Економија

Светската економија, до вакцината и по неа

Никола Поповски

универзитетски професор, Факултет за економски науки, ФОН Универзитет

Многу важни и влијателни луѓе на планетава сметаат дека светот, општествата и економиите пред и по пандемијата на ковид-19 нема да бидат никогаш исти, односно ќе се различни. Оттука можеби станува многу битно да можеме уште денес да препознаеме какви ќе бидат тие во иднина и како понатаму ќе се развиваат за да можеме денес да носиме квалитетни и издржани одлуки. Се чини дека цивилизацијата сега е на една од своите пресвртни точки во општествената еволуција и западната е во многу непознати и нерешливи проблеми. Карактерот на вирусот, со своите целосно различни својства од сите познати досега, ја направи цивилизацијата несигурна и неподготвена да даде ефикасен краткорочен или барем видлив одговор. Останува само едно единствено решение за да можеме да го продолжиме патот на нормалниот живот, а тоа е она класичното – да се пронајде вакцина за вирусот, а дали таа ќе е сезонска или трајна е помалку битно.

Предвидувањата за неа пак се различни, од оние дека некои ќе успеат да ја направат брзо, односно за неколку месеци, преку таквите како Б. Гејтс што сметаат дека се потребни најмалку 18 месеци, па до оние што не се оптимисти дека тој процес може да се случи пред истекот на најмалку две или повеќе години. Во секој случај важно е да се нотира болната вистина дека сите досегашни напори за вакцината се национални, особено на големите држави и економии и дека не постои буквално никаква регионална или меѓународна соработка на повеќе земји за откривање на вакцината, како што е тоа случај, на пример, со постојните вселенски програми (Мир), заеднички безбедносни програми (протоколи за дигитална безбедност) или заеднички меѓународни напори за спречување на перење пари. Напротив, се добива впечаток дека главните носители на ваквите можности во светот имаат остар компетитивен натпревар во врска со тоа кој е поспособен сам да се справи со пронаоѓањето на вакцината.

Таа, пак, вакцината, еден ден секако ќе ја имаме. Прашањето е само дали по неа, во економска смисла, светот ќе продолжи да го живее животот што со векови го усовршуваше или ќе започне од некоја сосема друга, изместена и накривена позиција. Поверојатно е второво. Не затоа што тоа сите или некои ќе го сакаат, туку затоа што нема да е можно сè да продолжи таму каде што застана кога се појави пандемијата. Овие неколку месеци светската економија доживеа страшни шокови и справувањето со нив ќе е многу споро. Прво, довербата во функционирањето на мешаните економии со неподнослива леснотија на постоењето според принципите на пазарна регулација со повеќе или помалку државен интервенционизам се ближи кон пресвртна точка. Пазарните механизми недвојбено немаат ни најмала можност да се справат со пандемиите или со нивните економски последици. Државата со својот интервенционизам, поголем или помал, поефикасен или понеефикасен сепак барем ја има таа шанса. Затоа по вакцината претпазливоста ќе ја остави државата на централно место со својата моќ да ги регулира различните пазари или да ги истисне целосно во голем број на дејности. Второво како тенденција се заканува да остане зацврстено заедно со нуспојавата таа да ја зајакне и вкупната политичка контрола врз општеството.

Досегашната светска невработеност од околу 6 до 6,5 отсто може слободно да се придвижи кон 9 до 10 отсто и да се зацврсти на тоа ниво за подолго. Заедно со неа може да се случи да порасне и нивото на сиромаштијата, а просечното ниво на животниот стандард да опадне

Второ, економиите ќе мора сериозно да се преструктурираат. Некои дејности ќе добијат и ќе задржат многу повисоко место од она што го имаа пред пандемијата, а некои ќе бидат големите губитници. Во првите секако е здравството. Тоа досега учествуваше со околу 5–8 отсто од БДП во земјите со среден и со околу 9–11 отсто кај земјите со висок доход (во ЕУ, на пример, со 10 отсто). САД од секогаш биле исклучок со над 16 отсто учество на здравството во БДП заради нивниот општествено неефикасен здравствен систем и за да го одржи здравјето на населението на потребното ниво за најголемата и една од најразвиените економии во светот мора да потроши многу повеќе пари од ефектите што ги добива. Имено, здравството, како и веројатно науката ќе бидат големите добитници, а некои дејности што неколку децении брзо се развиваа, како на пример туризмот, културата или глобалниот транспорт ќе бидат големите губитници. Конечно, структурата на економијата во светот ќе се промени.

Трето, меѓународната економска соработка е голем губитник. Либерализацијата на трговијата на стоки и услуги, од една, и на производните фактори, особено на капиталот и технологијата, како и на трудот, од друга страна, донесоа растечка глобализација. Меѓународната трговија со стоки и услуги веќе седум децении расте со годишна динамика која е речиси двојна од онаа на растот на светскиот БДП, а растот на СДИ е побрз од стапките на раст на националните стапки на инвестирањето, што укажува на зголемена мобилност на капиталот и експанзија на глобализацијата. Тоа доведе и до растечка регулација и конвергенција на одредени системи на глобално ниво. Оваа тенденција се чини дека завршува на неодредено време. Меѓународната трговија ќе стагнира или споро ќе расте и ќе се компензира со зголемен национален протекционизам (кој за волја на вистината започна и пред пандемијата), што ќе доведе до прекинување на одредени вериги на снабдување и пласман во производните процеси и барање на алтернативни, домашни или микрорегионални супститути. Глобализацијата, секако, ќе е голем губитник на подолг рок.

Четврто, пандемијата донесе одредени минорни нивоа на растечка хуманитарна помош во светот, но и растечки економски „војни“, особено меѓу моќните економии. Натпреварот во рамките на „тријадата“ САД – ЕУ – Кина и суштинското намалување на улогата на Јапонија во светската економија ќе зајакнат, а соработката ќе се намали. Тоа може да донесе трговски, но и финансиски, технолошки и други затегнати натпревари меѓу нив, што е неизбежно, но не е во корист на светската економија.

Петто, постпандемиската светска економија на среден рок може да се соочи со задржување на релативно висока стапка на невработеност над т.н. природна стапка и да се појави феноменот на хистерезис, односно во услови на економска експанзија невработеноста да опстојува на претходното повисоко ниво. Досегашната светска невработеност од околу 6 до 6,5 отсто може слободно да се придвижи кон 9 до 10 отсто и да се зацврсти на тоа ниво за подолго. Заедно со неа може да се случи да порасне и нивото на сиромаштијата, а просечното ниво на животниот стандард да опадне.

Конечно, можно е да се предизвикаат и сосема нови сфаќања и навики за промена на класичната работа кон работа од дома, парк, природа, па дури и одмор, особено на услужниот сектор, што одамна надмина 50 отсто во формирањето на БДП и вработеноста, а кај земјите од ОЕЦД и над 75 отсто, додека пак единиците за производство на материјални добра да завршат со сосема нови организациски и технолошки решенија во врска со пристапот, хигиената, заштитата од работа и начин на комуникации во процесот на производство.

Сè на сè, може да се случат многу неочекувани и непредвидливи промени, но дека сè ќе остане по старо е невозможно. Впрочем тоа не е ни добро.

(Економија и бизнис, електронско издание, мај 2020г.)

ПРЕПОРАЧАНО