Интервјуа
Петрушев: Одржување и инвестирање во домашното производство како главен фокус на работењето на Бимилк во 2022 година
Ѓорѓи Петрушев
Генерален директор на Бимилк
Како работеше млекарницата изминатава година и што кажуваат резултатите? Што покажува продажбата? Колкав дел од пазарот припаѓа на Бимилк?
Ѓ. Петрушев: Бимилк е компанија која, ширејќи го своето портфолио, докажува дека ги слуша барањата на своите потрошувачи, а тековната 2021 година го потврди токму тоа, проширувајќи ја нашата понуда во неколку нови категории, овошни јогурти, путер, протеинско и безлактозно портфолио. Како резултат на оваа стратегија, во првите три квартали од годината Бимилк бележи стабилност во продажбата во однос на минатата година, а со тоа ја задржуваме и својата лидерска позиција во млечната индустрија во државава. Во некои сегменти забележавме и зголемување на продажбата, како чоколадното млеко за 14 %, а продажбата на кисели млечни производи има благ пораст од 2 % во споредба со минатата година.
По минатогодишното соочување со рестрикциите предизвикани од пандемијата, оваа година се фокусиравме на домашниот пазар со одржувањето и инвестирањето во домашното производство за задоволување на растечките потреби, што се покажа како многу позитивно така што Бимилк со својата работа, квалитетот и иновативноста во производите ја задржува и ја зацврстува својата позиција како една од водечките компании во млечната индустрија на домашниот пазар.
Дали владините мерки за спас на стопанството дадоа резултат и дали мислите дека е потребен уште еден ваков пакет мерки?
Ѓ. Петрушев: Неколкуте последователни пакети со мерки поврзани за ублажување на негативните ефекти од пандемијата секако дека дадоа резултат во смисла на избегнување на економскиот колапс, а веројатно без овие мерки бројот на изгубени работни места ќе беше многу поголем. Што се однесува до производството и преработката на млеко и млечни производи, за жал, може да се каже дека „и нам ни дојде редот“, односно се случува токму она на кое укажувавме уште минатата година, дека ниту млечната индустрија нема да остане поштедена од последиците на пандемијата. Во делот на примарното производство на млеко, во последниве неколку месеци фармерите се изложени на енормно поскапување на сточната храна и клучните нутритивни компоненти за производство на квалитетно млеко и постигнување висока продуктивност. Ваквите состојби создаваат голема загриженост од подолгорочни последици по домашното примарно производство на млеко. Реално е да се очекува дека голем дел од малите семејни фарми ќе излезат од бизнисот, а дел од фармерите ќе бидат принудени да прават компромиси со квалитетот и обемот на сточната храна, што неминовно ќе се одрази на продуктивноста.
Млекарниците и самите се соочуваат со драматичен раст на цените на репроматеријалите. Ако минатото лето главен предизвик беше да се премостат затворените граници и репроматеријалите да се донесат до фабриките во земјава, годинава на нарушените синџири на снабдување се надоврзува и драматичниот пораст на цените на репроматеријалите (некои и до 80 %) и на енергенсите повеќе од двојно.
Од друга страна, заедничка е интенцијата на сите чинители овие зголемени трошоци што помалку да се одразат на зголемени цени на производот. Во такви услови, кога и фармерите и преработувачите се соочуваат со поскапување на влезните компоненти, ако сакаме тоа да не се одрази на поскап производ за крајниот потрошувач, логично е да се бара и да се очекува интервенција од страна на државата преку некој пакет кризни мерки за млечната индустрија. Притоа свесни за ограничените можности за вакви интервенции, исто така е логично целиот фокус да биде насочен кон примарните производители на млеко зашто тие се клучниот фундамент на кој се потпира домашната млечна индустрија. И ако се вратам повторно на вашето изворно прашање, да, мерки се повеќе од потребни, и тоа итно. Преку гранските здруженија веќе имавме неколку состаноци со ресорните министри на кои дадовме конкретни предлози за обезбедување опстанок на фармерите со укажување дека овие мерки треба да бидат донесени час поскоро, пред да биде предоцна и да се премине точката по која нема враќање. Накусо, потребно е да се направи краткорочен бајпас со цел да не дојде до колапс на дејноста и да се задржи основата за иден постковид одржлив развој. Се разбира, освен што бараме поддршка од државата, како млекопреработувачи треба и ние час поскоро да ги ангажираме сите внатрешни и надворешни кадровски и технички ресурси, да работиме активно на терен, со цел подобрување на продуктивноста и квалитетот на производот како предуслов за долгорочна одржливост.
Дополнително на тоа би нагласил дека Бимилк нуди стабилност затоа што односите со фармерите и постојаноста на соработката се одржува во континуитет без оглед на моменталните пазарни движења.

