Економија
Евростат – царството на статистичките податоци
Мирче Јовановски
авторот е новинар
„Економија и бизнис“ ви ги претставува институциите на Европската Унија со седиште во Луксембург
Евростат не ги собира податоците – тоа го прават земјите членки на ЕУ. Улогата на Евростат е да ги консолидира таквите податоци и да осигури дека тие се споредливи, применувајќи хармонизирана методологија.
„Статистиката не се само бројки. Тие можат да раскажат приказни и да предизвикаат чувства“ – вака, пред околу година и пол по повод Европскиот ден на статистиката, 20 Октомври, Евростат се обиде да ги поттикне обичните луѓе да направат „прошетка“ низ бројките и податоците, огромниот океан со кој располага статистичкото биро на Европската Унија. Па така, на овој начин, заинтересираните можеа да дознаат дека 1,5 милиони патници претходната година летале од ЕУ до Јужна Африка, дека седум од десет лица во ЕУ поседувале недвижност... Или, на пример, дека ЕУ извезла речиси 600 тони природен песок (дали тоа значи дека има и вештачки?!) во Катар. Или, пак, дека 88 илјади тони сладолед од ЕУ „отпатувале“ на пазарите во трети земји, дека домаќинствата во ЕУ во ресторани потрошиле 7 отсто од нивните вкупни трошоци... Покрај ваквите по малку забавни податоци, има и други кои поттикнуваат на поинаков начин на размислување и чувства како на пример дека 25 отсто (или секое четврто) од децата во Унијата било во ризик од сиромаштија или дека во 2016 година во ЕУ биле испуштени 931,5 милиони тони стакленички гасови во атмосферата од транспортните возила како автомобили, возови и авиони...
Статистиката, на некој начин, е срцето на секоја држава. Донесувањето на клучни економски, па и политички одлуки во голема мера зависи од обемот, квалитетот и веродостојноста на собраните податоци и од нивната понатамошна обработка, анализа, достапност и презентирање.
Демократските општества не можат да функционираат правилно без цврсти основи на веродостојна и објективна статистика
Тоа во Европската Унија го знаат многу добро и затоа работите не ги оставаат на случајот или на импровизација.
Во „личната карта“, која може да се најде и на интернет, а беше презентирана и за време на традиционалните „Денови за медиумите“ што се одржаа во декември во Луксембург, стои дека Евростат е статистичкото биро на Европската Унија, чија мисија е да обезбеди висококвалитетни статистички податоци.
Но, она што е посебно интересно е што Евростат не ги собира податоците.
„Тоа го прават земјите членки на ЕУ, поточно нивните национални статистички институции кои ги верификуваат и ги анализираат националните податоци и ги испраќаат до Евростат. Улогата на Евростат е да ги консолидира таквите податоци и да осигури дека тие се споредливи, применувајќи хармонизирана методологија“, беше соопштено на презентацијата.
Покрај исполнувањето на својата мисија, Евростат ги промовира следниве вредности: почитување и доверба, поттикнување извонредност, промовирање иновации, ориентација кон услуги, професионална независност. За квалитетот на она што го работи, оваа институција го доби признанието на Европската фондација за управување со квалитет „Посветеност кон извонредност“ во ноември 2016 година.
Клучната задача, како што велат во Евростат, е да ги обезбедат статистичките податоци за Европската Унија на европско ниво со кои се овозможуваат споредби меѓу земјите и регионите.
„Демократските општества не можат да функционираат правилно без цврсти основи на веродостојна и објективна статистика. На носителите на одлуки во ЕУ, во земјите членки, во локалните самоуправи и во компаниите им е потребна статистиката за да ги донесат тие одлуки“, велат во Евростат.
Од друга страна, како што додаваат, на јавноста и на медиумите статистика им е потребна за точната слика за современото општество и за проценка на перформансите на политичарите и другите учесници во општествениот живот или во бизнисот.
„Се разбира, националната статистика е сè уште важна за национални цели во земјите членки, додека статистиката на ЕУ е од суштинско значење за одлуките и проценката на европско ниво“, велат европските статистичари.
Статистиката може да одговори на многу прашања. Дали општеството оди во насока која ја ветиле политичарите? Дали невработеноста расте или се намалува? Дали има повеќе емисии на јаглероден диоксид во споредба со периодот пред десет години? Колку жени одат на работа? Како функционира економијата на некоја земја во однос на другите земји членки на ЕУ?
„Меѓународната статистика е начин за запознавање на соседите на земјите членки и земјите надвор од ЕУ. Тоа е важен, објективен и конкретен начин на мерење на начинот на кој сите живееме“, посочуваат од Евростат.
Равенката, како што велат, е едноставна: статистика на која ѝ се верува плус информирани Европејци е еднакво на подобри одлуки.
ПРОМЕНЕТА УЛОГА
Евростат е основан во 1953 година за да ги исполни барањата на Заедницата за јаглен и челик. Со текот на годините, задачата се прошири и кога беше основана Европската заедница во 1958 година, оваа институција стана Генерален директорат (ГД) на Европската комисија.Денес Евростат е дел од портфолиото на Паоло Гентилони, комесарот за економија. Клучна улога на Евростат е да доставува статистички податоци на другите генерални директорати и за Европската комисија и за другите европски институции да обезбеди податоци за да можат да ги дефинираат, да ги имплементираат и да ги анализираат политиките на Заедницата. Евростат нуди цела низа важни и интересни податоци кои можат да ги користат владите, деловните субјекти, образовниот сектор, новинарите и јавноста за својата работа и во секојдневниот живот. Со развојот на политиките на Заедницата, улогата на Евростат се смени. Денес собирањето податоци за Европската монетарна унија и развојот на статистички системи во земјите кандидати за членство во ЕУ се поважни од пред десет години.
