Општество

Петревски: Кремот на кремот – приказната за американските универзитети

Горан Петревски

Авторот е редовен професор на Економскиот факултет, УКИМ

Како и во многу други области, САД го држат првото место и во високото образование. Така, на сите списоци на најдобрите светски универзитети, американските се наоѓаат на врвот. На пример, според познатиот Шангајски список за 2020 година, меѓу најдобрите 10 универзитети во светот, дури осум се американски; исто така, меѓу најдобрите 50 универзитети, 30 се американски, односно во САД се наоѓаат 60 од најдобрите 100 универзитети.
Доминацијата на американските универзитети е очигледна ако го погледнеме и списокот на добитниците на Нобеловата награда. До Втората светска војна, нобеловците претежно доаѓале од европските универзитети (германските, англиските и француските). На пример, пред Првата светска војна, само двајца американски професори ја добиле Нобеловата награда: во 1907 година (физика) и во 1914 година (хемија). До крајот на Втората светска војна, САД дале уште само двајца нобеловци за хемија и уште пет за физика, а во 1933 година се појавил и првиот американски добитник на Нобеловата награда за медицина. Втората светска војна претставува пресвртна точка во распоредот на силите на светската образовна карта: оттогаш САД можат да се пофалат со 73 нобеловци за хемија, 69 за физика и дури 108 за медицина. Најчесто овој пресврт се објаснува со приливот на повеќе од илјада угледни еврејски научници кои, бегајќи од нацистичкиот прогон, во 30-тите години на дваесеттиот век се преселиле во САД. Притоа некои од нив веќе биле нобеловци (Алберт Ајнштајн, Џејмс Франк, Ото Штерн, Ото Мејерхоф), а некои ја добиле Нобеловата награда по преселбата во САД (Ото Штерн и Еуген Вигнер).
Се разбира, значењето на еврејската миграција за подемот на американските универзитети не може да се негира, но тоа воопшто не може да ја долови целата вистина. Од една страна, оваа преселба претставува само еднократен настан; од друга страна, точно е дека еврејските доселеници биле професори и ментори на други научници од кои некои станале нобеловци; најпосле, факт е дека повеќето американски нобеловци немаат еврејско потекло. Според тоа, сигурно постојат и други важни фактори за успехот на американските универзитети. Во тој поглед, двајца американски професори објаснуваат дека американските универзитети ги надминале универзитетите од другите земји далеку пред Втората светска војна, т. е. уште во 20-тите години на дваесеттиот век, а сето тоа како последица на големите структурни промени во американското високо образование кои започнале уште по Граѓанската војна во САД (W. Bentley MacLeod and Miguel Urquiola, „Why Does the United States Have the Best Research Universities? Incentives, Resources, and Virtuous Circles“, Journal of Economic Perspectives, 35(1), 2021, 185-206).

Почетоците на високото образование во САД
Во 1776 година, во САД имало девет колеџи, основани од одделните верски заедници (Харвард од пуританците, Принстон од презвитеријанците, Колумбија од англиканците, Браун од баптистите), а потоа дошло до голема експанзија во високото образование заснована врз принципите на слободен пазар и конкуренција. Како резултат на тоа, непосредно пред Граѓанската војна имало околу 900 колеџи. Ваквиот пристап на отворање универзитети драстично се разликувал од практиката во европските земји. На пример, во тоа време, во Англија имало само четири универзитети! Кон крајот на XIX век, повеќето универзитети биле мали – со помалку од 100 студенти и пет професори – и ги осплужувале локалните пазари. Притоа тие биле затворени во кадровската политика, т. е. најчесто вработувале професори од своите дипломирани студенти.
Во тоа време, платите на професорите биле многу ниски, па често професорската работа ја извршувале богати луѓе кои самите си ја финансирале својата работа (сами си купувале книги, си ги опремувале своите лаборатории итн.), а многумина работеле бесплатно. Исто така голем дел од професорите биле ангажирани не врз основа на стручноста, туку според религиозни критериуми или според нивниот општествен ангажман и углед. Наставните програми биле застарени, со малку изборни предмети, еден професор предавал повеќе различни предмети, студирањето се сведувало на „рецитирање“, а универзитетите биле непријателски настроени кон природните науки, лабораториската работа и инженерството. Најпосле, целокупната работа на професорите се сведувала на предавања, т. е. тие воопшто не се бавеле со наука.

Промените во високото образование
Во втората половина на XIX век, американските универзитети биле неспособни да одговорат на процесот на индустријализација што ги зафатил САД. Тогаш се појавиле првите предвесници на преродбата – универзитетите Корнел (1865) и Џон Хопкинс (1876), кои биле основани со донации од богати поединци, но добиле и значајна државна поддршка. Нивниот пристап се разликувал од дотогашните универзитети по тоа што понудиле богата наставна програма и специјализирани студии, а професорите ги ангажирале врз основа на ескпертизата и истражувачката работа. Постарите универзитети, како Харвард и Колумбија, одговориле на овој предизвик така што основале специјализирани постдипломски студии, како и професионални школи (за бизнис, медицина, право, инженерство), а се разбира и тие ги иновирале наставните програми.
Главната (спонтана) реформа која се случила во американското високо образование во овој период била специјализацијата на универзитетите, кои дотогашните општи наставни програми ги поделиле на специјализирани области. Наскоро специјализацијата довела до тоа универзитетите да вработуваат докажани експерти во одделни области, а професорите започнале да основаат професионални здруженија кои пак почнале да издаваат научни списанија. Истовремено продолжил трендот на зголемување на бројот на универзитети, кои се основале лесно, без никакви ограничувања од државата, а се финансирале со приватни донации, со државни пари или со комбинација на двата извора. Така, денес, во САД постојат околу 4 000 колеџи: 1 600 државни, 1 700 приватни-непрофитни и 700 приватни-профитни.

