Финансии / Банкарство

Митреска: Мерките на централната банка избалансирани ‒ за поддршка на економијата и одржување на стабилноста

Вицегувернерката Ана Митреска на панел-дискусијата на „Вуд и компанија“ за економијата и монетарната политика

Вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, учествуваше на панел-дискусијата организирана од реномираната инвестициска банка „Вуд и компанија“.  Во рамките на панел-дискусијата беа разгледани повеќе прашања поврзани со тековната состојба во економијата и нејзиното закрепнување, динамиката на инфлацијата, а особен акцент беше ставен на оцената на ефектите од мерките преземени досега од централната банка за ублажување на ефектите од пандемијата.

Во рамките на своето излагање, вицегувернерката Митреска се осврна на прашањата поврзани со инфлацијата, коишто со појавата на пандемијата повторно се најдоа во фокусот на централните банки.

„Исто како и во еврозоната, и во земјите од регионот, одредени ценовни притисоци се забележуваат и во македонската економија. Засега, слично како и другите централни банки, овие глобални движења ги оценуваме како привремени, поттикнати од растот на цените на примарните производи и привремените нарушувања во синџирите на снабдување, предизвикани од пандемијата.“ – истакна Митреска и додаде дека, сепак, имајќи ја предвид високата неизвесност, динамиката на цените и изворите на нивниот раст многу внимателно се следат.

Во рамките на дискусијата, особено внимание ѝ беше посветено на оцената на ефектите од мерките преземени од страна на централната банка како одговор на пандемиската криза. Постојано поволните движења во депозитната база и на девизниот пазар посочуваат дека мерките преземени од страна на централната банка се успешни за смирување на пазарите и одржување на довербата. Исто така, според неа, монетарните мерки беа критични на почетокот на кризата за обезбедување ликвидност, во услови на неизвесни и непредвидливи меѓународни пазари на капитал. Олабавената монетарна политика го поддржа и кредитниот пазар, што беше видливо преку постојаното намалување на цената на кредитите и забрзувањето на кредитниот раст во текот на пандемијата.

„Сите показатели за стабилноста на девизниот курс и банкарскиот систем и натаму се поволни. Со тоа, мерките преземени од централната банка ги оценуваме како избалансирани, со поддршка за економијата и истовремено одржување на стабилноста.“ ‒ истакна Митреска.

ПРЕПОРАЧАНО