Сепак, не одело сѐ како подмачкано во историјата на оваа важна институција на ЕУ. Тоа можеби најмногу беше видливо во 2010 година кога по критиките како се справува со фалсификуваните грчки податоци, Евростат издаде извештај со цел да ги оправда своите постапки.
Подоцна, обраќајќи се по повод 20-годишнината на Европската монетарна унија, на 19 јуни 2019 година, тогашниот претседател на Европската комисија, Жан Клод Јункер, во една од, како што ги нарече, шесте историски лекции, зборуваше и за овој период допирајќи го и делот на статистичките податоци, односно на Евростат. Во октомври 2009 година грчката влада призна дека официјалната статистика со години погрешно ги претставуваше реалните долгови и дефицити. Грчката влада ја ревидираше прогнозата за дефицит во 2009 година од 3,7 отсто на 12,7 отсто од БДП. Конечната бројка беше над 15 отсто. Слично на тоа, бројката за долгот на грчката влада на крајот на 2009 година се зголеми од 272 милијарди евра на 301,1 милијарди евра, со најголем однос на долг кон БДП за која било земја на ЕУ.
„Вистината е дека Евростат испрати 10 делегации во Атина со цел подобрување на веродостојноста на грчката статистика од 2004 до 2010 година. Сепак, земјите членки со години се спротивставуваа на построгите правила на ЕУ за статистиката, премиерите, министрите за финансии, владите тврдеа дека националниот суверенитет бил поважен од доверливите и компаративни податоци“, изјави Јункер, прифаќајќи и свој дел од одговорноста бидејќи, како што рече, гласал против предлогот на Комисијата да се даде поголема моќ и поголема независност на Евростат.
„Тоа беше голема грешка. Ако ја направевме вистинската работа, никогаш немаше да ја доживееме грчката криза, барем не во толкав обем“, рече Јункер.
Низ овој пример најдобро може да се види зошто на секоја земја ѝ е потребна веродостојна и независна институција која ќе ги обезбедува статистичките податоци. А кога е во прашање заедница како ЕУ, каде што многу работи се испреплетени, таквата потреба е уште поголема.

И покрај тоа што не ги собира податоците, Евростат не е мала институција. Во неа, во седиштето во Луксембург, работат повеќе од 800 луѓе. Оперативниот буџет со кој располага Евростат е речиси 60 милиони евра и се користи за спроведување на Европската статистичка програма. Покрај сопствениот буџет, Евростат добива и дополнителни средства од други генерални директорати.
„Ние се обидуваме да дојдеме до заеднички статистички јазик кој опфаќа концепти, методи, структури и технички стандарди“, велат од Евростат.
Како се одвива ваквата постапка во практика? Податоците од земјите членки се собираат и ги верификуваат и анализираат националните статистички организации.
„Улогата на Евростат е да ги консолидира податоците и да обезбеди тие да бидат споредливи, користејќи усогласена методологија. Евростат е всушност единствениот давател на статистика на европско ниво и податоците што ги издаваме се усогласуваат колку што е можно повеќе“, велат од Евростат.
Како пример ги наведуваат податоците за невработеноста за која, како што велат, е важно да се имаат точни и прецизни сознанија. Поради тоа е важно во сите земји членки бројот на невработените лица да се евидентира на ист начин. Во таа насока, Евростат работи со земјите членки за да дефинира заедничка методологија за невработеноста, било да станува збор за Германија и за Холандија, за Португалија или за некоја од балтичките земји. Во таа насока бара од земјите членки да вклучат соодветни прашања при собирање на националните податоци. Потоа тие се испраќаат до Евростат, по што се објавуваат податоците за невработеноста во ЕУ кои можат да се користат за споредување на стапките на невработеност меѓу одделните земји. Слично е и со другите економски показатели кои ги обработува и кои се достапни на интернет-страницата на Евростат. Станува збор за податоци поврзани со економијата и финансиите (БДП, инфлација, јавниот долг...), за населението и за условите во општествата (невработеност, здравство, образование, сиромаштија, приходи, миграции...), за состојбите во индустријата, трговијата и услугите (обрт, број на претпријатија, туризам, производство...), меѓународната трговија (извоз, увоз), енергија и животна средина (електрична енергија, обновливи извори на енергија, емисии на штетни гасови, загадување), земјоделство, шумарство и рибарство (број на фарми, приноси, шуми...), транспортот (бродови, патници, стоки, авиосообраќај, патишта...), како и наука, технологија и дигитално општество (истражување и развој, истражувања, интернет...).
Или, како што велат во Евростат, нивната улога во целиот овој процес е да обезбедат податоците да бидат споредливи бидејќи, како што додаваат во шега, јаболката треба да се споредат со јаболка, а не со круши…
(Економија и бизнис, електронско издание, април 2020г.)