Како е регулиран квалитетот на млекото во Македонија и дали ги исполнуваме современите стандарди за квалитет, но и нутритивни трендови?
Ѓ. Петрушев: Во правниот систем веќе десетина година постои регулатива која се однесува на критериумите и на параметрите за квалитетот на суровото млеко и млечните производи, но од разни причини овој систем сè уште не профункционирал. Постојаното одложување само ги мултиплицира проблемите во дејноста. За жал, и по десетина години одлагање, сè уште мора да ги нотираме предусловите кои не постојат, а се неопходни за да заживее овој систем. И тие започнуваат од формирање посебна организациска единица во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со примарна надлежност примарно производство на млеко, за координација на сите чинители во синирот на снабдување, од фармата до капијата на млекарниците. Како второ би било создавање на систем за мострирање во кој доверба ќе имаат и примарните производители и преработувачите – Агенцијата за поддршка на развојот на земјоделството е добра основа за брз старт. Заради целосен опфат, потребно е зголемување на капацитетот на постојните и акредитирање дополнителни лаборатории за анализа на мострите млеко. Што поскоро потребно е акредитирање на национална супер лабораторија за контрола на контролните лаборатории и како второстепен чинител при спорни ситуации. Следно би било воведување скалести државни субвенции кои го наградуваат квалитетот на млекото и, секако, воспоставување единствен информациски систем до кој ќе имаат пристап сите заинтересирани страни, со информации за количини и квалитет по фарма, историјат и развој. Од клучно значење е овој систем да проработи истовремено и да стане задолжителен за сите чинители на пазарот, без исклучок, инаку повторно би се отворил простор за нелојална конкуренција, занемарување на квалитетот и враќање кон старото, што веќе за некоја година може да се покаже како погубно за дејноста во светло на очекуваните регионални економски интеграции. Се разбира, до крајните потрошувачи стигнува здрав и исправен производ, со пропишаните нутритивни вредности, што е предмет на постојани контроли од надлежните инспекции, но погоре кажаното е од клучно значење за долгорочниот опстанок, за конкурентноста, а особено и за градење на извозен потенцијал на домашната млечна индустрија.
Како да се интервенира за зголемување на стандардите и квалитетот во производството на млечни производи според моменталната состојба, тргнувајќи од фармерите, па сè до малопродажбата?
Ѓ. Петрушев: Блиската соработка и поддршка на млекопроизводителите, која опфаќа вложувања во современа опрема и технологија за преработка на млеко, едукација, механизација и опрема, па сè до иницирање стимулативни мерки за развој на сточарството, отсекогаш била и ќе биде еден од главните стратешки приоритети за нашата компанија. Ние секогаш сме тука и за нашите долгорочни соработници, а и за тие кои се повремени. Сите се значајни и се дел од нашето големо Бимилк семејство.
Во однос на контролата, честите и сеопфатни контроли се првиот и можеби најсигурниот начин за да се одржи високиот квалитет на млекото и стандардите. И тие контроли треба да се спроведуваат соодветно во секоја фаза од патот на млекото од примарните производители, па до малопродажбата. Квалитетот кај примарните млекопроизводители во Бимилк се контролира на дневно ниво и опфаќа повеќе чекори. Со постојаните контроли, квалитетот на млекото се подобрува од месец во месец, особено во погледот на содржина на млечна маст и протеин, но и со подобрување на микробиолошкиот квалитет.
Во Македонија земјоделството, заедно со прехранбената индустрија, учествува со 10 % од вкупно вработените кај правните лица, а во вкупниот БДП со 18 %. Колку се вложува во оваа стопанска гранка и дали постои национална стратегија за унапредување на нивниот статус со оглед на значењето?
Ѓ. Петрушев: Кон крајот на минатата година имавме прилика да се запознаеме со Нацрт-националната стратегија за земјоделство и рурален развој 2021−2027 (NARDS 2020 − 2027) во чии рамки има дел посветен и на производството на млеко и на млечната индустрија. Содржаните предлози за мерки и активности во голема мера го опфаќаат она што и ние како дејност го гледаме како потреба и го бараме, но она што загрижува е што голем број од овие мерки веќе биле дел од содржината и на претходните национални стратегии. Со други зборови, знаеме што треба, но потешко ни оди со имплементацијата.
Доколку од мноштвото предложени мерки треба да се издвојат 3 приоритетни, тогаш би рекол дека тие се како прво воспоставување рамнотежа меѓу откупната цена на млекото и неговиот квалитет. Домашните млекарници поради несоодветен хемиски состав (протеини и маснотии) не можат да конкурираат на увезеното млеко и млечни производи не само од земјите на ЕУ, туку и од регионот на Западен Балкан. Второ би било субвенционирањето по произведен литар млеко да биде преструктурирано во насока на стимулирање и наградување на квалитетот и на продуктивноста (Smart subsidies) и трето е воспоставување континуитет и зголемување на програмата за набавка на квалитетни стелни јуници, што ќе донесе зголемена ефикасност и профитабилност, подобрување на квалитетот на млекото и намалување на огромните логистички и, пред сè, транспортни трошоци на млекарниците.
