Интервјуа

Отберг: ФАР има за цел да го поддржи приближувањето на земјите од Западен Балкан кон заедничките стандарди на ЕУ

Интервју со Доминик Отберг, регионален директор на Француската агенција за развој за Западен Балкан

Во Француската агенција за развој сте од 2001 година. Може ли да ни кажете за мисијата на агенцијата и да ни дадете неколку клучни факти и бројки за неа?

Д. Отберг: Групацијата ФАР (Француска агенција за развој) ја спроведува политиката на Франција за развој и меѓународна солидарност. Составена од ФАР, која е задолжена за финансирање на јавниот сектор и на невладините организации, од Пропарко, задолжена за финансирање на приватниот сектор и од Агенцијата за техничка соработка „Експертиза Франција“, таа ги финансира, ги поддржува и ги забрзува транзициите кон покохерентен и поотпорен свет.
Со 3 000 вработени, групацијата работи со своите партнери на градење заеднички решенија во земјите во кои функционира. Нејзините тимови се вклучени во повеќе од 4 000 проекти на терен, со вкупно над 14 милијарди евра годишни инвестиции, во Франција (со прекуокеанските територии) и во 115 земји, за заеднички добра како што се: климата, биодиверзитетот, мирот, родовата еднаквост, образованието и здравството, а со цел да даде свој придонес кон посветеноста на Франција и на Французите кон целите за одржлив развој.

Во моментов, Вие сте регионален директор на агенцијата за Западен Балкан. Кои се плановите за нашиот регион?

Д. Отберг: Приоритетите на Групацијата ФАР во рамките на нејзините активности соодветствуваат со најголемите заеднички предизвици идентификувани во регионот, со мандатот што го има групацијата, како и со потребите на нашите партнери. Групацијата е особено посветена на борбата против климатските промени преку својот пред сè отворен пристап кој ги поврзува енергетските и социјалните транзиции. Активностите на групацијата се во согласност со следниве четири насоки:
– урбана одржливост и адаптација
– одржливо управување со териториите и зачувување на природните ресурси
– поддршка на енергетската транзиција
– одржливи и инклузивни економски и политички модели.
Овие приоритети не се ексклузивни и одредени проекти може да бидат разгледувани и надвор од тие рамки, особено како дел од партнерствата со други развојни чинители.
Во согласност со својата заложба за 100 % реализација на Парискиот договор, Групацијата ФАР ќе настојува секоја нејзина активност да биде компатибилна со развојниот принцип кој подразбира одржлив развој со ниски нивоа на емисии на јаглерод. Исто така групацијата ќе се обиде да овозможи максимално зголемување на климатските придобивки, така што тие ќе претставуваат 70 % од средствата одобрени за одреден период. Водејќи се од својата 100 % заложба да се вклопи во социјалната политика, групацијата исто така ќе се стреми кон зајакнување на социјалните врски, кон намалување на нееднаквостите, особено меѓу мажите и жените, имајќи ја притоа предвид состојбата на лицата од ранливите категории.
Затоа посветеноста кон „климатскиот“ и „социјалниот“ аспект не е ексклузивна, напротив. ФАР ќе настојува да ги комбинира овие две цели преку пристапот „Едно здравје“ или преку активностите за кои е потребна итна реализација со краткорочен или долгорочен развоен ефект, онака како што налага „Зелената агенда“ за Западен Балкан, грижејќи се притоа, секогаш кога е можно во рамките на преземените активности, да ги има предвид социјалната нееднаквост и добрата состојба со животната средина.

Постои регионална иницијатива позната како „Берлински процес“. Таа вклучува шест земји од регионот на Западен Балкан. Слоганот на Форумот за инвестиции на коморите во рамките на иницијативата е „Еден регион − една економија“. Какво е Вашето гледиште за „Берлинскиот процес“?

