Економија
Апсурдот на царинскиот протекционизам
Виктор Мизо
генерален директор на „Костал Македонија“
Конкретен пример
Прашањето за намалување на царинските стапки за увоз на одредени компоненти од трети земји во нашава земја се отвори во јавноста пред неполни 2 години, што не случајно коинцидираше со вжештената глобална дискусија за намалување на емисијата на штетни гасови и заштита на животната средина. За производителите на автомобили ова го означи почетокот на нова трка за електрификација на возилата, која кулминираше во актуелната глобална пандемиска криза. Автомобилскиот сектор учествува со над 50 % во македонскиот извоз, претежно насочен кон земјите членки на Европската Унија. Потребата за брза електрификација и преструктурирање на автоиндустријата ги насочи мултинационалните компании присутни во земјава да размислуваат за евентуални проекти поврзани со напредните технологии со висока додадена вредност на производите.
По долг период на разговори за оправданоста на намалувањето на царините, а по барање на Асоцијацијата на странските компании со технолошки напредно производство, поднесено директно до Владата во ноември 2019 година, Владата во декември донесе Одлука за времено намалување на царинските стапки за 12 од над околу 50 тарифни броеви. Притоа, иако Асоцијацијата бараше сведување на царините на ниво на европските, барањето беше само делумно уважено, намалување за 50 % во однос на важечките стапки, и наместо на трајна основа намалувањето беше со ограничен временски период на примена, за шест месеци, заклучно со 30.6.2020 година. Логиката зад ваквото половично решение останува енигма, но сепак и ова значеше извесен прогрес, иако поради намалениот обем на активности предизвикан од пандемијата, ефектите од мерката беа помали од очекуваните.
На 15.5.2020 година, Асоцијацијата достави ново барање до надлежните институции во кое, меѓу другите прашања, се бараше итно донесување нова одлука за целосно усогласување на царините за овие компоненти со истите компоненти во ЕУ. Барањето се базираше на претходните разговори со надлежните институции и искажаната волја по согледување на ефектите по првите 6 месеци да се разгледа целосно усогласување на стапките, како и проширување на опфатот со дополнителни тарифни броеви кои би биле во примена од 1 јануари 2021 година. Но, ништо од ова не се случи. Ниту мерката што важеше до крајот на првото полугодие не беше продолжена да важи до крајот на тековнава година.
Според анализите кои ги прави Асоцијацијата на странските компании со технолошки напредно производство, со поддршка на најголемата меѓународна финансиска институција, од обработените податоци за само една третина од компаниите произлегува дека тие би реализирале дополнителни инвестиции во земјава од над 250 милиони евра со најмалку 4 000 нови вработувања ако се усогласат царините
Поширок контекст
Зошто е сето ова важно? Со бирократски оправдувања насочени кон сериозни мултинационални компании се пропушти уште една шанса за подобро позиционирање на земјава во актуелниот глобален тренд на реалоцирање на доставувачите (Near shoring). Наместо времена мерка на 1 година или пак планирано и постепено намалување на царинските давачки, преку неколку последователни одлуки до сведување на европскотo ниво со што на среден рок би се балансирала транзицијата, т. е. загубата на буџетски прилив за државава од фирмите по основ на овие давачки, државава реши да ги задржи актуелните царински стапки. Во праксата на ЕУ, заради обезбедување непрекинат дотур на определени материјали за клучните индустрии каде што не постојат локални производители кои би се штителе со увозните давачки, се носат времени мерки за долги листи на производи на подолг период од 5 години за целосно укинување на царините (0 %). Од друга страна, кај нас се носат времени одлуки за намалување на царинските стапки иницирани по индивидуални барања на одредени компании чие работење има незначителен ефект за економијата во однос на тој што го имаат сериозните мултинационални компании, странски инвеститори во земјава.
Енормно високи се царините за увозот на компоненти за напредни производи што ја прави земјава неконкурентна како локација за инвестиции и ги прави неконкурентни ваквите производи во споредба со земјите членки на ЕУ или земјите од регионот. Доколку стапките во Македонија за овие 12 производи се од 8 % до 15 %, во земјите на ЕУ се движат од 0 % до 3,7 % На пример, за првиот од листата тарифни броеви, царинската стапка за увоз во ЕУ е 2,2 %, во Србија 8 %, а кај нас е 10 %. За другите тарифни броеви разликата е уште поголема.
Кај нас нема домашни компании кои произведуваат компоненти кои се вградуваат во производите кои се извезуваат. Автономните мерки се привремено решение за зајакнување на конкурентноста на компаниите што произведуваат технолошки напредни производи и би придонеле за поголема атрактивност на земјава при привлекување на нови компании со странски капитал од различни сектори. Според анализите кои ги прави Асоцијацијата на странските компании со технолошки напредно производство, со поддршка на најголемата меѓународна финансиска институција, од обработените податоци за само една третина од компаниите произлегува дека тие би реализирале дополнителни инвестиции во земјава од над 250 милиони евра со најмалку 4 000 нови вработувања ако се усогласат царините.
