотивирачки за субјектите да работат. Во сегашнава состојба пристапот е сосема обратен – треба да се поддржат луѓето за да не работат. Исто така мерките за спречување на ширењето на вирусот ѝ штетат на економијата на краток рок, но се од значителна полза на среден рок, кога ќе треба да се доведе функционирањето на економијата во нормала. Всушност, ова се мерки што треба да се третираат подеднакво со мерките од арсеналот за заштита на јавното здравје.

Не постои методологија за попрецизно мерење на економските штети, особено не на самиот почеток од настапувањето на рецесијата. Помага тоа ако методолошки ги раздвоиме директните и индиректните ефекти, од една страна, и краткорочните и долгорочните ефекти, од друга. Едно е јасно – економските последици ќе се чувствуваат значително подолго и во периодот по спласнувањето на пандемијата со болеста ковид-19. Понатаму сѐ зависи колку ќе трае потребата од „социјално раздалечување“ за забавување и спречување на ширењето на заразата со новиот корона вирус. Сметам дека кон средината на јуни оваа година ќе се нормализира животот на европскиот континент, на Балканот и кај нас, со што ќе се создадат услови за обновување на економската активност. Се разбира, со преземање на сите неопходни заштитни мерки кои ќе ги препорачаат здравствените власти. Ќе дојде до постепено обновување на синџирите за снабдување на нашите капацитети во автомобилската, електронската, металопреработувачката, прехранбената и други индустрии. Полека ќе заживее угостителството, но не и туристичката дејност која треба да се помири со целосно пропуштена сезона.

ЗДРАВЈЕТО НА ГРАЃАНИТЕ ТРЕБА ДА ПРЕТСТАВУВА ПРВ ПРИОРИТЕТ, НО ТОА НЕ МОЖЕ ВО НИКОЈ СЛУЧАЈ ДА БИДЕ СОЧУВАНО ДОКОЛКУ НЕ ПРЕЗЕМЕМЕ МЕРКИ ЗА ЗАЧУВУВАЊЕ НА ЕКОНОМИЈАТА. ОВИЕ ДВЕ ЦЕЛИ СЕ НЕРАЗДВОЈНИ И ТАКА ТРЕБА ДА СЕ ДИЗАЈНИРААТ СИТЕ ПОЛИТИКИ

Под овие претпоставки, сметам дека загубата во БДП би била по 1 отсто месечно, со продолжена забавена активност во наредниве неколку месеци што, сѐ заедно, би значело дека 2020 година на економски план би ја завршиле со 3 до 4 отсто пад на БДП при оптимистичко сценарио и некаде меѓу 5 и 7 отсто пад на БДП при попесимистичко сценарио.

Здравјето на граѓаните треба да претставува прв приоритет, но тоа не може во никој случај да биде сочувано доколку не преземеме мерки за зачувување на економијата. Овие две цели се нераздвојни и така треба да се дизајнираат сите политики. Прво, да се обезбедат сите неопходни материјални и финансиски средства за здравствените работници кои се на првата линија на фронтот во борба со пандемијата, водејќи сметка за нивна максимална заштита. Второ, потребен е максимален ангажман на другиот фронт – поддршка на доходите на вработените во погодените сектори од кризата, заштита од пропаѓање на малите и семејните бизниси, поддршка на големите компании да се способни да направат брз рестарт веднаш по спласнувањето на пандемијата и сл.

Помошта треба да биде строго таргетирана кон сите оние кои трпат штети поради мерките на Владата насочени кон заштита на јавното здравје (затворањето на угостителски објекти, рестрикции во транспортот, затворање на спортски и културни објекти, приватни образовни институции и сл). Следуваат компаниите чиј извоз замира, секнуваат нарачките од странските купувачи или времено прекинуваат со работа поради прекинот во глобалните синџири за снабдување и тешкотиите во одвивањето на меѓународниот транспорт. Не треба да се заборават и неколкуте десетици илјади наши граѓани кои се регистрирани како самовработени лица, претежно во услужните сектори, на чии услуги сме навикнале во секојдневниот живот. Мерките за поддршка се познати: пристап до бескаматни кредити за ликвидност, одлагање на обврските по основ на даноци и придонеси, запирање на извршувањата и сл.

Потрошувачката е важен елемент во формирањето на БДП и таа треба максимално да се одржи затоа што функционирањето на голем број бизниси и одржувањето на огромен број работни места во земјава зависат од можноста на граѓаните да ги задоволат основите животни потреби и во услови на криза. И по преземањето на максимум мерки за надминување на кризата, нашата монетарна власт располага со инструменти за контрола врз стапката на инфлација која се проектира само маргинално да се зголеми по нормализацијата на состојбите со пандемијата и заживувањето на економијата.

Се потврди дека режимот на девизен курс подеднакво добро ѝ служи на Македонија и во нормални околности и во услови на економски кризи. Го имаме искуството од воениот конфликт во 2001 година, финансиската криза и Големата рецесија 2008–2009, кризата во еврозоната во 2012 година, како и превирањата на политички план во Македонија 2015–2017 година каде што, и покрај порастот на нервозата кај некои субјекти во земјава, девизниот курс остана непроменет и стабилен. Така ќе биде и сега! За разлика од периодот од пред 12 години, сега НБРМ располага со двојно поголеми девизни резерви и е во состојба да спречи каква било промена на девизниот курс кој, да потсетам, е основното сидро на нашата монетарна политика и инструмент за одржување на ценовната и макроекономската стабилност.

(Економија и бизнис, електронско издание, април 2020г.)

ПРЕПОРАЧАНО