Перспектива

ЛОГИКАТА НА КАЗНИТЕ

Зоран Јовановски

август 2015

Казните отсекогаш биле предмет на вжештена јавна дебата, секаде во светот. За мене отсекогаш бил многу илустративен примерот на Сингапур со гумите за џвакање. Во јануари 1992 година таму е воведена забрана за продажба и користење гуми за џвакање. Секое прекршување на прописот е казнувано со казна од 500 до 1.000 американски долари, со тоа што казните се дуплирале за повторување на прекршокот. Дванаесет години подоцна, во март 2004 година овој пропис е делумно релаксиран. Дозволено е да се користат гуми за џвакање, но само како производ за дентално здравје и за одвикнување од пушење. Затоа можат да се купат само во аптека, со презентирање на документ за лична идентификација. Ако аптекарот направи злоупотреба добива казна од 3.000 американски долари и две години затвор. Некој ќе рече, па ова се драконски казни. Веројатно, но владата на Сингапур пресметала дека финансиската штета од корстењето гуми за џвакање изразена преку трошоците за чистење на јавните површини и објекти, оштетувањето на опремата за чистење, итн. надминува било каква корист.

Да се вратиме на проблематиката на казните во Македонија. Пред повеќе од четири години, кога бев активен во политичкиот живот, во една тогашна програма за избори, внесов три работи во врска со казните. Прво, дека треба да се афирмира можноста за опомена. Второ, дека висината на казната треба да биде усогласена со бројот на повторувања на прекршокот. Притоа, тогашниот актуелен износ на казна предлагав да се преполови за секоја прва казна, а за секое повторување на прекршокот секоја наредна казна да биде за 10% повисока од претходната. Трето, висината на казните да биде усогласена со големината на приходите на фирмите.

Се случи и тоа. Владата и парламентот донесоа сет мерки со кои се менува казнената политика за фирмите и генерално се намалуваат казните. Во иднина висината на казната за направен прекршок за секоја фирма во Република Македонија ќе зависи од три критериуми: од големината на вкупните годишни приходи на фирмата, од нејзиниот број на вработени и од историјатот на фирмата во однос на казните, дали претходно била казнувана или не. Накусо кажано, отсега натаму висината на казните ќе биде во линија со економската моќ на секој економски субјект.

Намалувањето на висината на казните и нивното сообразување со одредени параметри карактеристични за секоја фирма е добар потег и јас го поздравувам. Овој чекор ќе внесе повисок квалитет во бизнис амбиентот на македонската економија. На крајот на краиштата, не е пресудно кој ја предложил или ја направил промената, најважно е дека таа е направена.

НЕМА ОПШТЕСТВО ВО КОЕ СИТЕ СЕ РОДИЛЕ ДЛАБОКО СВЕСНИ И СО ПОТРЕБНАТА ДИСЦИПЛИНА. ПОТРЕБЕН БИЛ ПЕРИОД, ПО ПРАВИЛО НЕ КРАТОК, ВО КОЈ КАЗНИТЕ ЈА ОДИГРАЛЕ СВОЈАТА УЛОГА ЗА ПРОДЛАБОЧУВАЊЕ НА СВЕСТА НА ГРАЃАНИТЕ И ФИРМИТЕ ЗA ПОЧИТУВАЊЕ НА ПРОПИСИТЕ. ДИЛЕМАТА ОТСЕКОГАШ БИЛА КАКО ДА СЕ НАЈДЕ СООДВЕТЕН БАЛАНС ВО КАЗНЕНАТА ПОЛИТИКА, КАКО ТАА ОД ЕДНА СТРАНА ДА КАЗНУВА, А ИСТОВРЕМЕНА ДА БИДЕ ПРАВИЧНА И НЕ ПРЕКУМЕРНА

Но, да се вратиме на суштината на концептот на казните. Казнената политика на една земја во однос на бизнис секторот треба да обезбеди работењето на економските субјекти да биде законско, усогласено со прописите. А, прописите имаат како крајна цел да го уредат амбиентот на работење и да воспостават основи за рамноправен натпревар помеѓу пазарните учесници. Притоа, систематизираниот пристап кон ова прашање треба да обрне внимание на најмалку два аспекти.