Краткорочните и парцијални времени мерки и нивното непродолжување и унапредување се рефлектираше многу негативно на перцепцијата на мајките фирми за Македонија како потенцијална дестинација за производство на најсофистицирани производи во автомобилскиот сектор, во контекст на можно идно проширување на постоечките производствени капацитети. Во последниве 12 месеци, најмалку 3 компании во земјава ги откажаа своите нови проекти и проширувања поради високиот трошок за царините. Неприфаќањето на барањето за намалување на царинските стапки во периодот по 30.6.2020 година, заедно со кризата настаната од пандемијата, претставуваат дополнителен удар за компаниите. Извесно е забрзано одлевање на тековните и идни проекти (инвестиции, вработувања, извоз) во други земји како Тунис, Мароко, Србија, Бугарија, Унгарија или земјите од Централна Европа. Уште повеќе, компаниите со напредно производство ќе бидат принудени да работат како македонските текстилни шивални со лон производители и привремен увоз, што ќе значи ново намалување на државните приходи.
Производствените процеси на многу од овие компании се повеќефазни и комплексни за тие да се сведат на лон производство, т. е. увоз поради облагородување. Во тој контекст, загубата од ваквото решение е на двете страни: компаниите ќе мора да воведуваат несоодветни процеси на увоз поради облагородување што не ја одразуваат нивната економска дејност во државава, а државава ќе ги изгуби буџетските приходи од постоечките царини кои би биле на ниво на ЕУ. Со ова и профитот на компаниите ќе се намали и потенцијалот за националната економија ќе остане неискористен. На пример, кај двете најголеми странски инвестиции во регионот на Битола и Кавадарци, со приближно ист број на вработени, поради различниот систем на увоз и царинење годишните приходи се со разлика 1 спрема 4 (1:4).
Ставот дека странските инвестиции во Македонија користеле огромни износи на државна помош и дека сега царинските давачки можеле исто така да се вклучат во тие договори за помош (како што се предлагаше во еден од дописите на Министерството за финансии) е паушален, несериозен и штетен. Доколку се спoредат бројките за доделена државна помош во последниве 5 години ќе се види дека земјава е многу далеку во споредба со просекот на ЕУ или пак со земјите од опкружувањето како Србија. На пример, просекот на учеството на државна помош во БДП во ЕУ за 2018 година е 0,76 %, во Србија 1,3 %, во Црна Гора 0,8 %, а во Македонија бил 0,4 %. Погрешен е ставот дека државната помош е единствената причина поради која странските компании инвестирале во земјава. Напротив, државната помош не е подарок, туку еден од повеќето услови поради кои воопшто имаме странски инвеститори во земјава. Таквата помош е поддршка за брзо и навремено реализирање на нивните планови во поглед на инвестирање и на вработување. Воедно, не сите странски инвеститори во земјава имаат добиено или користат државна помош. Оттаму предлогот за царинските давачки за увоз на компонентите како оперативни трошоци на компаниите да се вклучат во договорите за државна помош е спротивен на логиката и на основните правила за државна помош во Македонија и во ЕУ.
Ставот дека царините можат да се сменат на трајна основа само откако ќе станеме полноправна членка на ЕУ носи сериозни ризици за сегашниот, но и за идниот економски развој на земјава и диверзификацијата на производството
Бидејќи немаме локални доставувачи на овие компоненти, нема ниту кој да биде заштитен од домашните производители преку постојните повисоки царински стапки од тие во ЕУ. Патем, производите во кои увезените компоненти се вградуваат се 100 % пласирани надвор од земјава, во најголем дел во ЕУ. Конечно, нашава држава сака да стане дел од ЕУ и дел од Европската царинска унија. Имајќи го сето ова предвид, нерационално е за македонската економија да се одржуваат сегашните царински стапки за увоз на конкретните компоненти.
Со оглед на тоа што трошоците на компонентите за финалните високотехнолошки производи се повисоки и учествуваат позначајно во цената на чинење на производот, и царината пресметана на таквата вредност на увезените компоненти е значајна ставка што влијае на крајната цена на готовиот производ. Трошокот за царина што го имаат во земјава и е повисок одошто во ЕУ неповолно се одразува на конкурентноста на нивниот производ на светскиот пазар. Цената од одржување на постојната состојба може да биде висока за македонската економија. Ставот дека царините можат да се сменат на трајна основа само откако ќе станеме полноправна членка на ЕУ носи сериозни ризици за сегашниот, но и за идниот економски развој на земјава и диверзификацијата на производството. Расте опасноста производствените процеси во земјава да стагнираат и сѐ повеќе да се сведуваат на трудоинтензивни нископрофитабилни активности. Приливот на странски инвеститори нема да бележи раст како во другите земји од причина што нема да биде рентабилно производството на високотехнолошки производи поради високите царински давачки. Тоа ќе значи помалку работни места, сегашни и идни, пониска продуктивност и пониски плати.
(Економија и бизнис, печатено издание, јули/август 2020г.)