Инаку, кога се зборува за македонската млечна индустрија, предизвиците со кои се соочува се структурни по природа, во најголем степен поврзани со раситнетоста на примарните производители, ниската продуктивност, ефикасност и недостатокот на стратешки пристап при развој на интегриран синџир на снабдување, земјиште − пасишта − добиточна храна − сурово млеко − млечни производи − производители. Моментално, повеќе од 80 компании за преработка на млечни производи „се борат“ за суровото млеко кое го има сè помалку на пазарот, произведено во услови на ниска продуктивност.
Иако децениските наталожени проблеми не можат да се решат преку ноќ, час поскоро мора да се тргне во позитивен развој ако сакаме да опстане овој сектор. Единствениот начин да се зголемат приходите од земјоделството и да се намалат трошоците за литар произведено млеко е преку зголемување на продуктивноста и производството на млеко. Но, дозволете да потсетам дека пред да дојдеме до тој степен треба да ја пребродиме постоечкава криза со дивеењето на цените на сточната храна и преку итно носење мерки за државна поддршка за примарните производители да го обезбедиме нивниот опстанок со цел да го сочуваме здравото јадро и да можеме во иднина да мислиме на развојот.
Треба да се биде отворен и да се каже дека и преработувачите на млеко немаат капацитет преку висока цена на млекото да ја покриваат ниската продуктивност кај примарните производители зашто со тоа и самите стануваат неконкурентни на пазарот. Млечните производи се категорија каде што преку ноќ домашното производство може да биде прегазено од поевтина и квалитетна понуда што сè повеќе ќе ја има.

Битолска млекарница често се поврзува со донации посебно насочени кон социјално загрозените семејства. Овие активности беа посебно изразени во изминатиов период. Како ја создавате корпоративно општествената одговорност, врз кои принципи Бимилк ја гради оваа стратегија и односот кон заедницата?
Ѓ. Петрушев: Успешноста на Бимилк на домашниот пазар се должи и на имплементацијата на општествено одговорни проекти кои ги имаат во фокусот ранливите категории граѓани, но и општеството во целина. Битолска млекарница два пати излезе во пресрет на Министерството за здравство и обезбеди финансиска помош за сервисирање и репарација на апаратите за респираторна нега кои се користат на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје и донира опрема за Клиничката болница Битола. Бимилк беше и меѓу првите која одговори на апелот на Министерството за финансии и изврши предвремено плаќање на вкупните аконтативни обврски за данок на добивка за 2020 година во висина од 15 милиони денари.
Компанијата, исто така, обезбеди и помош во производи за најранливите групи граѓани, доставена преку Црвениот крст и СОС Детско село, а откако започна онлајн наставата дониравме лаптопи и таблети за децата од социјално загрозените семејства. Битолска млекарница преку честите донации во опрема и производи се докажува како посветен поддржувач на заложбите на глобалната хуманитарна организација за згрижување и обезбедување топол дом за секое дете.
Што да очекуваме од Битолска млекарница во 2022 година?
Ѓ. Петрушев: Очекувањата се 2022 година да биде година во која целата млечна индустрија ќе се соочи со предизвици со кои се нема соочено во последниве 20 години, почнувајќи од примарното производство на сурово млеко, па сè до малопродажбата. Наша примарна задача како лидер во дејноста на домашниот пазар ќе биде да се соочиме и да одговориме на овие предизвици и да го дадеме својот максимум за да се обезбеди опстанокот на дејноста и да се сочува основата за идниот развој. Секако дека ќе продолжиме со инвестирањето во модернизација на постојната технологија и опрема, со цел следење на новите трендови и понуда на квалитетен, здрав и безбеден производ. Ќе продолжиме со трендот на лансирање нови производи на задоволство на потрошувачите. Истовремено ќе го дадеме и нашиот придонес за пошироката заедница од аспект на зачувувањето на животната средина, односно ќе профункционира со целосен капацитет изградената пречистителна станица за отпадни води, а ќе започне и адаптацијата на енергетските постројки за користење на природен гас како гориво. Се надеваме дека доводите за природниот гас час поскоро ќе дојдат до Битола, а во меѓувреме дека и цените на алтернативно донесениот природен гас ќе забележат тренд на стабилизирање со цел што поскоро постигнување економска оправданост.
Разговараше: Зоран Јовановски
(Економија и бизнис, печатено издание, ноември 2021г.)