Економија

Што е Европска економска зона и може ли Македонија да има корист од членството во неа?

Љупчо Поповски

авторот е новинар

Главното прашање е дали можното членство во ЕЕЗ треба да изгледа како супституција на приклучувањето во ЕУ, без оглед што во тој договор се вградени четирите основни слободи врз кои почива Унијата. И како една сиромашна земја како Македонија може да им се приклучи на трите најбогати земји во Европа, а не се дел од ЕУ?


Пред неколку броја на овој магазин двајца редовни автори, Гордан Георгиев и Драган Тилев, пишуваа од различен агол на една слична тема – дали Македонија има алтернатива на членството во Европската Унија и дали е можно Европската економска зона (ЕЕЗ) да биде некаков супститут на европската архитектура што толку многу сакаме да ја градиме овде кај нас. Георгиев (политиколог, кој едно време беше актер во политиката), образложувајќи дали е можно да се постави план Б, се наврати на изјавата на претседателот Стево Пендаровски според која пред петнаесетина месеци наводно бил предложен некаков план за брзо влегување на Македонија во ЕЕЗ. Георгиев напиша: „Колку далечно звучи од денешна перспектива ’понудата‘ до претседателот Стево Пендаровски за брз влез во Европската економска зона и колку кусогледо се покажува неговото резолутно одбивање на таква интеграција.“

Само две страници понатаму, Тилев (кој е државен советник за европски прашања) имаше поинаков став: „Сметам дека треба да избегнеме ’непринципиелните понуди‘ за членство во Европската економска зона да станат дискурс и супституција за идното полноправно членство во ЕУ. Зарем е исто да го поставувате менито и да бидете на менито?“, напиша Тилев.

Се разбира дека ваквата дебата е многу корисна при определувањето на правците на идниот развој на државава и за нејзиното напредување. Одговорите на прашањата за членството во Европската економска зона не се лесни, ниту еднонасочни. Најголемиот дел од јавноста се труди со едноставни експликации да прикаже комплицирани моменти, но тоа не е можно. Тоа може да води само до рудиментирана политика во која ќе бидат најважни само партиските поени, а не стратегиски размислувања.

Она што најмногу недостасуваше во дебатата за ЕЕЗ (нејзината структура сега се нуди повторно од влијателни западни тинк-тенкови) е подобро запознавање со зоната (или областа) која вклучува 30 земји, начинот на кој функционира, кои се обврските на членките на ЕУ, а кои на оние земји кои се приклучени кон неа и дали можат сиромашни земји како Македонија да се приклучат во ваков клуб.
Овој магазин е извонредно место да се претстават идејата, структурата, обврските и функционирањето на Европската економска зона.


Мапа на членките на Европската економска зона
(фото: https://medium.com/)


Членството на богатите
Првата и основна работа е што во ЕЕЗ (освен земјите на ЕУ) членуваат уште три многу богати земји: Норвешка, Исланд и Лихтенштајн. Бројките за нивното богатство се навистина големи, дури и екстремни.
Според податоците на Светска банка, БДП по жител на Норвешка во 2019 година изнесуваше 75 419, а на Исланд 66 944 долари. Лихтенштајн има застрашувачки високи бројки – БДП по жител во 2019 година изнесуваше дури 181 402 долари. Македонија е неверојатно сиромашна според овие параметри – БДП по жител на крајот од 2019 година бил само 6 022 долари.

Малото Кнежевство Лихтенштајн, вгнездено меѓу Австрија и Швајцарија, своите пари најмногу ги заработува од финансиските услуги. Норвешка богатството го црпи од наоѓалиштата на нафта и гас во Северното Море, како и од големата рибна индустрија. Трговијата е најважна индустриска гранка на Исланд. За некого изненадувачки, но туризмот во оваа студена островска земја блиску до Арктичкиот Круг придонесува со дури 10 отсто од вкупниот БДП. Со тоа е во самиот врв на сите земји во светот. Во туризмот се вработени 27 000 луѓе од вкупниот број вработени во државата, кој изнесува 187 000.

