Интервјуа
Азески: Јас не ја сменив зградата, го сменив кадарот и така ја создадов комората на иднината
Бранко Азески
Балкански коморски лидер
100 ГОДИНИ КОМОРА
Мојата девиза е очекувањата да се во корелација со реалноста, а константа на мојот живот е да правиш нешто за заедницата, бидејќи сам не си за никаде
Претседателе Азески, Ќе опстои ли Македонската држава?
Б. А.: Сигурно ќе опстои. Не затоа што прави што треба, туку затоа што меѓународните околности се такви. И веројатно тоа е главната причина за нашето заостанување во развојот и слабата активност бидејќи човек кој има алтернатива да друг му ги решава работите не пружа максимум во она што треба сам да го прави. Ако 90 % од интелектуалците во една држава викаат дека работите ќе ги реши „Калето“, тоа е тежок пораз на самиот себе затоа што ти однапред си решил да не се трудиш.
Каде згрешивме?
Б. А.: Да мислиш дека не си згрешил е состојба во која ти нема помош. И јас не можам со сигурност да кажам дали грешиме во моментов, но за пред 30 години со сигурност може да се каже дека згрешивме во нашата неодлучност до крај како да се поставиме спрема распаѓањето на СФРЈ и предолго тактизиравме со што ја изгубивме предноста да влијаеме на процесите. Сигурно згрешивме и со тоа што на почетокот на градењето на сопствената држава не го повикавме целокупниот македонски човечки капитал во светот да дојде и да се вклучи во градењето на сопствената држава која ја создадовме по 100-тици години и со огромен број жртви. И трето, со сигурност може да се каже дека згрешивме што не изградивме заедничка платформа за функционирање на државата обременета со разноразни поделби, што значи ги продолживме делбите, а не направивме ништо за да се сплотиме за неколку фундаментални принципи.
Претседателе Азески, што ни се случува во моментов?
Б. А.: Што ни се случува во моментов ќе прочитате во мојата најнова книга што излегува паралелно со ова интервју и што можете да ја добиете ако навратите на кафе на „Димитрие Чуповски“ бр. 13 во центарот на Скопје каде што е седиштето на Комората.
Многу често настапувате во јавноста, ретко зборувате за прашањата на општествената надградба и сакате да започнеме со медиумите. Зошто со медиумите?
Б. А.: Цел живот другарувам со новинарите и морам да кажам дека меѓу нив има врвни професионалци. Меѓутоа, медиумот како бизнис е заробеник на дневно-политичките случувања, а со тоа и таквите професионалци го губат својот рејтинг. За мене е јасно дека тие мора да се силен коректив на власта, но во моментов тоа не се. За нас се силен поддржувач и не можам да се пожалам на соработката со нив.
Постојано изјавувате дека ако не беше кризата прашањето за кадарот ќе беше број еден проблем на бизнисот.
Б. А.: Комората и во услови на пандемијата која бара итно и интервентно решавање на проблеми, прашањето за кадарот го постави на врвот на приоритетите. Станавме линк меѓу образованието и бизнисот. По една деценија упорна и макотрпна работа на овие сложени процеси, сега доаѓаат резултатите. Конечно профункционира дуалниот систем, 211 компании минатата година, оваа 500-тини влегуваат во системот на дуално образование. Започнуваме темелна реформа и во високото образование, која ќе биде свртена спрема вештините и потребите на бизнисот и работиме на воведување на пракса во неформалното образование, што значи учење во текот на целиот работен процес или доживотно учење.
Имаме ли капацитет, култура да ја наметнеме како наше национално богатство?
Б. А.: Еден мал народ, кој претендира да влезе во 30-члено семејство како што е Европската Унија, таму може да испорача само култура, а сигурно не производи со подобар квалитет од европските. Нашата држава има илјадагодишна културна традиција и искуство и тоа е она што треба да го презентираме и за што треба да се гордееме. Затоа треба и повисок процент во Буџетот од тој што е моментално бидејќи културните вредности, културните добра немаат паричен израз, тие може да се бесценети. Колку повеќе вложуваш во културата, толку повеќе се издигнуваш над другите.

Спортот е еден од најголемите амбасадори на секоја земја. Дали тоа важи и за спортот во нашава земја ?
Б. А.: Македонија мора да се сврти од колективните кон поединечните спортови. Нашата структура на економијата која треба да ги подржува тие проекти е слаба и не може да го издржи тоа. Поединечните спортови со помали вложувања можат да доведат до повеќе ефекти. Примерот на Новак Ѓоковиќ го докажува тоа. Србија во фудбалот вложи милијарди, а никогаш не доби ниту европска, а камоли светска титула. Новак Ѓоковиќ со илјада пати помали вложувања на Србија ѝ донесе голема афирмација.
Улогата на невладиниот сектор во општеството?
Б. А.: Невладиниот сектор наместо коректив стана активен чинител на поделената држава. За другото не сакам да коментирам. Сите знаеме што е тоа „другото“.
Прв човек на Комората сте 17 години. Триесет и две години сте дел од активностите во коморското функционирање. Верувате ли вие во постоење на Комората понатаму?
Б. А.: Верувам. Институциите за кои има реална потреба по правило опстојуваат. Коморите ќе опстанат и во услови и кога теоретски ќе има пет фирми затоа што тие ќе мора да се усогласуваат бидејќи јавниот сектор нема да може да преговара со секого посебно.
Кој е кадровскиот капацитет на Комората?
Б. А.: Многу голем, најголем во државава, и во поширока и во потесна смисла. Во поширока смисла, во нашите компании има најголем број доктори на наука, магистри, инженери, економисти, правници, научни работници и слично. Во потесна смисла, во апаратот на Комората на толку мал број луѓе, 50-тина, има таква концентрација на добар кадар што процентуално е во врвот на нашава држава. Јас во овие 17 години не ја сменив зградата, го сменив кадарот, луѓето во неа и така ја создадов Комората на иднината. Најмногу се гордеам со институциите што сум ги изградил од нула, а денеска имаат признато место во бизнисот како што се ГС1 Македонија, организација за доделување и управување со бар кодовите за нумерирање на артикли, Македонското кредитно биро, Советот за странски инвестиции, Македонската енергетска асоцијација, Комората на иднината и многу други проекти кои се во тек.
Комората денес во своите редови ги има 10-те најпрофитабилни компании, 10-те најголеми извозници, 10-те најголеми производители и 10-те најуспешни бизнисмени. Но, не е само тоа. Во својот апарат ги имаме и 10-те најдобри коморски кадри во државава и уште толку регионални експерти, што доволно докажува дека е создадена комора на иднината, можеби не со пет ѕвезди, но со онолку колку што е потребно за да бидеме во служба и на бизнисот и на државата.
Задолжително или доброволно членство, кој тип го протежирате?
Б. А.: За мала држава како што е нашава, која мора да води сметка за извозот, тоа е единствена Комора со задолжително членство. Јас тоа го образложив уште во 2017 година во книгата „Развојни перспективи на коморскиот систем во Македонија“, која ја работев со д-р Елена Милевска Штрбевска, бидејќи прво, Македонија мора да има договор меѓу јавниот и приватниот сектор, второ, Македонија мора да има стратегија за забрзан економски развој и како мала држава мора да работи на поврзување и унапредување на соработката меѓу претприемачите од малите земји од регионот и трето, Македонија мора да има структуриран, единствен и моќен коморски систем кој ќе може вистински да ги презентира потребите на приватниот сектор! Но, јас сум практичен човек и знам дека тоа во корелација со моите активности во социјализмот ќе им даде шанса на противниците на тој концепт да ме нападнат, иако едното со другото нема врска. Меѓутоа, како што реков претходно, мора човек да се прилагодува на реалноста и јас тоа го правам.
Каков е односот Комора – држава?
Б. А.: Државата и понатаму на коморите гледа како на помошни органи на државната власт, кои ете така нешто „матат“ и треба да ги користат за своите ПР-стратегии. И нормално грешат. Ние на секој премиер му поклонуваме слика со легендарната реченица на Харолд Вилсон, премиер на Велика Британија од 70-тите години, кој рекол: „Подобро е Комората да ја имаме како партнер на Владата во конципирање на законите, отколку како противник во нивната имплементација“. Зошто тоа до крај не се спроведува не ми е јасно ако, пак, е јасно дека ако фирмите создаваат профит, тоа е бенефит и за коморите и за државата.
А каков е односот на бизнисот кон Комората?
Б. А.: Бизнисот сè уште не може да го препознае вистинскиот бенефит што може да го има од коморскиот систем. Разбирам тоа да не можат да го разберат малите фирми, но средните и големите не можам да ги разберам. Комората е најмалку МОСТ меѓу нив и Владата, а во најголем дел шанса за поддршка на нивните бизниси. Не можам да разберам како не препознаваат поддршка при вмрежувањето, при алтернативното решавање на споровите, при воведувањето на стандарди, при градењето на заеднички производ, при заедничкиот настап на странските пазари, при соработката со странските компании. Но, најважно при можноста да дојдат до правични информации. Не можам да речам дека во овие 17 години не направив сè што треба за тоа − отворајќи ја Комората за јавноста, упатувајќи ги нашите вработени спрема компаниите, едуцирајќи ги на сите можни начини, па до мојот личен ангажман да им ги отворам балканските простори. Морам да кажам дека компаниите упорно тераат своја агенда мислејќи дека можат сè сами да направат.
Господине Азески, има ли бизнис во Македонија?
Б. А.: Има многу дефиниции за бизнисот. Уште толку книги, научни трудови, рецензии, докторати и што ли уште не. Народски кажано, бизнисот всушност се состои во тоа дали прифаќаш ризик или не. Клучна разлика меѓу тој што успева во бизнисот и тој што не успева е ризикот. Колку поголем ризик, толку поголем профит. Просто како грав. Сè друго е изговор на неуспешноста. А изговори има колку сакате.
На „Вол стрит“ бр. 11 („Wall Street“ 11) има голема бронзена фигура на бик кој се подготвува за напад пред седиштетото на Берзата. Склуптурата тешка 3 200 килограми го симболизира агресивниот финансиски оптимизам и просперитет без кој нема напредок. Тој потсетува дека капиталот треба постојано да циркулира, но кога финансиските извештаи нема да бидат добри, тогаш останува вербата и надежта дека наредните бизниси ќе донесат просперитет. Значи бикот е одличен симбол за бизнисот во кој ако сакаш да успееш треба да ги имаш неговите карактеристики. ДА БИДЕШ СИЛЕН, ДА БИДЕШ УПОРЕН И ДА ПРИФАТИШ РИЗИК.

Има ли бизнисмени во државава?
Б. А.: Има, но многу малку за разлика од другите нации и држави каде што бизнисот е начин на живот. Што е тоа што ние го имаме во бизнисот? Ние имаме поединечни успешни примери кои се исклучок од просечноста. Е токму тие успешни примери, по правило, кај нас се „сомнителни ликови“ за јавноста и потенцијални противници на секоја политичка номенклатура. Наместо да станат пример за секој млад човек, тие личности се изложени на јавната сцена како објекти кои треба да се правдаат зашто се успешни. Звучи неверојатно, но вистинито. Значи, нам ни е потребна потполно нова концепција за сфаќањето на бизнисот, стратегија која ќе создаде нова реалност во која централно место ќе заземе бизнисот кој е алфа и омега на нашиот опстанок како мала и неразвиена земја.
Преку Советот за развој на високото образование и за истражувања го отвораме процесот на привлекување мали и средни компании кон Комората, а со формирањето на Центарот за стартап компании го заокруживме процесот на опфаќање на сите компании во Македонија, а не само на големите.
Има ли пазарна економија?
Б. А.: Има само елементи, а и тие често се заобиколуваат. Најдобар пример за тоа е мешањето на државата во регулирањето на односите од внатре кај приватниот сектор. Примери има многу, но најсвеж е оној со Законот за работни односи со кој преку начинот на кој се дефинира недела неработен ден спротивно на член 55 од Уставот на РСМ директно задира во слободата на пазарот и непочитување на принципите на пазарната економија.
А постои ли бизнис-амбиент?
Б. А.: Ако Комората има 5 клучни приоритети (борба со сивата економија и со корупцијата, брза гасификација; директна поддршка на извозните компании; брзи процедури за издавање на градежни дозволи за инвестициите од бизнисот и законско регулирање на регистрацијата на електронските портали) и проблеми со функционирањето на правната држава и со функционирањето на пазарната економија, тогаш неодговорно е да се каже дека има поволен бизнис-амбиент. Но, јас бизнис-амбиентот го разбирам како процес бидејќи тој мора да се гради и надградува секојдневно. И тоа морам да признам е многу одговорна задача.
Кој е Бранко Азески?
Б. А.: Има двајца Бранко Азески, едниот е оној кој го опишуваат моите соработници во книгата „Една слика илјада зборови“, издадена 2020 година за кој ќе кажат − д-р Елена Милевска Штрбевска: „Станува збор за човек со јасна визија, роден лидер и организатор, присутен на сите битни настани во опкружувањето и информиран за сè и сешто, човек кој ’создава мостови‘ или кратко ’човек-мост‘“; д-р Иле Масалковски: „Една од водечките мисли на г. Азески е ’секогаш гледај ја големата слика‘. Постојано нешто гради, менува, реорганизира, предлага, иницира и тоа е негова секојдневна одлика. Неговиот немирен дух не запира и нè поттикнува и мене и сите други да го правиме истото“; Марко Чадеж: „Денес нашето заедништво во регионалното коморско поврзување го уважуваат и бизнисмените и политичарите – и тоа во регионот, во Брисел и во Вашингтон“; Рифат Хисарчиклиоглу: „Преку личната и институционалната поддршка на Азески, на Македонија ѝ се овозможи подобро да се вклопи во европските пазари“; Александар Влаховиќ: „Бранко е вистински лидер чија сила на личноста значајно ја надминува формалната позиција на која се наоѓа. Ми претставува чест што го познавам“; Џемаил Даути: „Секогаш успешно знае да ја избалансира врската меѓу актуелните политички и економски збиднувања. Токму тој баланс му овозможи од Комората да направи организација со светски стандарди“; Илија Гечев: „Тој е силен стратег во бизнисот и голем визионер во економијата“; Сафет Ѓерѓалиу: „Ти благодарам оче за сè“; Марта Томовска: „Како што вели народот – еднаш претседател, секогаш претседател. Таа титула едноставно тој знае да ја носи“; Димитар Богов: „Неговото големо искуство и длабокото познавање на состојбите во бизнисот и во општеството беа пресудни секогаш да ги постави на маса клучните прашања за кои е можно и полезно да се дискутира и да се бараат решенија“; д-р Глигор Бишев: „Бранко е како река што тече и околу себе интегрира голем број на мали реки, поточиња и сето тоа го прави во големо движење на бизнисот, артикулирајќи ги неговите интереси, цели и заложби“.
Другиот Бранко Азески е нормалниот граѓанин на Република Северна Македонија кој живее живот како секој наш граѓанин. Фамилијарен човек, со 34-годишен брак, сопруга, татко на две деца, со вообичаени секојдневни навики за кој актерот и стендап комичарот Сашко Коцев ќе најде најдобра дефиниција: „За мене како актер соработката со Стопанската комора беше откривање на еден сосема нов свет, дел од живеењето кое е непознато за мене, а сепак многу присутно и важно за општеството. Посебниот впечаток го надоврза и запознавањето со господинот Азески со неговата неверојатна духовитост која, на прв момент, никој не би ни помислил дека ја носи првиот човек, и тоа баш на Стопанската комора“. Првенец на генерација во основното, средното училиште и на факултетот, општествено-активен човек од својата 15-та година како учесник на младинските работни акции, како активист во младинската организација, како возобновител на охридскиот пливачки маратон, како најмлад директор на „Слобода АД Охрид“, како прв директор на прв хотел со 5 ѕвезди „Александар палас“, како активен учесник во трансформацијата на Стопанската комора, како човек со најголема мрежа на приватни контакти.

Најголем дел од луѓето околу вас ве доживуваат како балкански коморски лидер...
Б. А.: Балканот за мене секогаш претставувал предизвик. Толкава убавина на толку мал простор нема никаде. Околу Балканот има 5 мориња, Црно, Мраморно, Јонско, Егејско и Јадранско. Има огромни низини, планини, реки, езера, нема само едно, ум, кој ќе успее да ги поврзе сите тие инфраструктурно. Затоа што тогаш ќе можеш да појадуваш во Дубровник, да ручаш во Солун, а да вечераш во Истанбул. Или пак да појадуваш во Букурешт, да ручаш во Приштина, да вечераш во Драч. Плус тоа нема ниту тајфуни, ниту цунамија, ниту циклони, што значи дека кафезот е од злато, ама „биљбиљот“ внатре не чини, што ќе рече еден мој пријател Аднан Чинан кој долги години живееше во Охрид и се пресели во Истанбул. Е тој Балкан јас секогаш го разбирав како регион и од мојата најрана возраст сум го крстосувал по разни основи. Така се изгради мојата мрежа која потоа е ставена во функција на бизнисот. А бизнисот и Комората ме донесоа на чело на најмоќните регионални бизнис-здруженија. Така го заработив и овој прекар „балкански коморски лидер“ кој е апсолутен синоним за човек кој помага на секој во бизнисот на балканските простори.
Комората оваа 2022 година одбележува 100 години.
Б.А.: Комората за мене секогаш претставувала институција. Не можам да кажам дека не сум го знаел нејзиното вистинско значење. Во социјализмот беше институција како сите тогаш подредени на партијата. Во транзицијата како активен чинител во ембаргата и блокадите кои ни се случуваа, но и активен партиципиент во приватизацијата на општествениот капитал. И во новиот милениум како институција што бара место под сонцето во државата која тешко се носи со времето на поставување темели за долгорочно опстојување. Сите три карактеристики морам да признам дека се непријатни, но мора да бидеме реални и да кажеме дека и покрај овие општи впечатоци Комората ја остваруваше својата функција за поддршка на компаниите и што е уште поважно го задржа континуитетот на постоењето. Коморите опстанале 400 години, нашата 100 години и тоа е голем доказ дека треба да се бориш и да направиш Комора на иднината. Јас тоа го направив.
На 31 јануари одбележавте 60 години. Каква е вашата животна патека?
Б.А.: Од Охрид се иселив на 18 години, ама никогаш не го напуштив. Живеам насекаде затоа што сум посетил преку 80 земји, некои по сто пати како што се балканските и навистина можам да кажам дека тоа е моето најголемо богатство што никој не може да ти го одземе. Сè друго е менливо, освен она што си го видел со сопствените очи.
Никогаш не сум имал големи очекувања. Големите очекувања секогаш можат да бидат големи разочарувања. Мојата девиза во животот била очекувањата да се во корелација со реалноста.
Четириесет и пет години сте општествено активни...
Б. А.: Не знам кој ме вовлече во таа работа, ама тоа е константа на мојот живот, да правиш нешто за заедницата. Тоа е моторната сила која те влече напред ако добро си разбрал дека сам не си за никаде. А морам да кажам дека бенефитот од општествената активност како личност е огромна. Пред сè во градење на мрежата на луѓе, но и во искуствата. Тоа за мене биле најубавите моменти во животот, опкружен со луѓе, со една мисла, со еден таргет да направиш нешто добро за сите.
Триесет и пет години активно работите...
Б. А.: Триесет и пет години упорна работа, а се трудам тоа да не го прикажам во јавноста затоа што така „ги победувам противниците“ кои цел живот грешат потценувајќи ме како личност која е склона кон уживање, а не кон работа. Тоа ми дава огромна предност да ги изненадам во клучните моменти и на тој начин да одам напред. Мојата порака до младите е следна, најголемата наивност во животот е да го потцениш конкурентот, тука ти нема спас.
Зошто сте немале државна функција?
Б. А.: Кога си дел од процесот на распаѓање на една држава, иако не си имал конкретна вина, секогаш со себе носиш одговорност за тоа што се случило. Јас и натаму мислам дека државните функции се само дел од милјето на општествено-одговорните функции кои како коректив на власта и гарант за функционирањето на правната држава се многу значајни. Државните функции во ваков политички систем почиваат на партиската организација и од таму го црпат својот легитимитет. Јас од самиот почеток не сакав да бидам член на ниедна партија затоа што тие правила на игра не се во корелација со моите сфаќања за уредување на државата и пак се враќам на почетокот, се прилагодувам на тоа што мисли мнозинството, а тоа е дека ваквиот систем им одговара.
Што им кажувате на сопствените деца?
Б. А.: Не им кажувам ништо затоа што тие сами треба да ја разберат реалноста, но и тие мои кажувања да не им претставуваат алиби за определени погрешни чекори. Јас и мојата сопруга се определивме да не партиципираме во ниедна нивна одлука, ама совршено знаеме дека тие се наши деца и секогаш ќе ја имаат нашата поддршка. Ама нека одлучат сами.
Разговараше: Кирко Бошкоски
(Економија и бизнис, печатено издание февруари 2022г)