Д. Отберг: Групацијата ФАР се залага за партнерски пристап при нејзиното работење во регионот. Сепак, мал е бројот на одржливи транснационални иницијативи што ги вклучуваат сите земји од Западен Балкан. Во врска со ова, првите две поддршки обезбедени од ФАР на почетокот на својата активност во 2018 година имаат цел зајакнување на регионалната интеграција преку:
• Поддршка на инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF), Европскиот финансиски механизам што ја вклучува Европската комисија, земјите членки на ЕУ, потоа Западен Балкан, како и најзначајните билатерални и мултилатерални финансиски институции кои се активни во регионот за поддршка на агендата за меѓусебно поврзување. Нормално, ФАР си го пронајде своето место покрај останатите актери за непречено да учествува во активностите за регионална интеграција. Овие проекти за поврзување имаат цел да ги зајакнат инфраструктурите во областа на транспортот, на енергијата, на животната средина, како и социјалната димензија во регионот, но и во односите со земјите од Европската Унија со цел да се постигне поголема економска интеграција.
• Поддршка на Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO) за промоција на соработката меѓу младите претприемачи од Западен Балкан. Оваа иницијатива веќе овозможи да се даде поддршка на десетици тимови во спроведувањето на солидарни и иновативни проекти кои имаат регионална перспектива.

Како нашата земја се вклопува во плановите на агенцијата за Западен Балкан? Дали има некои специфични области што се сметаат за приоритети?

Д. Отберг: Мандатот што Владата на Франција ѝ го даде на ФАР има цел да го поддржи приближувањето на земјите од Западен Балкан кон заедничките стандарди на ЕУ со цел да се промовира нивното членство во Унијата. Така, низ промоцијата на усогласеноста со европските социјални, технички и еколошки практики и стандарди, активностите на ФАР треба да помогнат во подобрувањето на квалитетот на развојните процеси.
Поддршката за еколошките и социо-економските транзиции што ФАР сака да им ја даде на земјите од регионот е дел од нашата отворена визија; поддржувајќи ја длабоката и трајна транзиција, ФАР работи на поврзаноста во социјалното опкружување и животната средина. Групацијата ФАР е позиционирана како привилегиран партнер кој настојува да ги исполни високите очекувања на земјите од регионот во однос на врвната техничка експертиза и да промовира одржлив дијалог за јавните политики.

Дали постојат специфични чекори што треба да ги преземат властите или деловниот сектор со цел да се зголемат шансите македонските компании да бидат вклучени во активностите на Француската агенција за развој?

Д. Отберг: ФАР има широк спектар на финансиски и нефинансиски алатки на Балканот:
• Инвестициските заеми се достапни со или без државни гаранции за поддршка на јавните оператори без мобилизирање на должничкиот капацитет на државите. На тој начин групацијата даде свој придонес преку неколку проекти во областа на водостопанството и транспортот.
• „Трипартитните“ соработки на теми од секторските јавни политики меѓу ФАР, финансиските институции и локалниот Трезор претставуваат ефективни модалитети за поддршка на нашите заеднички цели и задоволување на потребите на земјите партнери. Ваквата буџетска помош се покажува како релевантна преку контрациклична поддршка во време на криза, како што е актуелната, поврзана со пандемијата ковид-19. На тој начин имаме реализирано поголем број финансиски придонеси во регионот на Западен Балкан, при активности поврзани со климата, еднаквоста меѓу жените и мажите или енергетиката.
• Кредитни линии или гаранции пред јавните финансиски чинители за поддршка на амбициозни јавни политики за локалните мали и средни претпријатија.
• Пропарко, како подружница на ФАР, работи во истите области, но во приватниот сектор.
Групацијата ФАР, исто така, настојува да понуди решенија за високостручна експертиза за да ги исполни големите очекувања на договорните страни кои веќе имаат добро утврдени аналитички и технички капацитети.
Така, по две години активност, ФАР има дадено повеќе од 300 милиони евра (надвор од приватниот сектор) во форма на заеми во различни земји од регионот и ќе настојува дополнително да ги зголеми своите заложби за изградба на „заеднички свет“.

Разговараше: Зоран Јовановски
(Економија и бизнис, пелатено издание, април 2021г.)

ПРЕПОРАЧАНО