Швајцарија никогаш не стана членка на Европската економска зона бидејќи нејзините граѓани тоа го отфрлија на референдум. Од членството во ЕЕЗ излезе Велика Британија по „Брегзит“, заедно со нејзиното напуштање на Европската Унија. Заедничко за овие три земји што останаа во ЕЕЗ надвор од државите на ЕУ е што тие немаат намера да станат членки на Унијата. Во Норвешка имаше неуспешни два референдума, во 1972 и 1994 година за членство во ЕУ (најмногу поради големото противење на рибната индустрија за да не се делат квотите за рибите). Исланд во 2009 година (една година по тешката финансиска и банкарска криза што го зафати островот) поднесе апликација за членство во ЕУ. Но, поради контроверзноста исландската влада ја замрзна таа апликација и барем засега нема никакви најави за нејзино повторно активирање. Лихтенштајн е целосно даночно и економски потпрен на Швајцарија и затоа нема никакви најави дека некогаш би можел да побара членство во ЕУ.
Како тогаш би можела Македонија (а и други земји од Западен Балкан што би можеле да бидат дел од овој проект) да се снајде во ова екстремно богато друштво на држави кои не се во ЕУ, а се дел од ЕЕЗ? Главната економска сила на ЕУ, Германија, на пример, имала 46 445 долари БДП по жител според податоците на Светска банка за 2019 година, што значи дека нејзините жители биле посиромашни и од Норвежаните и од Исланѓанците.
За да нема многу многу нејаснотии, магли и погрешни претстави за тоа што претставува и како функционира Европската економска зона, еве ги клучните работи што се однесуваат на неа и нејзините врски со Европската Унија.
Основите на ЕЕЗ беа поставени во доцните 80-ти години на минатиот век кога земјите членки на ЕФТА (Европската асоцијација за слободна трговија) предводени од Шведска и Финска бараа начин да се вклучат во тогашната Европска заедница, претходницата на Европската Унија. Тогаш моќниот претседател на Европската комисија, Жак Делор, беше против проширувањето на ЕЗ, плашејќи се дека многуте нови членки ќе го нарушат внатрешниот пазар. Сепак, во мај 1992 година седум членки на ЕФТА потпишаа договор со 12-те земји на Европската заедница за формирање на Европската економска зона, а договорот стапи во сила на 1 јануари 1994 година. На 1 јануари 1995 година Австрија, Финска и Шведска станаа членки на тогаш веќе Европската Унија. Сега сите земји на ЕУ се дел од ЕЕЗ со тоа што статусот на Хрватска како последна членка по апликацијата во 2014 година сѐ уште е провизорен затоа што и толку години подоцна нејзиното членство не е ратификувано од сите членки на Европската економска зона. Тоа значи дека Хрватска чека на целосна ратификација за полноправно членство цели седум години.

Во што е предноста на ЕЕЗ?: Европската економска област е зона на слободна трговија меѓу Европската Унија и Европската асоцијација за слободна трговија (ЕФТА). Деталите за трговскиот договор вклучуваат слободно движење на производи, на лица, на услуги и на капитал меѓу земјите.
Денес Европската економска област ја предава својата организација на неколку оддели, вклучително законодавна, извршна, судска и консултативна, во кои се вклучени претставници од неколку земји членки на ЕЕА.
ЕЕЗ се потпира на истите „четири слободи“ што го крепат Единствениот европски пазар, како и Европската Унија: слободно движење на стоки, на лица, на услуги и на капитал. Така земјите од ЕЕА кои не се дел од ЕУ уживаат во слободната трговија со Европската Унија. Слободното движење на лица е едно од основните права загарантирани во Европската економска зона и е можеби најважното право за поединците бидејќи им дава на граѓаните од 30 земји на ЕЕЗ можност да живеат, да работат, да основаат деловни активности и да студираат во која било од овие земји.

За да може ова да биде остварливо, трите земји треба да усвојат дел од законите на Европската Унија. Сепак, тие исто така придонесуваат и влијаат на формирањето на нови релевантни политики и законодавство за ЕЕЗ во рана фаза, како дел од формалниот процес на обликување на одлуките.

Земјоделството и риболовот не се опфатени со ЕЕЗ. Норвешка и Исланд сметаат дека не се обврзани со заедничката политика за риболов бидејќи тоа би значело давање квоти за риболов во нивните води.
Земјите од ЕЕЗ кои не се дел од ЕУ не придонесуваат финансиски за целите на Унијата во иста мера како и нејзините членки, иако тие придонесуваат во шемата за грантови на ЕЕЗ за „намалување на социјалните и економските разлики во ЕЕЗ“. Норвешка има своја шема на грантови.

Легислатива: Трите земји што не се дел од ЕУ се согласија да донесат законодавство слично на она што е усвоено во ЕУ во областите на: социјалната политика, заштитата на потрошувачите, животната средина, законот за трговски друштва и статистиката. Членките на ЕЕЗ кои не се дел од ЕУ не се застапени во институциите на Европската Унија како што се Европскиот парламент или Европската комисија. Оваа ситуација е опишана како „факс демократија“ при што Норвешка чека да им се испрати последното законодавство од Комисијата за потоа таа да ги прилагоди своите закони. Сепак, земјите од ЕЕЗ се консултирани за новите законски предлози на ЕУ и учествуваат во формирањето на законодавството, но само во раната фаза. Откако ќе биде одобрен во Мешовитиот комитет на ЕЕЗ, државите на ЕФТА во рамките на ЕЕЗ мора да го спроведат во нивниот национален закон.

