Интервјуа

Наумов: При крај се преговорите за нови 100 милиони евра од ЕИБ

Кире Наумов

Главен извршен директор на Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје

Господине Наумов, за почеток кажете ни нешто повеќе за „личната карта“ на банката.

К. Наумов: Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје годинава ќе одбележи дваесет и три години постоење. Банката е основана со цел да го поддржува и да го поттикнува развојот на македонската економија во согласност со стратешките политики, цели и приоритети на Република Северна Македонија и како единствен акционер во банката се јавува државата.
Развојна банка работи за остварување на основните задачи дефинирани со матичниот закон и она што ја прави специфична на пазарот е развојниот карактер и можноста за реализација на активности во свое име и за своја сметка и во име и за сметка на државата.
Во портфолиото на банката се доминантни кредитни производи за мали и средни домашни компании кои имаат потреба од поддршка во растот и извозно ориентираните компании. Покрај класичните кредитни производи, нудиме и осигурување на побарувања во земјата и во странство, факторинг, а од неодамна почнавме и со царинска гаранција.
Развојната банка во име и за сметка на државата врши активности со кои се реализираат проекти и програми на Владата на Република Северна Македонија како што се: бескаматните кредитни линии наменети за намалување на негативните ефекти од ковид-19, кредитни линии наменети за агросекторот и слично.

Веројатно, кога застанавте на чело на Развојната банка во 2019 година, не ни помислувавте низ што сè ќе мора да помине банката во 2020 година. Кога ќе се свртите наназад, што сè направи банката од почетокот на пандемијата со корона вирусот?

К. Наумов: Морам да кажам дека 2020 година беше динамична, и во негативна и во позитивна смисла, но ќе се фокусирам на позитивните работи поврзани со банката.
Банката разви и имплементираше четири нови производи, измени три постојни производи со цел прилагодување на потребите на компаниите, а тековно се работи на развој и на воведување на уште два производи.
Помина речиси една година откако банката го објави повикот за првата бескаматна кредитна линија како поддршка на домашните компании од секторите кои беа први на удар. Оттогаш се реализираа три бескаматни кредитни линии во вкупен износ од 44,5 милиони евра кои стигнаа до 4 илјади микро, мали и средни компании. Во текот на 2020 година се пласираа 63,7 милиони евра преку деловните банки за околу 200 компании по поволни каматни стапки. Секако, значително се зголеми обемот на кредитно осигурување и факторинг во споредба со 2019 година, што значи преземање на ризикот од неплаќање на купувачите на нашите клиенти и подобрување на ликвидноста во отежнати услови на наплата.

Дадоа ли резултат сите овие активности? Какви се реакциите на бизнис-секторот, на вашите клиенти?

К. Наумов: За реакциите кои пристигнуваат до нас и од она што имаме можност да го видиме или да го прочитаме во медиумите, станува збор за главно позитивни реакции на она што го понудивме и го реализиравме досега. Нормално и разбирливо, висината на очекувањата на приватниот сектор е правопропорционална со должината на здравствената криза предизвикана од ковид-19 поради што и 2021 година за банката ќе биде динамична.

Мислам дека малкумина знаат со колку мали ресурси е постигнато сето ова. Тоа е огромен товар, а истовремено и огромен успех. Како успеавте?

К. Наумов: Па да, ова што го постигнавме досега е со мали ресурси и во услови каде беше неопходно да се прилагодиме на ,,новата нормалност‘‘. Во банката службите вложија многу труд изминатава година, тука имаме и исклучително посветени професионалци, па и покрај тоа што банката првпат се соочи со ваков обем на директно кредитирање успеавме да поддржиме 4 илјади компании со 36 илјади вработени.
Во овој период внимателно менаџиравме со човечките ресурси со цел да обезбедиме непрекинатост на процесите, се прилагодувавме брзо, а и континуирано дигитализираме и автоматизираме процеси каде што е потребно. Денес можам да кажам дека ми е особено драго за сè што постигнавме во 2020 година од професионален аспект и што, еве, успеавме да одговориме на нивото на задачите што ни беа доверени.

Да се свртиме кон редовните активности на Развојната банка. Банката има портфолио на услуги што ги нуди. Да почнеме со извозниците. Какви услуги им нудите на извозниците?

