Економија
Што ја очекува македонската економија до крајот на 2020 година?
Никола Поповски
универзитетски професор, Факултет за економски науки, ФОН Универзитет
од рубриката ЛЕВО-ДЕСНО
Не само македонската, туку буквално сите национални економии и целата глобална економија во оваа, а по сè изгледа и во наредната година, и тоа како најоптимистичко сценарио, се и ќе бидат во знакот на кризата предизвикана од пандемијата на ковид-19. Како времето минува, тоа станува сè поочигледно. Заштитата на здравјето, колку и да има отпор кон тоа од страна на сопственичките структури во економијата, ќе мора да остане приоритет над приоритетите наспроти економските перформанси.
Паралелно со тоа како што кризата ќе продолжува да ги загрозува животите и егзистенцијата на луѓето, креаторите на политиките, особено економските, ќе бидат пред сè поголем предизвик брзо да се декларираат со начинот со кој ќе справат со неа и ќе обезбедат основа за силно и одржливо заздравување на економија на подолг рок. Тоа нема да е лесна задача. Пандемијата не ги покажа сите слабости само на здравствениот систем, туку ги исфрли на површината и сите економски потврдени и скриени слабости со огромно влијание врз нивото на производството и вработеноста.
Националните институции задолжени за економската политика, особено фискалните и монетарните ќе мора да најдат нови и можеби досега неприменети инструменти и мерки, па можеби дури и нови концепции за обезбедување поголеми поттикнувања на агрегатната понуда и побарувачка за да помогнат во создавањето на услови за обновување не само на економскиот раст туку и на постојните, вообичаени економски активности во поголем број на сектори.
За илустрација, БДП во ЕУ-27 во вториот квартал од оваа година споредено со истиот од минатата година е намален за фантастични 14,1 отсто, а во еврозоната за 15 отсто, најголеми од кога постои временската серија на мерења во ЕУ, што предизвика намалување на вработеноста од 2,6 и 2,9 отсто респективно. Тоа ја зголеми невработеноста на 7,1 и 7,8 отсто респективно со што вкупниот број на невработени во ЕУ повторно се зголеми на над 15 милиони лица не сметајќи го практично до вчера редовно вклучениот број на невработени лица во Велика Британија кој сега е речиси 1,5 милиони. Од друга страна, падот на кварталниот БДП во САД помина со нешто поблаги, но сепак спектакуларни 9,5 отсто со што таму невработеноста се зголеми на 11,1 отсто, односно 17,7 милиони лица во јуни оваа година. На прв поглед САД поминува подобро со падот на БДП во однос на ЕУ за речиси 5 процентни поени, односно околу 50 отсто и тоа може да биде многу важно бидејќи, барем засега, исфрли на површината една важна тенденција, а тоа е дека наспроти најголемиот број на мејнстрим економисти и политичари во економските институции што веруваат дека повисоките владини трошења и дефицити во јавниот сектор помагаат подобро да се компензира ударот на рецесија (класичен кејнзијански пристап) − тоа не е случај. Иако дефицитните трошења и субвенциите во САД се со релативно помал обем од оној во ЕУ, кварталниот пад на БДП на САД од 9,5 отсто е помал во однос на оној на Германија − 11,7; Франција − 19,0; Италија − 17,3; Шпанија − 22,1; односно ЕУ-27 со 14,1 отсто. За почеток, оваа лекција и за нас во Македонија може да биде многу важна, иако состојбата не е докрај споредлива со нашата бидејќи овие економии поради меѓусебната трговска размена и развиените финансиски односи се најзначајни за нас, се сосема поинакви и се функционални пазарни економии со ефикасни институции, а нашата е сосема спротивното.
Да се надеваме дека обилните фискални и монетарни стимуланси нема дополнително да растат и нема да доведат до посериозни инфлаторни нарушувања или до уште поголем пад на каматите што би довело и до појава на негативни камати и на домашниот финансиски пазар
Ударот врз македонската економија засега, иако ги немаме најважните податоци − оние за падот на БДП и за невработеноста во вториот квартал − е помал од соодветните на горенаведените економии, но ќе биде значителен и важен. Првиот удар што веќе е извесен е дека креираниот дополнителен фискален дефицит на општата влада, сосема непотребно, оваа година веќе достигна околу 10 отсто од БДП и веднаш, со астрономска брзина, го придвижи нивото на јавниот долг на земјава на меѓународно верификуваната опасна граница од 60 отсто од БДП (точно декларираното ниво е 59,5 отсто) или во апсолутен износ од 6,53 милијарди евра. Од таква перспектива и позиција сега ни претстои релативно тешка активност за ублажување на ударот врз невработеноста и нивото на БДП, како и нивото на доходите на вработените. Тоа особено ќе е актуелно во неколку сектори како што се: преработувачката индустрија, трговијата, туризмот, угостителството, сообраќајот и сл.
Дополнителен проблем е што голем дел од институциите во Македонија речиси целиот период на фискално помогнатата санација на последиците и евентуално потребните концепциски подготовки за идно подолгорочно справување со кризата предизвикана од пандемијата на своевиден начин го поминаа, па можеби и преспаа во услови на постоење на техничка влада, па одржување на собраниски избори и на крајот долги постизборни активности за формирање на владејачка коалиција и нови ефективни институции. Новата власт ќе има и нужен период на свое прилагодување од вообичаените стотина денови (три месеци), што значи дека оваа година брзо ќе се потроши во подготовки, но не и во суштински активности за опоравување од кризата. Во такви услови навистина е тешко да постојат преголеми очекувања за македонската економија до крајот на 2020 година. Треба да сме реални и да бидеме задоволни доколку состојбата не се влоши уште повеќе од тоа што природно се очекува и да се направат напори за рационално однесување.
Идниот есенско-зимски период нема да биде нималку лесен за економијата. Некои мерки, како што се преголемите дефицитни трошења и новокреирени субвенции, се веќе прилично потрошени, а можно е да се потребни и нови. Концепциски не може да се знае дали новите власти ќе продолжат со истата економска и кризна политика или ќе се обидат со нешто поинакво и поиздржано. Како и да е, во најголем дел тоа ќе мора да го сторат во рамките на макроекономските и фискалните проекции за 2021 година, за што веројатно се нема ниту почнато да се работи во светло на програмата на новата коалициска влада. Во такви услови, очекувањата се минимални. Проблемите во врска со нивото на вкупните економски активности (стапката на раст на БДП), невработеноста, можните дополнителни дефицити и долгови, намалениот животен стандард и доходите на домаќинствата и врз основа на тоа намалената агрегатна потрошувачка, можните мали потешкотии во одржувањето на стабиноста на курсот и кредитирањето и неизвесноста од одржувањето на стабилноста на екстерните биланси на економијата се предвидливи. Да се надеваме дека обилните фискални и монетарни стимуланси нема дополнително да растат и нема да доведат до посериозни инфлаторни нарушувања или до уште поголем пад на каматите што би довело и до појава на негативни камати и на домашниот финансиски пазар. Според експертите, есенско-зимскиот период би можел да доведе и до посериозно ширење на пандемијата што ќе значи и дополнителен притисок врз економските активности. Затоа треба да сме реални и до крајот на годинава да очекуваме поголеми напори за просто одржување на економијата, одошто да се очекува постапна промена на сегашниот правец на движење.
(Економија и бизнис, печатено издание, септември 2020г.)