Уписната политика и финансирањето
Една од најзначајните карактеристики на американското високо образование е големата диференцијација меѓу универзитетите. За разлика од европските (претежно државни) универзитети кои горе-долу се одликуваат со сличен квалитет, во САД постојат големи разлики меѓу универзитетите. Во голема мера, овие разлики настанале како резултат на различната уписна политика. Пред 1920 година, сите колеџи имале политика на „отворен упис“, запишувајќи ги сите пријавени кандидати, без никаков приемен испит. Оттука, дури и приватните универзитети, како Харвард и Колумбија, имале голем број студенти, дури повеќе од државните универзитети. Во 1919 година, Универзитетот Колумбија ја започнал политиката на ограничен упис, а набргу тој пример го следеле и другите приватни универзитети. На тој начин започнала диференцијацијата меѓу американските универзитети: од една страна, повеќето универзитети продолжиле со „отворениот упис“, од друга страна, некои универзитети ги примале само најдобрите ученици и така стекнале статус на елита. Тие ги вработувале најдобрите професори и на студентите им нуделе најдобро образование, овозможувајќи им да се вработат на најплатените работни места. Од своја страна, дипломираните студенти им возвраќале на универзитетите со своите донации, а тоа им овозможило на овие универзитети да станат уште подобри. На тој начин, врвните универзитети станале богати, што им овозможило поголемо внимание да посветуваат на научно-истражувачката работа и така да привлечат уште повеќе пари.
Меѓутоа, „богатите“ универзитети во САД не влечат пари само од приватни извори. Почнувајќи од Втората светска војна, државата почнала да ги распределува парите за научна работа на конкурентска основа, т. е. според квалитетот на научните проекти (кој, пак, го оценуваат експерти). Во овој поглед, постои голема разлика меѓу американската и европската практика зашто европските држави, кои се преокупирани со еднаквоста, најчесто ги распределуваат државните пари според принципот „по малку за сите“. Во секој случај, диференцијацијата на американските универзитети довела до големи разлики меѓу нив не само во поглед на квалитетот на студиите туку и во однос на финансиската моќ. Оттука врвните американски универзитети трошат околу 150 000 долари по студент, а тоа е шестпати над просекот и дури 15 пати повеќе од универзитетите со помал углед.

Кадровската политика
Другата голема разлика меѓу американските и европските универзитети се однесува на кадровската политика. Во тој поглед, професорите на европските универзитети имаат карактер на еден вид јавни службеници, а тоа подразбира гарантирана работа до крајот на животот. Навистина, и во европските универзитети има постепено напредување во звањата на професорите, но останува фактот дека штом некој се вработи на универзитет, најчесто работата му е загарантирана. За разлика од нив, во САД само 30 % од наставниот кадар се вклучени во системот на трајно вработување (т.н. „tenure“), додека останатите се вработени врз основа на привремени договори кои може, но не мора, да се обноват. Овој систем за првпат се појавил на Универзитетот Принстон во 20-тите години на дваесеттиот век, а потоа го прифатиле уште неколку универзитети, иако до почетокот на 50-тите години на дваесеттиот век сè уште преовладувал системот на трајно вработување. Денес трајното вработување во САД се применува само на реномираните универзитети кои се ориентирани кон истражувачка работа. Освен тоа, во 1994 година било укинато задолжителното пензионирање на универзитетите.
Оваа практика на ангажирање на професорите врз основа на привремени договори служи како механизам кој обезбедува квалитет на академскиот кадар: од една страна, желбата да се добие трајно вработување ги мотивира професорите да се трудат во работата; од друга страна, универзитетите ги привлекуваат подобрите професори така што само ним им нудат можност за трајно вработување. На тој начин доаѓа до диференцијација на академскиот кадар – еден вид природна селекција во која подобрите професори напредуваат во работата, просечните стагнираат, а неспособните добиваат отказ. Оваа конкуренција меѓу професорите е посебна одлика на американските универзитети во кои платата и условите на работа (траен или привремен договор) зависат од резултатите во работата, во прв ред, од научната работа. Токму затоа во САД постојат професори ѕвезди – професори со врвен научен углед (на пример, нобеловци) кои уживаат посебни погодности и заработуваат многу повеќе од „обичните“ професори. Наспроти тоа, платите на професорите во европските државни универзитети се горе-долу исти и не зависат многу од резултатите во работата.
Какви поуки можеме да извлечеме од приказната за развојот на американското високо образование? Во многу прилики, кога разговарам со моите колеги за светските високообразовни практики, најчесто ги слушам следниве оправданија: „не можеме да се споредуваме со нив“, „таму се поинакви условите“, „состојбата кај нас е специфична“ итн. Всушност, овие фрази служат само да се прикрие стравот од промените, кој пак произлегува од желбата да се задржат удобноста и привилегиите. Се разбира, американското искуство не може механички да се пренесе во нашата средина. Меѓутоа, тоа никако не значи дека не можеме да научиме ништо. Напротив. Но, тоа ќе го оставиме за следната статија.


(Економија и бизнис, печатено издание, јуни 2021г.)

 

ПРЕПОРАЧАНО