Првото суштинско прашање кај казнената политика е дали постоела намера за изигрување на прописите. Тоа може да се утврди со соодветна анализа на сите релевантни елементи. Постоењето или отсуството на намера за изигрување на прописите треба исти прекршоци да ги стави во сосема различни категории. Во ситуација кога во Македонија има огромен број фирми кои се многу мали и имаат екстремно ограничени ресурси за водење на бизнисот веројатноста тие да направат ненамерна грешка е прилично висока. Значи, при казнувањето акцентот мора да се стави на санкционирање на намерата.

НАМАЛУВАЊЕТО НА ВИСИНАТА НА КАЗНИТЕ И НИВНОТО СООБРАЗУВАЊЕ СО ОДРЕДЕНИ ПАРАМЕТРИ КАРАКТЕРИСТИЧНИ ЗА СЕКОЈА ФИРМА Е ДОБАР ПОТЕГ И ЈАС ГО ПОЗДРАВУВАМ. ОВОЈ ЧЕКОР ЌЕ ВНЕСЕ ПОВИСОК КВАЛИТЕТ ВО БИЗНИС АМБИЕНТОТ НА МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА. НА КРАЈОТ НА КРАИШТАТА, НЕ Е ПРЕСУДНО КОЈ ЈА ПРЕДЛОЖИЛ ИЛИ ЈА НАПРАВИЛ ПРОМЕНАТА, НАЈВАЖНО Е ДЕКА ТАА Е НАПРАВЕНА

Следствено, важна улога треба да има институтот опомена. Тоа е едукативната функција на казнената политика која што треба на одреден начин да делува и превентивно, односно да мотивира грешката да се коригира и прекршокот да не се повтори во иднина. Истовремено, современата технологија овозможува надлежните државни органи да водат електронска евиденција за опомените и прекршоците за секој правен субјект.

Ако и после добиената опомена фирмата го повтори прекршокот, тогаш веќе нема случајности, едукативната функција на опомената не дава резултат, јасно е дека постоела намера за непочитување на прописите. Штом е констатирана таква намера, тогаш треба да се примени казна. Уште повеќе, ако непочитувањето на прописите и казните се повторуваат, тогаш и казната треба скалесто да се зголемува при секое наредно казнување.

Втор аспект што треба да се има предвид кај казнената политика е дека принципиелноста и ригорозноста во имплементацијата на казнената политика мора да се применуваат дисциплинирано и без исклучоци. Само така ќе се оневозможат бескрупулозните фирми да го пореметат пазарот и ќе се спречи создавање и функционирање на нелојална конкуренција кон сите оние фирми што правилно работат и ги применуваат стриктно прописите, апсорбирајќи ги притоа и сите трошоци за водење на бизнисот што одат рака под рака со тоа.

Да резимираме. Нема општество во кое сите се родиле длабоко свесни и со потребната дисциплина. Потребен бил период, по правило не краток, во кој казните ја одиграле својата улога за продлабочување на свеста на граѓаните и фирмите зa почитување на прописите. Дилемата отсекогаш била како да се најде соодветен баланс во казнената политика, како таа од една страна да казнува, а истовремена да биде правична и не прекумерна.

Во основа, јас потегот на Владата околу казните не сакам да го гледам како предизборен маркетинг за политички цели. Сакам да го гледам како сериозен економски потег од кој корист ќе имаат сите кои веруваат во здрава конкуренција, во добро уреден економски амбиент и бескомпромисна примена на прописите. На долг рок, таа верба и дисциплина е добра за сите. Така се гради добар систем.

ПРЕПОРАЧАНО