Финансии / Банкарство

Трајкова: Климатските промени и монетарната политика на Европската централна банка

Наташа Трајкова

Раководител на Служба за управување со ликвидност и ALM во Стопанска банка а.д.Битола

Климатските промени се најголемиот предизвик со кој се соочува човештвото овој век, а нивното влијание станува сè поочигледно. Парискиот договор од 2015 година, ратификуван од 195 земји на национално ниво, претставува значајна пресвртница во меѓународниот одговор на егзистенцијалната закана за човештвото. Потписниците се согласија да го ограничат глобалното затоплување под 2 °C во однос на прединдустриските нивоа, настојувајќи да го ограничат зголемувањето до 1,5 °C. Климатските модели предвидуваат дека ова бара намалување на нето-емисиите на јаглерод на нула до средината на 21 век, што ја прави значајната структурна трансформација на глобалната економија неизбежна. Додека неколку централни банки ги препознаа импликациите на неконтролираните климатски промени за финансиската стабилност и надзор, импликациите за монетарната политика добиваа помалку внимание до неодамна.

Банките во светот треба да ја стават контролата врз финансиските ризици од климатските промени и да проценат дали нивните капитални бафери би можеле да се справат со поплави, пожари и ненадејни падови на цените на средствата. Се зголемува притисокот врз банките да играат поактивна улога во помагањето на глобалните економии да преминат кон нето-нулта економија до 2050 година и да ја поддржат сопствената одбрана од потенцијално остри падови на вредноста на заемите на компаниите и на другите средства. Влијанието на климатските промени врз финансиската стабилност зависи и од распределбата на финансиските изложености и од еволуцијата на потенцијалните загуби на финансискиот систем. Загубите од кредитниот ризик од банкарскиот сектор на ЕУ под неповолни климатски сценарија би можеле да изнесуваат 1,60 − 1,75 % од корпоративните средства пондерирани според ризикот во временска рамка од 30 години. Учесниците на финансискиот пазар можат да се потпрат на механизми засновани на пазар (како што се ребалансирање на портфолиото и повторна проценка на средства) или на финансиски инструменти (на пример деривати) за да управуваат со нивната изложеност на ризици поврзани со климата.
Базелскиот комитет на регулатори од економиите на Г20 и други земји го предложи својот прв сет на принципи за справување со ризиците поврзани со климата. Централните банки веќе почнаа да спроведуваат стрес тестови поврзани со климата при што продолжува посебната работа на Базел на потенцијалните капитални бафери за покривање на климатските ризици. Предложените принципи на Базел се фокусираат на барање банките да ги квантифицираат климатските ризици и да имаат контроли за нивно ублажување.

Примарниот мандат на Европската централна банка (ЕЦБ) е стабилноста на цените, цел што ја споделуваат повеќето централни банки. Доказите сугерираат дека климатските промени имаат суштински импликации за стабилноста на цените, а исто така влијаат и на другите области од надлежноста на централната банка како што се финансиската стабилност и банкарската супервизија. Климатските промени влијаат на стабилноста на цените преку најмалку три канали.

Прво, последиците од климатските промени може да го нарушат преносот на мерките на монетарната политика на централните банки на условите за финансирање со кои се соочуваат домаќинствата и фирмите, а со тоа и на потрошувачката и на инвестициите.

Второ, климатските промени би можеле дополнително да го намалат просторот за конвенционалната монетарна политика со намалување на рамнотежната реална каматна стапка која ги балансира заштедите и инвестициите.

Трето, и климатските промени и политиките за ублажување на нејзините ефекти можат да имаат директно влијание врз динамиката на инфлацијата.

Како надлежен орган, ЕЦБ во својот амбициозен акциски план спроведува супервизорски стрес тестови на банките кои се базираат на низа климатски сценарија развиени од Мрежата за позеленување на финансискиот систем (NGFS), глобално здружение на централни банки и надзорни органи кои се залагаат за поодржлив финансиски систем. Финансискиот сектор има клучна улога во транзицијата кон позелено општество преку мобилизирање средства за поодржлива економија.
ЕЦБ ќе спроведе стрес тест за ризиците поврзани со климата во 2022 година која ќе има цел да ги идентификува најдобрите практики и предизвиците со кои се соочуваат банките, a ќе спроведува климатски стрес тестови на билансот на состојба на евросистемот, користејќи ја методологијата на нејзиниот тековен климатски стрес тест на целата економија. Стрес тестот проценува како екстремните временски настани би влијаеле врз банките во текот на следната година, колку банките се ранливи на зголемување на цената на емисиите на јаглерод во следните три години и како банките би реагирале на сценарија за транзиција во следните 30 години. Краткорочниот дел од тестот претпоставува дека цените на јаглеродот се зголемуваат за 100 долари по тон во периодот до 2024 година, неколку години порано отколку во сценаријата развиени од меѓународните централни банки и регулатори. Покрај сценаријата за ризикот од транзиција, од банките ќе се бара да го симулираат ефектот на физичките ризици како што се поплавите во период од една година. ЕЦБ, која допрва треба јавно да ги открие параметрите на своите тестови, ќе ги проучува и репутациските и оперативните ризици со кои се соочуваат банките и дополнително ќе изврши преглед за да го процени степенот до кој кредитниот рејтинг и вреднувањето на средствата ја одразуваат изложеноста на ризици поврзани со климата.

ЕЦБ ќе започне да објавува информации поврзани со климата за нејзините портфолија на немонетарната политика и програмата за купување на корпоративниот сектор (CSPP) до првиот квартал на 2023 година.
Со својата нова стратегија и акциски план, ЕЦБ признава дека климатските промени се глобален предизвик кој бара итен одговор на политиката, вклучително и од централните банки.


(Економија и бизнис, печатено издание, декември 2021г/јануари 2022г.)

ПРЕПОРАЧАНО