Економија
Македонската економија во време на кризи
Никола Поповски
универзитетски професор, Факултет за економски науки, ФОН Универзитет
Историјата на македонската економија во периодот од независноста, де факто, може да се опише и како историја на зачестени економски кризи, поточно рецесии, придружени со посткризни периоди на благо и нецелосно заздравување на економијата кое повторно завршува со нови рецесиски кризи. Тоа е една од главните причини што економската состојба во овие 3 децении значително не се подобри, а животниот стандард на населението постојано ползи по земја со цик-цак правец на движење. Со право може да се каже – да, така е, но тоа е всушност историјата и на сите други пазарни капиталистички и посткапиталистички економии за кои човештвото уште од пред два и пол векови, па и повеќе има уредна статистика. Тие редовно и повторливо, иако не и со правилна математска периода, влегуваат во рецесии, па во постепено или побрзо извлекување од нив и потоа во полет и експанзија сè додека во одреден непредвидлив, но неизбежен период не влезат во нова рецесија. Македонија не е исклучок од ова.
Таа е можеби еден од оние примери и исклучоци каде што периодите на рецесија и не траеле премногу долго, но затоа пак ниту периодите на експанзија не биле многу динамични и иако понекогаш траеле и нешто подолго, тоа било со прилично анемична стапка на економски раст, што не успевале да ја придвижат економијата на значително повисоко ниво од преткризното. Убав исклучок, иако и за него може да има долга дебата зошто е тоа така, е петгодишниот период 2004–2008 година кога економијата имаше одржлива и динамична стапка на раст со годишен просек од високи 5,3 отсто. Секако, од аспект на тоа дали и тој период бил кризен или не, може да се има сериозна забелешка бидејќи иако економијата за пет години кумулативно се зголеми за дури 29,45 отсто, сепак стапката на невработеност остана на просечно ниво од околу 34–35 отсто, што е превисоко за да може се каже дека економијата не е во криза или е на патот на излез од неа.
Инаку, формално гледано, македонската економија, мерено според стапката на раст на БДП на годишно ниво, која и покрај сите мали недостатоци сè уште претставува најрелевантен и најприфатлив глобален индикатор за да се оцени дали една економија е во рецесија или експанзија, од 1993 година до денес поминала во рецесија вкупно шест години (1993–1995; 2001; 2009 и 2012), односно во просек секоја петта/шеста година и оваа 2020 година ќе е седмата година со рецесија која, веројатно, ќе е подлабока од 4 до 5 отсто.
Но, тоа што е уште поважно е дека со погоре наведениот исклучок 2004–2008 година и периодот 1999–2000 година во кој растот барем го надмина нивото од 4 отсто, во сите други 14 години на економски раст практично нема ниедна година во која експанзијата на економијата била со стапка која ја допрела границата од 4 отсто, а постојат многу години со раст под 2 отсто (1996, 1997, 2002, 2017) или под 3 отсто (2003, 2011, 2013, 2016, 2018). Таквото наше досие од аспект на економскиот раст и динамика не е за пофалба и покрај тоа што некои од рецесиите беа предизвикани од сериозни неекономски фактори (оние до 1995 година и во 2001 и 2020 година), но современата макроекономија и нејзините истражувања одамна во себе ги вклучуваат и неекономските фактори како многу важни, особено оние од институционална природа за кои се покажа дека со нивното добро или лошо управување се врши сериозно, ако не и пресудно влијание врз економските преформанси на земјата (D. Acemoglu and J. Robertson, 2012). Особено е загрижувачки податокот дека македонската економија последен пат забележала раст повисок од 3,9 отсто пред цели 12 години и како што сега стојат работите, уште години ќе ни требаат да почекаме на повисока стапка.
Капацитетот на нашава економија автономно, преку правилно и очекувано функционирање на пазарниот механизам (функционална пазарна економија), потпомогнато со владината регулација и интервенционизам, да се извлекува од кризните циклуси е многу мал, дури и незначителен. Наспроти тоа, од една земја на европскиот континент со високо средно ниво на доход според класификацијата на СБ, секако би се очекувало да има посоодветен капацитет за справување со кризи на подолг рок
Од друга страна, македонската економија, освен движењето на стапката на раст на БДП и невработеноста, постојано покажува и многу други знаци за постоење на подлабока и структурна криза во економијата: структурата на економијата која има ниска технолошка опременост и високо учество на традиционалните дејности од материјалното производство (земјоделството околу 9 отсто, индустријата и енергетиката околу 19 отсто, градежништвото околу 5,4 отсто, со превисока вработеност во овие три дејности од околу 42–45 отсто од вкупната вработеност); релативно ниско е нивото на квалификуваност и образование на работната сила; релативно ниски се стапките на домашно штедење и инвестиции од околу 25–28 отсто, што само во последниве 5 години ја надминаа границата од 30 отсто од БДП; СДИ се само неколку проценти од БДП годишно; перформансите во надворешната трговија се скромни со изразен трговски дефицит што се стабилизира на близу дваесетина отсто од БДП; кредитниот раст најчесто е едноцифрен, постојат фискални слабости и дефицити со тенденции на растечки дефицити (3–4 отсто од БДП) и јавен долг што се чини дека брзо ќе ја надмине критичната граница од 60 отсто од БДП итн. (податоци според ДЗС, НБ и МФ, 2020).
Сето ова покажува дека капацитетот на нашава економија автономно, преку правилно и очекувано функционирање на пазарниот механизам (функционална пазарна економија), потпомогнато со владината регулација и интервенционизам, да се извлекува од кризните циклуси е многу мал, дури и незначителен. Наспроти тоа, од една земја на европскиот континент со високо средно ниво на доход според класификацијата на СБ, секако би се очекувало да има посоодветен капацитет за справување со кризи на подолг рок.
Можеби една од причините што ја поттикнува ваквата анемична состојба е и тоа што економската политика во земјава во најголем број на случаи во изминатиов период се води на професионално ниво што е под неопходното, а не постојат или се сосема минорни и механизмите на т.н. автоматски стабилизатори во економската политика, особено даночната и буџетската. Затоа огромен дел од мерките што најчесто се преземаат се од доменот на т.н. мерки на дискреционата политика што даваат ограничени резултати бидејќи во македонски услови тие се крајно арбитрарни и неефикасни, токму како и сега со здравствена криза со огромно влијание врз економијата. Со ваквата состојба на поставеност на системот веројатно донекаде би биле задоволни економистите со неокејнзијанска провиниенција и би очекувале подобри мерки, но оние од неолибералната школа и особено од австриската школа би биле згрозени. Затоа во Македонија мора да се потсетиме на старата и добро позната економска ортодоксност и да се размислува за базично поинаква поставеност на сегашниот економски систем и политика што ќе ја форсира економијата според класичниот принцип на Смит – на слободниот пазар секој да „има намера само за сопствена добивка“ и со тоа секој да е доведен во позиција да „нужно работи за да овозможи годишниот приход на општеството да биде што поголем“, најчесто и не знаејќи дека „промовира нешта што не биле дел од неговата намера“ (A. Smith, 1776).
Рецесијата од 2009 година, на пример, немаше никакви неекономски примеси во себе, но иако го имаме товарот на мала, хиперспецијализирана и отворена економија, поради лош макроекономски менаџмент сè до денес не успеавме вистински да се извлечеме од неа и да се вратиме на патеките на растот од близу 5 отсто, а веќе сме втурнати, не по своја вина и не единствено ние, во сосема поинаква рецесија за која веќе никој во светот не го знае ниту крајот ниту идното заздравување.
(Економија и бизнис, печатено издание, јуни 2020г.)