Економија

Петревски: Децентрализација, сега!

Горан Петревски

Авторот е редовен професор на Економскиот факултет, УКИМ

Локалните избори завршија, останаа залепените плакати, новите градоначалници седнаа во фотелјите и... толку. Како што велат: секое чуда за три дена. Всушност, ниту гласачите очекуваат чуда ниту новите градоначалници можат да направат нешто посебно. Во тој поглед никој не е задоволен од функционирањето на локалната самоуправа – гласачите се жалат дека градоначалниците не работат ништо, а овие пак се жалат дека им се врзани рацете. И едните и другите се во право. Меѓутоа, наспроти постојаните поплаки, состојбата останува статус кво.

Всушност, кога нешто не е поставено на здрав темел подоцна тешко може да се исправи, а тоа важи и за децентрализацијата која беше сфатена во Македонија од самиот почеток како обврска од Рамковниот договор, т. е. како етничко прашање. Тоа е сосема погрешно: децентрализацијата нема врска со Албанците, со Турците или со Кинезите, таа е важна за луѓето. Децентрализацијата е многу важен дел од развојот на демократијата и во нејзината суштина лежи зголемувањето на учеството на „обичните“ луѓе во политичкото одлучување. Таа ја доближува власта до гласачите кои добиваат можност за непосредно и активно учество во одлуките за прашањата кои се важни за квалитетот на животот. На пример, локалната власт може подобро да ги согледа потребите на населението и да обезбеди јавни услуги кои навистина им се потребни на луѓето. Освен тоа, гласачите имаат поблиски контакти со локалните политичари и можат да ги принудат на одговорно и транспарентно извршување на јавните функции. Децентрализацијата обезбедува поголема одговорност на власта кон гласачите и затоа во неа нема ништо лошо. Отпорот кон децентрализацијата произлегува од политичките елити на централно ниво зашто таа подразбира намалување на нивните надлежности, на парите со кои раководат и на нивната политичка моќ.

Идната реформа на локалната самоуправа треба да почне со основното прашање – надлежностите на општините. Во сегашниот систем сите општини имаат исти надлежности, независно дали се способни да ги остваруваат или не. Ова решение треба да се напушти што побрзо зашто од него немаат полза ниту луѓето ниту политичарите. Тоа значи дека секоја општина треба самостојно да избере кои надлежности ќе ги извршува во согласност со своите потреби и финансиски можности. Уште поважно е да се воспостави остра поделба на надлежностите меѓу локалната и централната власт без никакво мешање и преплетување. Сега голем дел од надлежностите на општините се само формалност зашто нив де факто ги извршува централната власт. Притоа општините немаат сопствени извори за финансирање на надлежностите, туку тие се финансираат со трансфери од централната власт, а тоа не е вистинска децентрализација. На пример, сосема е исто дали владата ги плаќа наставниците или пак ќе им префрли парите на општините за тие да ги исплатат платите. Во двата случаја, централната власт е таа што фактички ги финансира училиштата. Оттука, иако образованието е во надлежност на општините, нивната улога е само да постават табли со натпис „Општинско основно училиште“, да изберат директор и слично. Вистинската децентрализација значи општината сама да одлучува за образованието (и да го финансира), односно таа самата да гради училишта, да вработува, да отпушта наставници и слично.

Токму поради отпорот на централните политички елити многу локални надлежности сè уште ги извршува централната власт. На пример, дали воздухот во Тетово е чист или загаден, тоа е чисто локално прашање кое никако не ги допира луѓето од Кавадарци и од Кратово; оттука заштитата на животната средина треба да биде претежно во надлежност на централната власт. Слично на тоа, кражбите, убиствата и регулирањето на сообраќајот се претежно локални прашања, а тоа значи дека полицијата треба да биде во надлежност на општините, додека полицијата на централно ниво треба да се занимава со организираниот криминал, трговијата со дрога, тероризмот итн. И образованието и здравствената заштита треба да бидат целосно префрлени на локално ниво, а централната власт може само да ја води образовната политика, да поставува стандарди, да врши координација итн. Да заклучам, централната власт треба да ги обезбедува оние јавни услуги кои ги користат сите луѓе во земјата (патишта, одбрана, судство, монетарна политика и слично), додека сите јавни услуги кои ги користат само жителите на одредено подрачје треба да ги обезбедува локалната власт.

