Финансии / Банкарство
Со кои акции беше реализиран повеќе од половина од вкупниот промет на Македонската берза минатата недела?
Кирко Бошкоски
авторот е економист | 04.04.2022г.
Неделен извештај за периодот 28.03.2022 – 01.04.2022г.
Минатата недела, во периодот од 28.03.2022 – 01.04.2022 година на Македонската берза на хартии од вредност на официјалниот пазар беше остварен вкупен промет од 68,6 милиони денари или околу 1,11 милиони евра. Повеќе од половина или 56,1 % од овој промет беше реализиран преку акциите на Комерцијална банка АД Скопје. Потоа следуваа акциите на НЛБ Банка АД Скопје со вкупен промет од 4,17 милиони денари или околу 67,8 илјади евра (6 % од вкупниот промет) и акциите на Алкалоид со 4,02 милиони денари или околу 65,5 илјади евра (5,8 % од вкупниот промет). Во топ 5 акции според прометот изминатата недела беа уште и акции на Гранит со 3,26 милиони денари или околу 53 илјади евра и акциите на ВВ Тиквеш АД Кавадарци со промет од 2,39 милиони денари или 39 илјади евра.

Истовремено беше реализирана и една јавна берзанска аукција со акциите на Реплек АД Скопје преку која се оствари промет од 15,2 милиони денари, како и блок трансакција во износ од 9 милиони денари со акциите на ЗК Пелагонија Битола.
Прометот на официјалниот пазар беше остварен со 291 трансакции со кои се истргуваа вкупно 96441 акции и обврзници.

Најголеми добитници изминатата недела се имателите на акции на Реплек Скопје и Либерти АД Скопје. Цената на нивните акции се зголеми за 10 % и 8,06 %, соодветно. Потоа следуваа акциите на Макстил, Гранит, и ВВ Тиквеш АД Кавадарци со раст на цените од 2,8 %, 2,31 % и 0,92 %, соодветно.
Намалување на вредноста минатата недела имале акциите на Уни Банка од 3,51 %, РЖ Техничка контрола Скопје од 2,32 %, Комерцијална банка од 1,48 % и Алкалоид од 0,56 %.