К. Наумов: Поддршката и поттикнувањето на извозот се дел од нашата мисија и една од нашите основни задачи. Извозниците се во нашиот основен фокус и за нив РБСМ има производи што ги пласира индиректно преку деловни банки или директно.
Би почнал од кредитирањето со поволни каматни стапки кое им стои на располагање на извозниците преку деловните банки за финансирање на обртни средства за подготовка на производство наменето за извоз или за премостување на периодот од направениот извоз до наплатата на средствата од странскиот купувач. Тука е и можноста за директно кредитирање со 2% фиксна каматна стапка на компаниите кои извезуваат преработки на земјоделски производи или земјоделски производи.
Понатаму, тука се и кредитното осигурување за извозните побарувања на краток рок од комерцијални и политички ризици, како и извозен факторинг. Како нов производ кој го нуди банката е царинска гаранција за компании кои вршат увоз на материјали за облагородување и повторен извоз, кое го воведовме на почетокот на годинава.
Извозниците се таргетираат и со гаранциите од Гарантниот фонд кој очекуваме да се операционализира во следниот период штом се заврши собраниската процедура за законското решение.

Банкaта нуди и широка лепеза на кредитни производи. Што сè вклучува таа?

К. Наумов: Освен кредитите за поддршка на извозот, Развојна банка нуди кредитни производи за финансирање на инвестициите и развојот на малите и средни трговски друштва. Станува збор за кредити за трајни обртни средства со рокови на отплата до 3 години и за инвестиции со рокови на отплата до 12 години. Имаме и други кредитни производи, на пример за поддршка на земјоделството и агроиндустријата, производи за општините за реализација на проекти од ИПА-компонентата за прекугранична соработка, за поддршка на микро компании и други. Еден од нашите најбарани производи на пазарот се поволните кредити од ЕИБ-кредитната линија за кои каматната стапка во 2020 година беше до 1,6 % кон крајните корисници. Очекуваме со ваква или слична каматна стапка да може да ги пласираме средствата и во 2021 година.
Банката континуирано ги прилагодува и ги подобрува своите производи. Па така, во 2020 година за кредитните линии за поддршка на агроиндустријата направивме продолжување на грејс периодот, го зголемивме периодот на отплата и го намаливме износот на потребен колатерал.
Со оглед на настаните од последнава година предизвикани од ковид-19, Развојна банка заедно со Владата и со поддршка од Европската Унија и други донатори како јапонската влада беше меѓу првите развојни банки во регионот која започна со бескаматни кредитни линии како антикризна мерка. На овој начин поддржавме 4 илјади микро, мали и средни компании. Последнава, трета бескаматна кредитна линија која се реализира, има во себе и грант компонента од 30 % за компаниите кои ги исполнуваат условите.

Развојната банка има многу развиена соработка со меѓународни банки. Кажете ни нешто повеќе за обемот и начинот на соработка со нив.

К. Наумов: Соработката со меѓународните банки, странски кредитори и други меѓународни институции е на повеќе полиња. Како и повеќето развојни банки во светот, Развојна банка изворите за поддршка на приватниот сектор претежно ги обезбедува од меѓународни банки кредитори. Во моментов, наш најголем деловен партнер е Европската инвестициска банка (ЕИБ) со чија помош во последниве 11 години пласиравме 450 милиони евра до домашните компании преку комерцијалните банки. Преговорите за новите 100 милиони евра се на самиот крај. Собраниската процедура за заемот очекуваме да започне деновиве. Освен Европската инвестициска банка, Развојна банка соработува и со Германската развојна банка (KfW) со која се пласираат средства за микро бизниси.
Освен ваквата соработка, секако има и размена на искуства и ноу-хау со регионалните развојни банки, фондови и други финансиски институции. Во изминатиов период првпат соработувавме со ММФ која ни обезбеди техничка мисија заедно со ресорното министерство за поставување на одржлива кредитногарантна шема, а соработуваме и со Светска банка која ги споделува со нас најдобрите практики и искуства за практичната имплементација.

Една од услугите што ги нуди банката е т.н. кредитно осигурување. Со оглед на тоа што во домашната економија често е полесно да се продаде, а потешко да се наплати, ова би требало да биде важна услуга за македонските компании. Како функционира кредитното осигурување?