Имајќи ги предвид претходните забелешки за децентрализацијата како механизам за доближување на власта до луѓето, односно за продлабочување на демократијата, како и распределбата на надлежностите меѓу централната и локалната власт, треба да се направи промена и во територијалната поделба. Во моментов, македонските општини се премногу големи, а со тоа се губат основните демократски придобивки од децентрализацијата. Поинаку кажано, не може да се очекува гласачите да имаат активно учество во политичкиот живот и успешно да ги контролираат политичарите ако општината има 80 или 100 илјади жители. Македонските општини се големи и во споредба со другите земји: на пример, 60 % од општините во Шпанија имаат помалку од илјада жители, а тој процент во Франција изнесува дури 80! Токму малите општини го стимулираат учеството на гласачите во политичкиот живот зашто во нив постојат услови за блиска комуникација со општинските служби, гласачите лично ги познаваат локалните политичари, а поединечниот глас има поголемо значење на изборите. Освен тоа, малите општини се одликуваат со повисок степен на социјална хомогеност и идентификација со заедницата, т. е. луѓето имаат слични вредности и потреби и одржуваат поблиски врски, а тоа значи дека имаат и сличи потреби за јавните услуги. На пример, големите општини како Скопје, Куманово, Тетово, Кичево или Струга имаат мешано градско и селско население при што првото има потреба од паркови, културно-забавни објекти и слично, а на второто му требаат патишта и водоводна мрежа. Главниот проблем со малите општини лежи во тоа што немаат доволно пари за финансирање на надлежностите, но овој проблем се надминува така што тие нема да ги извршуваат сите надлежности, а освен тоа некои работи можат да ги извршуваат неколку општини заедно (на пример, заеднички јавни прерпријатија).

Се разбира, реформата на локалната самоуправа не може да се замисли без промени во системот на финансирањето на општините. Впрочем, основниот принцип на децентрализацијата гласи: финансиите треба да ги следат функциите! Оттука сосема се оправдани поплаките на градоначалниците зашто на општините им се дадени многу надлежности со малку сопствени извори на финансирање. Во моментов, убедливо најважен извор на приходи се трансферите од централната власт што покажува дека општините немаат никаква финансиска автономија, т. е. во голема мера се зависни од централната власт која на тој начин има огромно политичко влијание и на локално ниво. Освен тоа, ако општината се финансира со трансфери, таа нема ниту можност ниту мотив за поефикасно користење на парите. Наспроти тоа, ако општината се финансира од сопствени даноци, таа ќе биде стимулирана да ја подобри наплатата на даноците и подобро да раководи со собраните пари (соодветно трошење на парите и подобар финансиски менаџмент). Оттука, за да се обезбеди ефикасна локална самоуправа, општините треба да добијат нови извори на даночни приходи: на пример, да им се препушти данокот на личен доход (кој нема големо значење за централниот буџет), да им се дозволи да наплаќаат општински даноци (на доход или на ДДВ), да им се дозволи целосна слобода во употребата на блок-дотациите итн. Се разбира, финансиската автономија на општините треба да биде надополнета и со механизми кои ќе обезбедат нивна одговорност како: општините да немаат право на буџетски дефицити, општинските даноци и даночните стапки да бидат одобрени на референдум и централната власт да не презема никакви финансиски обврски кон нив.


(Економија и бизнис, печатено издание, декември 2021/јануари2022г)

 

ПРЕПОРАЧАНО