Финансии / Банкарство

Кои беа топ 5 акции со најголем раст на цената на Македонската берза минатата недела?

Кирко Бошкоски

28.03.2022г.

Неделен извештај за периодот 21.03.2022 - 25.03.2022г.


 

Според вредноста на остварениот промет, минатата недела, во периодот од 21.03.2022 до 25.03.2022 година, на Македонската берза на хартии од вредност најтргувани беа акциите на Комерцијална банка АД Скопје. Со нивното тргување беше остварен промет од 16,7 милиони денари или околу 272 илјади евра (23,4 % од вкупниот промет). Втори најтргувани акции измината недела беа акциите на Алкалоид со вкупен промет од 8,6 милиони денари или околу 140,6 илјади евра (12,1 % од вкупниот промет). Потоа следуваа акциите на НЛБ Банка АД Скопје со 8 милиони денари или околу 131,1 илјади евра (11,3 % од вкупниот промет). Во топ 5 акции според прометот изминатата недела беа уште и акции на Тетекс Тетово со 5,3 милиони денари или околу 87,3 илјади евра и акциите на Макпетрол Скопје со промет од 4,8 милиони денари или 78,8 илјади евра.



Во истиот период беше остварен вкупен промет (на официјален + редовен пазар + јавни берзански аукции) од 71,3 милиони денари или околу 1,15 милиони евра. Овој промет беше реализиран преку 259 трансакции од кои 253 беа на официјалниот пазар, 4 трансакции беа остварени на редовниот пазар, а се реализираа и 2 трансакции преку јавни берзански аукции (продажба по модел „парче“) со акциите на Централниот Депозитар за хартии од вредност АД Скопје. Прометот од овие транскации изнесуваше 16,9 милиони денари или околу 279,4 илјади евра.

Најголеми добитници изминатата недела се имателите на акции на Гранит Скопје, Тетекс Тетово и Макстил Скопје. Цената на нивните акции се зголеми за 6,38 %, 5,83 % и 5,15 %, соодветно. Потоа следуваа акциите на Стопанска банка Битола, со раст од 1,67 % и ТТК Банка АД Скопје со раст на акциите од 0,37 %.



Намалување на вредноста минатата недела имале акциите на НЛБ Банка АД Скопје за 1,41 %. Фершпед Скопје за 1,24 % и Комерцијална банка за 1,16 %.

Според количината на истргувани акции, најтргувани акции минатата недела беа акциите на Макстил Скопје со 10.800 акции, ТТК Банка АД Скопје со 2.527 и Тетекст Тетово со вкупно 2.332 истргувани акции.

ПРЕПОРАЧАНО