Што значи ЕЕЗ за граѓаните?: Граѓаните на земјите членки во Европската економска зона можат да уживаат одредени привилегии што не им се даваат на земјите што не се од ЕЕЗ. Всушност, на граѓаните на која било земја членка им е дозволено слободно да патуваат во други земји членки, без разлика дали се на краткорочни посети или трајни преселби. Сепак, овие жители сè уште го задржуваат државјанството во нивната земја на потекло и не можат да аплицираат за државјанство во нивниот нов престој. Дополнително, регулативите на ЕЕЗ, исто така, регулираат професионални квалификации и координација на социјалното осигурување за поддршка на ова слободно движење на луѓето меѓу земјите членки. Бидејќи и двете се неопходни за одржување на економијата и на владите на одделни земји, овие регулативи се основни за ефикасно да се овозможи слободно движење на луѓето.
Има уште многу детали за заемното функционирање на 27-те земји на ЕУ и трите други земји, но нивното елаборирање би одзело премногу простор. Најважно е што четирите слободи на ЕУ се дел од слободите на ЕЕЗ.

Норвешка има посебно место во ЕЕЗ и поради нејзината шема на грантови

Нови идеи со стари предлози
Главното прашање е дали Македонија, Србија и Црна Гора, на пример, можат да станат дел од овој заеднички економски простор во некое догледно време (ако знаеме колку долго чека ратификацијата за членство на Хрватска) и дали тоа, всушност, на некој начин ќе ги оддалечи земјите од Западен Балкан од Унијата за времиња што не се докрај предвидливи. И дали ова е, всушност, замена за членството во ЕУ?
Некои идеи веќе се споменуваат во влијателни тинк-тенкови во Европа кои преку своите предлози се обидуваат да најдат решение за ситуацијата за членството кое сега изгледа како замрзнато. Еден од нив е Европската иницијатива за стабилност која ја води познатиот Гералд Кнаус и преку која Унијата знаела често да промовира свои политики без да се наведува дека зад нив стои Брисел. Но, со тоа се испитува пулсот, а потоа често станувале и официјални политики на ЕУ.
Што стои во последниот детално елабориран предлог на Европската иницијатива за стабилност?
Овој предлог има наслов „Како словенечкото претседателство може да ја оживее политиката ЕУ − Западен Балкан?“ и идејата е како на земјите кандидатки од регионот да им се понуди пристап до заедничкиот пазар како брза компензација за неизвесното членство. Во него, меѓу другото, го пишува и ова:
„ЕУ има силен политички и економски поттик да ѝ понуди на секоја заинтересирана западнобалканска нација шанса да се приклучи на нејзиниот единствен пазар како привремена цел во реформираниот процес на пристапување во ЕУ во две фази. За ова веќе има преседан, а тоа е ’финскиот пат кон пристапување‘.
На 31 јануари 2020 година, српскиот претседател Александар Вучиќ предложи слична идеја. По состанокот со високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, во Белград, српскиот претседател сугерираше дека ЕУ треба да ѝ понуди на Србија фер можност:
’Да се приближиме до единствениот пазар на ЕУ, да ги отвориме нашите граници со Унгарија, Хрватска, Словенија и земјите од Шенгенот. На овој начин нашите граѓани гледаат конкретни придобивки. Секако, со разбирање дека на европскиот пат на Србија клучот на крајот за нас останува да се приклучиме кон ЕУ како полноправна членка‘.

Лихтенштајн е убедливо најбогатата земја во Европа со БДП по жител од 181 402 долари

Трансформирањето на односите ЕУ – Западен Балкан може да се случи во четири чекори.
Чекор еден: Српската влада комуницира со словенечката влада, со другите земји членки на ЕУ загрижени за политиката на проширување – Франција, Германија, Италија, Шведска, Австрија, Холандија – и со Европската комисија дека е заинтересирана за процес што ќе ѝ овозможи на Србија да влезе во единствениот пазар на ЕУ откако ќе се спроведат сите потребни реформи.
Чекор два: Словенечката влада подготвува конкретен предлог со институциите на Европската Унија што ќе биде претставен на самитот ЕУ − Западен Балкан подоцна во 2021 година. Таквиот предлог ќе доведе до изготвување на конкретни патокази со наведување на одредниците што треба да ги исполнат земјите во сите 22 области опфатени од единствениот пазар, како и за владеењето на правото. Повеќето барања за овие 22 области веќе се детално утврдени во Договорот за ЕЕЗ меѓу ЕУ и Норвешка.