К. Наумов: Во денешната трговија најчест предуслов за реализирање на одреден договор е да се продава на отворено. Трговскиот натпревар, посебно на меѓународниот пазар, е премногу неизвесен. За да се поддржат македонските компании кои продаваат на отворено, без разлика дали се работи за странски или домашни купувачи, РБСМ врши осигурување на побарувањата на краток рок. Овој финансиски инструмент подразбира осигурување од комерцијални ризици, т. е. кога купувачот не плаќа поради неликвидност или стечај, и од политички ризици, односно кога купувачот не плаќа поради одредени случувања во земјата како војна, немири, укинување на дозволи, непочитување на договор, мораториум и слично. На крајот на првиот квартал од 2020 година, Развојна банка ја зголеми рочноста на побарувањата кои може да бидат осигурани и сега вршиме осигурување на побарувања од продажба на одложено плаќање со рок на плаќање до 360 дена.
Во 2020 година, и покрај генералниот пад на извозот, банката бележи раст на обемот кај осигураните побарувања за 33% споредено со 2019 година, што е еден индикатор дека компаниите сè почесто размислуваат за ваков финансиски инструмент кој им нуди заштита на паричните текови.

Претпоставувам дека во услови на пандемија и проблеми со ликвидноста, за компаниите е важно да знаат дека банката ја дава и услугата факторинг. Што им се овозможува на компаниите со факторингот?

К. Наумов: Факторингот како специфичен облик на краткорочно финансирање овозможува ликвидни средства за компаниите преку договор за отстапување на побарувањата со право на регрес. Факторингот комбинира кредитна заштита, регистар на побарувања, наплата на побарувања и финансирање за компаниите кои продаваат производи и услуги со одложено плаќање пократко од 180 дена. Побарувањата кои се предмет на факторинг треба да бидат осигурани од комерцијални ризици во РБСМ.
Кај факторингот ги направивме потребните промени за да може да се користи инструментот и во домашната трговија меѓу две домашни компании, што претходно не беше случај. Во условите на пазарот кои ги имаме сега, главните придобивки за компаниите од факторингот се подобрување на ликвидноста и подобрување на управувањето со побарувањата.

Банката има услуга и за извозници при увоз за облагородување. За што станува збор?

К. Наумов: Станува збор за финансиски инструмент што компаниите согласно важечката законска регулатива го доставуваат до Царинската управа како обезбедување за царински долг при увоз на материјали за облагородување и повторен извоз. Ова е нов производ кој го воведовме на почетокот од годинава, а е дел од економскиот сет мерки кои ги донесе Владата како поддршка за домашните компании кои вршат увоз на материјали за облагородување и повторен извоз. Такви компании најмногу имаме во текстилната индустрија, прехранбената индустрија, преработка на земјоделски производи и слично. За компаниите кои, според главната дејност, спаѓаат во преработувачката индустрија, максималниот износ за гаранција за царински долг е 390 000 евра, додека за другите мали и средни компании максималниот износ на гаранција е 250 000 евра. Гаранциите се со рок на важност до 12 месеци и со каматна стапка од 0,8 % годишно.

Да ја заокружиме сликата. Со оглед на тоа што Развојната банка е во сопственост на државата, што треба да направи државата за да создаде услови за уште посилен развој на банката? Да ја докапитализира, да овозоможи нејзино доекипирање, нешто друго? Која развојна банка на некоја друга земја може да се земе како добар пример и за нашата развојна банка?

К. Наумов: Во контекст на вашето прашање, мислам дека ќе се согласите дека во овој период Владата ја препознава улогата на Развојна банка и капацитетот кој треба да го има банката за да може да биде уште поголема поддршка на приватниот сектор. За првпат по деценија и пол Владата донесе одлука за зголемување на капиталот на банката за 3 милиони евра. Преку зголемувањето на капиталот де факто се зголемува можноста за директна поддршка на приватниот сектор која ние ја реализиравме преку воведувањето на царинската гаранција. Верувам дека нема да застанеме овде.
Секако дека зголемувањето на капиталот не е единствен начин за зголемување на капацитетот за поддршка на Развојна банка. Тука се и фондовите кои ги администрираме во името на државата, а кои само во 2020 година се зголемија за 43 милиони евра.
Добар и близок пример за нас би рекол дека е Словенечката развојна банка, иако во секоја од банките во регионот има производи или процеси во кои се особено добри. Учиме од добрите практики и континуирано се трудиме да ги имплементираме.

Ви благодарам за интервјуто.

Разговараше: Зоран Јовановски
(Економија и бизнис, печатено издание, април 2021г)

ПРЕПОРАЧАНО