Економија
Гацов: Годината 2021 ќе биде „година на санирање“
Што очекуваат од 2021 година?
Павле Гацов, даночен советник:
Годината не е само отсечка на временската бесконечност. Имено, почетокот на годината ги дочекува остатоците од претходната, а крајот на годината го пренесува својот белег на следната година. Во ваков контекст, „преносот“ од 2020 во 2021 година е неизвесноста за јавното здравје, слабостите и ризиците во економијата, во една негативна врзана синергија. Но, освен неизвесноста и ризиците, крајот на 2020 година пренесува надеж и доза на позитивни очекувања по објавата на почетокот на вакцинацијата против корона вирусот.
Годината 2021 ќе биде „година на санирање“. Во првата половина на 2021 година, покрај посветеноста на јавното здравје (вакцинацијата пред сè), ќе се одвива и бавен процес на санирање (заздравување) на економијата. Во првиот квартал од 2021 година ќе забави падот во производниот и услужниот сектор, и консеквентно на санирањето на европската економија ќе заживува извозот.
Во вториот дел од 2021 година ќе започне анулирање на изгубеното во економијата и остварување на ниски стапки на раст кои ќе го повратат оптимизмот и ќе создадат услови за забрзување на растот. Стабилизирањето на економските текови и враќањето на патеките на растот ќе создадат услови за отворање на процесот на фискална консолидација и посветеност на вистинските структурни реформи, нагласувајќи ја дигитализацијата.