Преку слободно движење на лица, сите државјани на ЕЕЗ имаат право да работат во која било друга држава на ЕЕЗ. Студентите, пензионерите и луѓето кои не се со платено вработување, исто така, имаат право да престојуваат во друга држава на ЕЕЗ.
Според Договорот за ЕЕЗ, поединците и компаниите уживаат слобода на основање и право на давање услуги низ цела ЕЕЗ под еднакви услови.
Слободното движење на капитал овозможува прекугранично инвестирање од страна на жителите и на компаниите во ЕЕЗ, без дискриминација врз основа на националност, место на живеење или место на основање.
Ако ова изгледа многу блиску до полноправно членство во ЕУ, тоа е затоа што е така. Граѓаните и компаниите би уживале во слободите што денес ги уживаат граѓаните и компаниите од Норвешка и Исланд. Владите на Западен Балкан би можеле да им докажат на скептиците во ЕУ дека можат да ја одржат дисциплината при пристапување и почитување на правилата на ЕУ.

Чекор три: Понудата за пристапување кон единствениот пазар е проширена на сите земји од Западен Балкан, вклучително и на Косово. Штом сите земји ја усвојат истата регулаторна рамка и се приклучат на единствениот пазар, станува можно да се имаат четирите слободи и меѓу земјите од Западен Балкан. ЕУ јасно става до знаење дека овој предлог не е наметнат на земјите од Западен Балкан, но претставува фер и кредибилна понуда за оние влади кои сакаат да докажат дека можат да ги спроведат многуте реформи потребни за интеграција во следните неколку години. Ова би бил пресвртен момент и за оние земји кои сè уште не ги отвориле пристапните преговори: Косово, Босна и Херцеговина, но и Албанија и Северна Македонија.
Чекор четири: ЕУ и оние земји од Западен Балкан заинтересирани да се приклучат на единствениот пазар развиваат институционална рамка за ова така што откако земјите ќе се приклучат на единствениот пазар ќе продолжат да усвојуваат идни правила и регулативи на ЕУ во областите опфатени со единствениот пазар.

Исланд поднесе апликација за членство во ЕУ во 2009 година, но брзо потоа ја замрзна и сега нема никаква намера да се приклучува кон Унијата

Централен принцип на Договорот за ЕЕЗ е хомогеноста, што значи дека истите правила и услови на конкуренција се применуваат за сите економски оператори во рамките на ЕЕЗ. За да се одржи хомогеноста, Договорот за ЕЕЗ постојано се ажурира и се менува за да се осигури дека законодавството на ЕЕЗ-државите е во согласност со законодавството на ЕУ за единствениот пазар.

Неодамна словенечкиот претседател Борут Пахор објави дека францускиот претседател Емануел Макрон ќе учествува на состанокот што го организира Словенија за шефовите на држави од Западен Балкан за неколку недели. Овој состанок и словенечкото претседателство во втората половина на оваа година претставуваат важна можност за враќање на кредибилитетот на ЕУ, стимулирање на реформите и приближување на Балканот кон ЕУ.
Балканските влади и администрации работеа напорно во минатото кога имаа значајна и инспиративна цел пред нив. Приклучувањето кон единствениот пазар во рок од неколку години е значајна цел за општествата на Западен Балкан што може да ѝ се соопшти на пошироката јавност бидејќи придобивките се опипливи. Земјоделски производи тогаш може да се продаваат во ЕУ без контроли; компаниите би можеле лесно да соработуваат прекугранично врз истите регулативи и создавајќи работни места преку нови синџири на производство. Ќе се применуваат правилата на ЕУ за животна средина и набавки, а во зависност од тоа за кои преодни периоди се преговара, работниците на крајот ќе можат слободно да се движат на најголемиот пазар во светот.“
Овој предлог не изгледа лошо, тој навистина може да ги отвори европските врати за балканските граѓани и за капиталот од шесте земји. Но, во него има две главни замки – дека тоа може до недоглед да го оддалечи реалното членство во ЕУ; и втората, кога ќе биде слободно движењето на луѓето да предизвика страотно брза депопулација на државите чии граѓани сосема сигурно ќе ги побараат среќата, успехот, благосостојбата и мирот во просперитетните земји на Европа. Тогаш како последица може да настане и дополнително зголемување на јазот меѓу напредната ЕУ и сиромашниот Балкан, а Унијата да изгледа уште подалеку. Но, од друга страна, тоа може да биде и голем предизвик на балканските економии да се преструктурираат и да се обидат да најдат свое место на европскиот пазар. Ќе видиме дали нешто од ова ќе се изроди и дали Унијата ќе чека да помине пандемијата од корона вирусот за да ги стабилизира нејзините институции и да почне посериозно да размислува за иднината.


(Економија и бизнис, пелатено издание, април 2021г.)

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано