Економија
Економските кризи во независна Македонија
Трајко Славески
универзитетски професор, Економски факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“
Последната декада од постоењето на Поранешната СФРЈ (1980–1989) ја одбележа сериозна и долготрајна економска и општествена криза која кулминираше со крах на економскиот систем и распад на федерацијата. Економската криза се продлабочи во првите неколку години независност на земјава. Транзицијата кон пазарна економија беше проследена со феноменот присутен во сите поранешни социјалистички земји своевремено означен како транзициска рецесија. Актуелнава економска рецесија е предизвикана како последица од глобалната пандемија на болеста ковид-19 и сѐ уште е рано да се проценат нејзиниот тек и последици. Меѓу овие две кризи, Република Македонија се соочи со уште два силни удари кои ја втурнаа економијата во рецесија. Првиот беше резултат на воениот конфликт од 2001 година, а втората рецесија настапи како резултат на последиците од глобалната финансиска и економска криза во периодот 2007–2009 година позната како Големата рецесија. Во продолжение следува краток компаративен приказ на овие епизоди од нашата понова економска историја со фокус врз причините, економските последици, како и одговорот со мерки на економската политика за ублажување на нивните негативни ефекти.
Во текот на последната декада од XX век, периодот 1990–1999 година, македонската економија помина низ длабока рецесија. Во шест од вкупно десет години стапката на раст на БДП беше негативна. Особено беа критични првите четири години кога БДП се намалуваше со стапки од -9,9 % (1990); -7,0 % (1991); -8,0 % (1992) и -9,1 % (1993). Просечната стапка на опаѓање на БДП во наредните две години изнесуваше околу -1,5 %. Пресвртна беше 1996 година со скромен раст од само 0,8 %. Кумулативниот пад на БДП достигна речиси една третина од нивото во 1989 година, а скромниот раст во втората половина од декадата го доведе нивото на БДП во 1999 година на 72 % од нивото во 1989 година. Според должината на економската рецесија, која се карактеризира како депресија, и кумулативната загуба на доход, Македонија се најде во групата поранешни земји кои настанаа со распаѓањето на Поранешниот Советски Сојуз.
Остриот пад на БДП за време на транзициската депресија во Македонија беше проследен со пораст на стапката на невработеност која надмина 30 % и со галопирачка инфлација. Причините беа објективни и субјективни. Во објективните спаѓаат: хаотичниот распад на СФРЈ и губењето на заедничкиот пазар; распадот на Советскиот Сојуз, а со тоа губење на пазарите во поранешниот Источен блок (СЕВ); проблемите со меѓународното признавање на земјава и блокадите од Грција и сл. Субјективни причини се: внатрешната политичка нестабилност во првите години по осамостојувањето; слабиот капацитет на институциите; проблемите со законито и ефикасно спроведување на сопственичката трансформација „заробена“ од политичките и бизнис-елити од поранешниот систем; отсуството на структурни реформи во подолг период од започнувањето на транзицијата; многу спор развој на институциите на пазарната економија и сл. На денот на монетарното осамостојување, 26 април 1992 година, експертската влада усвои Антиинфлаторна програма со позитивни ефекти во борбата со хиперинфлацијата. Со членството во меѓународните финансиски институции, ММФ и Светска банка, кое беше обновено на почетокот од 1993 година, се создадоа услови за посериозна макроекономска стабилизација и забрзување на структурните реформи како предуслов за економски раст во наредните години.
На почетокот од 1999 година се почувствуваа знаци на забавување на економијата. Во месеците што следуваа земјава се соочи со бегалска криза од невидени размери. Како резултат на воените дејствија на територијата на тогашната српска покраина Косово, станавме привремен дом за околу 300 000 илјади бегалци. Овој шок сепак имаше позитивни ефекти за економијата како резултат на зголемената лична потрошувачка и хуманитарната помош што пристигна од разни страни. Стапката на раст на БДП изнесуваше солидни 4,3 %, инфлацијата беше многу ниска, буџетот балансиран, а дефицитот во тековната сметка од платниот биланс се намали на дотогаш најниско ниво од -1,8 %.
