Економија

Јовановски: Демократијата започнува на локално ниво – знаеме ли што се случува во општините?

Зоран Јовановски

Авторот е економист

Под мотото „Демократијата започнува на локално ниво!“ во периодот октомври 2020 − декември 2021 година Економија и бизнис го реализираше проектот „МОЈАТА ОПШТИНА − ФИНАНСИИ, РАЗВОЈ, ДОЛГОРОЧНА ОДРЖЛИВОСТ“. Проектот го финансираше швајцарската Агенција за развој и соработка преку Форумот за разумни политики.


Целта на проектот беше да се овозможи подобар увид во клучните економски случувања во општините низ земјава, да се идентификуваат и да ѝ се претстават на јавноста клучните карактеристики на буџетите на општините и предизвиците со кои тие се соочуваат при извршувањето на своите буџети, да се посочат придружните импликации/пречки за локалниот економски развој на општините. Но, истовремено да се посочат и можните решенија онака како што на нив укажуваат разновидните претставници на локалните заедници, создавајќи на тој начин предуслови за подобрена финансиска одржливост на општините и продлабочена децентрализација во земјава. Со проектот беа опфатени вкупно 15 општини, по две од седум плански региони (Прилеп, Куманово, Тетово, Битола, Кочани, Охрид, Гевгелија, Гостивар, Кавадарци, Велес, Штип, Струмица, Пласница, Ранковце) плус општина Аеродром од градот Скопје. Вклучени се општини со различна големина и број на жители, различен етнички состав на населението, различен профил (претежно урбана или рурална општина), различна географска позиционираност (погранична зона и сл).
Проектот се реализираше така што во Економија и бизнис беа објавувани специјални прилози за секоја од вклучените општини. Тие прилози имаа идентична структура и вклучуваа интервју со градоначалникот, одговори на советници од општината и одговори на бизнисмени од локалната средина.

Што покажаа интервјуата со градоначалниците?
Сите 15 интервјуирани градоначалници одговараа на 7 исти прашања. На тој начин се обезбеди конзистентност во пристапот и се создаде можност добиените одговори да се систематизираат и да се анализираат. Секој градоначалник можеше да наведе повеќе работи како одговор на едно прашање.
Прашање 1: Погледнато во еден подолг период, кој ја надминува рамката на еден градоначалнички мандат, кои се областите во кои вашата општина остварува континуиран напредок во своето работење?
Иако всушност се бараше оценка за континуитет, градоначалниците во своите одговори всушност го посочија сработеното во првите три години од својот мандат. Притоа, можат да се идентификуваат 12 области од кои 4 се најчести: инфраструктура (патната мрежа во урбаните и руралните делови на своите општини, изработка на сообраќајна студија), водоснабдување (вклучително и канализациската мрежа), образование (подобрување на условите за извршување на образовниот процес, отворање нови градинки) и животна средина (активности поврзани со пречистителни станици за отпадни води, набавка и користење на автобуси на метан во јавниот превоз, активности поврзани со одлагање на сметот, замена на обичните светилки кај осветлувањето со енергетски ефикасни светилки).
Прашање 2: Кои се проблемите, без оглед на нивната природа, со кои со години се соочува вашата општина? Кои се главните ограничувања за побрз локален економски развој и за давање подобри услуги на жителите од општината?Пет градоначалници ја посочуваат состојбата со патната инфраструктура како ограничувачки фактор за развојот на нивната општина (проблеми поврзани со руралните патишта, недостатокот на паркинг простор итн). Кај финансиските проблеми градоначалниците ја посочуваат презадолженоста на нивните општини. Трет е проблемот со одливот на младите и работната сила. Градоначалниците сметаат дека оваа тенденција носи потенцијал да остави долгорочни негативни последици врз развојот на општините.

(прочитајте ги сумираните наоди од поединечните анализи на 15-општини вклучени во проектот на следниот линк)

Прашање 3: Што би можело да помогне? Дали е потребна промена, на пример, на регулативата што го регулира работењето на општините?

За разлика од претходните прашања, кај кои имаше прилично широк спектар на одговори, кај прашањето 3 одговорите на градоначалниците се сконцентрирани. Најпрвин речиси половина од интервјуираните градоначалници посочуваат дека би можела да помогне поголема фискална децентрализација. Притоа тие зборуваат за потреба од зголемување на процентот на приходи од наплатен ДДВ и персонален доход, што би требало да оди кај општините. Некои посочуваат потреба од промена на методологијата за пресметка на делот што се добива од наплатата на ДДВ, наведувајќи дека основен критериум треба да биде местото каде што е остварен прометот со ДДВ.
Некои градоначалници сметаат дека треба да се зголемат надлежностите на општините регулирани во Законот за локална самоуправа и Законот за финансирање на локалните самоуправи и буџетирање. Потоа градоначалниците посочуваат дека тековно капиталните проекти за инфраструктура одат преку Министерството за транспорт и врски, но дека општините треба да имаат повеќе финансиски средства и за некои активности во овој контекст сами да одлучуваат. Понатаму градоначалниците сметаат дека носењето одлуки за концесионерство за експлоатација на минерални суровини треба да премине од Министерството за економија на општините, како и да се преразгледаат процедурите за одобрување проекти и издавање на градежни дозволи и пренамена на земјоделско во градежно земјиште. Градоначаниците сметаат дека треба да се направат измени и во Законот за урбанистичко планирање со цел полесно и побрзо носење на урбанистички планови. Исто така, генерално, градоначалниците сметаат дека треба повеќе да се зема предвид мислењето на ЗЕЛС.
Прашање 4: Дали би помогнала поголема децентрализација и давање поголеми ингеренции на општините?
Со оглед на тоа што некои од градоначалниците кај претходно поставените прашања не го искажаа својот став во однос на темата децентрализација, поставено е конкретно прашање. Постои консензус на сите 15 интервјуирани градоначалници дека децентрализацијата е клучна за развојот на општините. Тие посочуваат дека процесот трае премногу долго, дека е потребно декларативната поддршка да се замени со конкретна и дека е потребно на општините да им се дадат поголеми права, но и поголеми одговорности. Притоа некои градоначалници сметаат дека големината на општините игра улога во овој процес и затоа децентрализацијата треба да се одвива на различен начин. Следствено помалите или посиромашните општини би биле повеќе поддржани од централната власт или од соседните поголеми општини во управувањето, додека поголемите општини би биле сериозно ослободени од врската со централната власт.
Друга важна поента посочена од некои од градоначалниците во овој контекст е рамномерниот регионален развој. Тргнувајќи од тоа дека земјава е многу нерамномерно развиена, постои потреба од систем за финансиско изедначување. На тој начин општините со недоволни финансиски ресурси би добиле соодветна поддршка затоа што секој поединец, без оглед дали живее во село или град, има право на одредено ниво на квалитет на образовни, социјални, здравствени и секакви други услуги.
Дел од градоначалниците, зборувајќи за децентрализацијата, посочуваат на потребата таа да се изведе правилно, дури и кога се реализира во фази. Како пример е посочена децентрализацијата во сферата на образованието. Така, во првата фаза на децентрализацијата, општините добивале наменски дотации од централната власт наменети за тековно одржување на училиштата, односно покривање на трошоците за одржување, греење и транспорт на учениците од основното образование. Но, во услови на затекната многу лоша состојба со инфраструктурата во училиштата при преземањето на надлежностите, средствата од државните дотации не биле доволни за посериозни санации или уредување на инфраструктурата. Во втората фаза општините добиваат блок дотации за платите на вработените, но според некои од градоначалниците има многу нејаснотии кога станува збор за капиталните инвестиции во образованието, особено кога некои одлуки за реновирање на училиштата се носат на централно ниво, без координација со локалната власт која, всушност, ја има надлежноста.
Прашање 5: Дали има нешто што самата општина може да го промени во своето функционирање во поглед на своите приходи, на расходи и воопшто на своето работење во иднина?
Повеќе од половина од градоначалниците сметаат дека можат да преземат активности што би резултирале со подобро финансирање на нивните општини: зголемување на приходите од наплата на даноци (преку подобра евиденција на објектите за кои се издава решение за наплата на данок на имот, навремено издавање на решенија, подобра евиденција на промените настанати кај имотите за поточна проценка на вредноста на имотот за кој се наплаќа данок на имот); подобрување на структурата на буџетот на општините (намалување на нефункционалните тековни расходи и зголемување на капиталните расходи); промена во начинот на финансирање на спортот (наместо инвестиции/финансирање на професионални спортски клубови, општините да инвестираат во спортска инфраструктура); да се стават во функција или да се продадат нефункционалните објекти на општината, да се зголеми фискалната транспарентност.
Прашање 6: Каква е комуникацијата на општината со другите чинители како што се: граѓаните, бизнис-заедницата, меѓународната заедница, академската заедница, невладиниот сектор?
Најголем број градоначалници (9) претпочитаат директни средби со сите чинители кои се поврзани со работењето на општината, по правило при подготовката на годишниот буџет на општината, но и како дел од секојдневниот работен ден на градоначалниците. Шест градоначалници посочија дека користат форми на структурирана комуникација, како што се т.н. граѓански парламент, локален социо-економски совет, локален граѓански совет, отворена канцеларија, младинско-информативен центар итн. Повеќе од половина од интервјуираните градоначалници посочуваат дека имаат и одржуваат комуникација со претставниците на меѓународната заедница во земјава.
Прашање 7: Како да се обезбеди долгорочна одржливост на финансиите и општо да се обезбеди долгорочно здрава основа за работење на вашата општина?
Според градоначалниците најголемата ранливост на општините лежи во нивниот тековен фискален капацитет. Без негово зголемување се става под прашалник долгорочната функционалност и одржливост на општините. Десет градоначалници ја посочуваат потребата од деблокирање на сметките, зголемување на приходите по основ на данок на имот, ажурирање на даночната основица, зголемување на делот од приходите за општините од ДДВ и персонален данок, итн. Потоа, општините да имаат пристап за задолжување на домашниот и странскиот пазар на капитал и да се воведат механизми со кои ќе се зголеми одговорноста во финансиското управување за да нема неодговорни градоначалници и трупање долгови на општините. Се посочува и потребата од забрзување на процесот на гасификација и намалување на сивата економија.

Што покажаа одговорите на советниците во општинските совети?
Советот на општината има клучна улога во носењето одлуки и определувањето на правецот и начинот на функционирање на една општина и затоа е важно да се слушнат ставовите на општинските советници. Од секоја општина се побарани мислења од вкупно 6 советници, со подеднаква застапеност на советниците по основ на политичка припадност (владејачка коалиција, коалиција на опозицијата и евентуално друга политичка опција), пол, етничка припадност итн. Во рамките на целиот проект обезбедени се одговори од вкупно 75 советници или во просек по пет од општина.
Сите советници од општините опфатени со проектот одговорија на едно исто прашање: Како до подобри услуги за жителите на вашата општина? Можности, ограничувања, предизвици.... Одговорите опфаќаат прилично широк дијапазон на сегменти од работењето на општините во кои е потребно нешто да се преземе за да се унапреди нивното функционирање. Убедливо најважниот фактор за советниците (го посочиле советници на 13 од вкупно 15 општини) е важноста и потребата од повисоко ниво на комуникација и инклузивност на општините во интеракцијата со сите корисници на општинските услуги, вклучително младите лица, бизнис-секторот, социјално ранливите лица итн. Кога ваква оценка доаѓа од самите советници, тогаш градоначалниците навистина треба да ја преиспитаат ефикасноста на постојните канали на комуникација на општината.
Според советниците втора критична област на општините е потребата од професионализација на општинската администрација, нејзино департизирање, вработување на најдобрите за соодветните работни места, сè со цел граѓаните да можат да добијат услуги на брз, квалитетен и ефикасен начин. Советниците укажуваат и на потреба од дигитализација како и висок степен на транспарентност на работењето на општината.

Што покажаа одговорите на претставниците од локалната бизнис-заедница?
И претставници на бизниси со седиште на територијата на конкретната општина одговорија на едно прашање, исто за сите нив. Прашањето беше: Што треба да прави вашата општина за подобра бизнис-клима и побрз раст на локалната економија?
За коректна репрезентативност побарани се одговори од бизнисмени со бизниси со различна големина, од различни сектори итн. Добиени се одговори од вкупно 37 бизнисмени.
Бизнисмените имаат многу јасна претстава што сакаат. За нив е најважно да постои добра комуникација со општината и поголема инклузивност во нејзиното одлучување. Втора најпосочена работа е гасификацијата, трета е унапредување на патната инфраструктура, а четврта се економските зони (отворање нови зони или подобри комунални услови во постојните, во функција на нови инвестиции и работни места). Кај образованието, бизнисмените очекуваат од општинските власти воведување на дуално образование и соодветни паралелки во средните училишта со кои ќе се продуцира кадар со вештини потребни за бизнис-секторот.
Бизнисмените укажуваат на потребата од висок степен на професионалност на општинската администрација и обученост за подготовка на проекти што би биле одобрени и би се финансирале од странски фондови. Укажуваат и на потребата од соодветни урбанистички решенија, вклучително и сообраќајни решенија, како и потребата општините повеќе да се ангажираат во активности поврзани со туризмот.
Бизнисмените упатуваат и на потребата од менување на на Законот за градба, комплетирањето на градежна документација и добивањето на градежна дозвола. Истакнуваат дека овие постапки траат премногу долго.

Наоди од анализите на буџетите на општините
Општинските буџети беа анализирани со користење на податоците за 2019 година за да се обезбеди споредливост помеѓу општините и да се елимининира ефектот од пандемијата. Беше користена однапред дефинирана и усвоена методологија која вклучува вкупно 19 индикатори групирани во 5 групи. Од морето бројки издвојуваме неколку. Бројот на вработени во локалната самоуправа во просек изнесуваше 2,8 лица на 1000 жители, а вкупните расходи по жител 15.746 денари годишно, со повеќекратни разлики помеѓу поодделни општини. Даночната автономија на анализираните општини е ниска, бидејќи само 33,4% од вкупните расходи се финансираат со сопствени приходи. Во просек, дури две третини од вкупните приходи на општините се трансфери на финансиски средства од централната власт, кај една од општините бројката е дури 82,7%. Но, потенцијалот за зголемување на приходите е значаен, бидејќи приходите од данок на имот учествуваат само со 8,4% во вкупните буџетски приходи на општините. На страната на расходите, во просек, расходите за плати учествуваат со 47,8%, а капиталните расходи со 17,5% во вкупните расходи на општините. Во однос на задолженоста, во 2019 година дури 4 од 15те вклучени општини (25%) имале ликвидносни проблеми до степен да им биде блокирана сметката со различно времетрање во текот на годината.

Сумарни заклучоци
Темата за општините проектот ја држеше во очите на јавноста цели 15 месеци и овозможи да се слушнат гласовите на различни чинители поврзани со функционирањето на општините, градоначалниците, членовите на Советот на општините, претставниците на локалната бизнис-заедница. Проектот покажа дека општините се во релативно тешка ситуација, имаат значителни обврски, но недоволно финансиски средства за нивно извршување и следствено, многу се зависни од централната власт. Општинските советници и бизнисмените укажуваат дека е потребно да се подобри комуникацијата и инклузивноста при одлучувањето на општините. Постои целосен консензус кај градоначалниците дека суштинско решение за надминување на проблемите на општините е децентрализацијата, особено фискалната децентрализација. Долговите на општините се сериозен проблем кој бара долгорочно одржливо решение. Системското решавање на проблемите на општините треба да се стави во поширока рамка, а тоа се заложбите за рамномерен регионален развој. Секој граѓанин на земјата, без оглед на тоа во која и каква општина живее има граѓанско право да добие услуги од општината со одредено базично ниво на опфат и квалитет. На www.ekonomijaibiznis.mk може да се прочита долгата верзија на оваа анализа.


 (Економија и бизнис, печатено издание, февруари 2022г)

ПРЕПОРАЧАНО