Воениот конфликт од 2001 година на брутален начин ја прекина тенденцијата на раст на македонската економија. Од 4,5 % раст во претходната 2000 година, во 2001 година беше забележан реален пад на БДП од -3,1%. Преткризната стапка на раст беше достигната дури во 2004 година. Буџетското салдо од суфицит премина во дефицит од безмалку 6 %
Воениот конфликт од 2001 година на брутален начин ја прекина тенденцијата на раст на македонската економија. Од 4,5 % раст во претходната 2000 година, во 2001 година беше забележан реален пад на БДП од -3,1 %. Преткризната стапка на раст беше достигната дури во 2004 година. Буџетското салдо од суфицит премина во дефицит од безмалку 6 %. Земјава обезбеди едногодишен мораториум во сервисирањето на надворешниот долг и за ублажување на буџетскиот дефицит воведе нов вид данок на финансиските трансакции. По смената на власта есента 2002 година, новата влада не успеа да обезбеди подобри услови во рамките на стенд бај аранжманот со ММФ за закрепнување на земјава. Беше применета остра фискална контракција, при што буџетскиот дефицит во само една година се намали од 5,2 % од БДП во 2002 година на 1 % во 2003 година. Наредната 2004 година буџетскиот дефицит се сведе на нула, а во 2005 година имаше суфицит од 0,2 %. Ваквата фискална контракција е нестандардна во економската теорија и практика и има висока економска и политичка цена. Според повеќе аналитичари, ваквиот пристап се смета за една од причините за поразот на владејачката СДСМ на парламентарните избори во летото 2006 година.
Во периодот 2006–2008 година економијата растеше со просечна стапка од над 5,5 %, а стапката на раст од 6,5 % во 2007 година е највисока во независната македонска држава. Високиот оптимизам кај економските субјекти беше следен со бум во кредитната активност, во услови на речиси балансиран буџет. Овој тренд беше повторно прекинат со настапот на Глобалната финансиска и економска криза. За нашата млада економија ова беше првата глобална рецесија. Извозот драстично опадна, што придонесе дефицитот во тековната сметка од платниот биланс да достигне 12,7 %. Меѓународните финансиски институции не понудија речиси никаква поддршка за справување со кризата во првите неколку години од нејзиното настанување.
Ниското ниво на јавен долг обезбедуваше значителен фискален простор за стимулативни антикризни мерки, но проблемите со финансирањето на дефицитот станаа акутни. Меѓународните финансиски пазари беа целосно замрзнати од септември 2008 година до почетокот на јуни 2009 година кога се издаде еврообврзница. НБРМ овој пат примени остра монетарна контракција. Референтната каматна стапка пролетта 2009 година достигна 9 %; замре кредитната активност, а монетарните агрегати М1 и М2, кои растеа со висока годишна стапка во изминатите неколку години, забележаа намалување од -4,1 и -14,3, респективно. Со негативна стапка на раст од -0,4 % во 2009 година влеговме во рецесија. Заздравувањето во наредните две години одеше бавно. Со повторниот пад на економијата за 0,5 % во 2012 година Македонија забележа рецесија со „двојно дно“. Последиците од шокот за време на Големата рецесија и Европската должничка криза останаа уште долго да се чувствуват.
За жал, со налетот на здравствената криза, предизвикана од новиот корона вирус, повторно влегуваме во рецесија со несогледиви економски и социјални последици. За среќа, овојпат меѓународните финансиски институции веќе ја испорачаа својата првична поддршка во вид на поволни кредити. НБРМ, за разлика од претходната рецесија, води релаксирана монетарна политика. Владата оваа криза ја дочека неподготвена и реагира со значително задоцнување во носењето антикризни мерки. Состојбата е сериозна и сѐ ќе зависи од успешноста со справување со пандемијата и повторното, макар и постепено, рестартирање на економијата.
(Економија и бизнис, печатено издание, јуни 2020г.)