Финансии / Банкарство

Светот пулсира во ритамот на ALTCOIN заедницата

05.04.2022г.

Во светот на финансиите многу е тешко човек да биде активен трендсетер од причина што историјата ни покажала дека мал број на новитети се покажале како адекватна замена за стандардните облици на финансирање. Во последнава деценија стана модерно и примамливо да се зборува за криптовалути, односно инвестирање во нив и нивно “копање”. Голема маса на луѓе вложија значителни сопствени средства на новите платформи за тргување со надеж за брза неколкукратна заработка, а сепак перцепцијата е дека недоволно ги разбираат принципите на работа и најчесто инвестираат преку групни фондови од кои не добиваат никаква гаранција за евентуален поврат на средства, а исто така немаат никаква основа за евентуална судска постапка. Со кратки зборови, инвестирањето во криптовалути од Македонија во голема мера е сведено на принцип на коцкање.

Во насока на зголемување на теоретската позадина околу функционирањето на крипто пазарот, ќе направиме анализа за основните постулати и ќе направиме сублимат за очекувањата во 2022 година.

Наједноставната поделба на крипто пазарот е составена од Биткоин и Алткоин. Биткоин е основата на пазарот со крипто валути и е водечки индикатор за движењето на цената на сите останати. Од друга страна, сите други крипто валути се групираат во Алткоин структурата. Пробивот на биткоин валутата остави простор за развој на голем број алтернативни валути, кои моментално продуцираат огромен квантитет. Терминот алткоин е составен од два дела: алт – што реферира на алтернативен и коин – што е еквивалент на криптовалута.

Иако најголемиот дел од нив се креирани врз иста основа како и биткоин валутата, сепак постојат различни типови на алткоин валути. Различните видови се генерираат според основата врз која се изградени и која е нивната намена. Така некои функционираат на база на “копање”, други на база на токени и сл. Подвидовите на алткоин валути може да се сублимираат во 3 категории:

1. Stablecoins – Овој тип на криптовалути најчесто се поврзани со некое помалку волатилно средство, додека учесниците на криптопазарот овие валути ги поврзуваат со фиат валутите. Исто така овој тип на валути може да имаат вредност која е директно поврзана со одредени благородни метали или друга криптовалута. Замислата околу создавањето на овие валути е минимизирањето на промена на вредноста и нивно наликување на традиционалните типови валути.

2. Memecoins – Етимолошкото значење на терминот потекнува од сатирата на социјалните мрежи и во голема мера нивниот пазар е диктиран од инфлуенсерската заедница. Некои од валутите, како Dogecoin за брзо време прераснуваат во барана валута чија вредност може повеќекратно да се зголемува за многу брз период, а сето тоа предизвикано од некој твит или јавен исказ за поседување од страна на познати личности. Наједноставната дефиниција за овие криптовалути е  дека се засновани на шпекулација и прашање на тајминг е дали ќе се искористат 5-те минути слава.

3. Utility tokens – со развојот на blockchain технологијата и нејзиното масовно користење се наметна потреба од креирање на средство со кое ќе се вршат трансакции во рамките на мрежата. Токму од таа причина и потребата од ваква функционалност, креирани се utility tokens, меѓу кои најпознат е Ether.

Во продолжение следи сублимиран табеларен приказ од аспект на можности и потенцијални ризици од поседувањето ваков тип криптовалути:

  

Согласно податоците од февруари 2022 година, крипто пазарот го сочинуваат нешто над 17.000 криптовалути, додека процентуалната застапенотст е крајно диспропорционална. Имено, Биткоин учествува со скоро 50% од вкупниот крипто пазар, додека Етериум завзема ¼ пазарно учество. Остатокот од крипто екосистемот е составен од алткоин валутите и на некој начин претставува “див запад”, а оттаму се наметнува предизвикот за инвеститорите да пронајдат квалитетна и оддржлива криптовалута.

Согласно предвидувањата на познатиот веб сајт economictimes.com листата на топ 5 алткоин валути за 2022 година, заснова врз основа на нивната популарност и изгледите за зголемувања на пазарна капитализација е следна:

1. Lucky Block (LBLOCK)

2. Ethereum (ETH)

3. Aave (AAVE)

4. Shiba Inu (SHIB)

5. Stellar (XLM)

Иако ризиците никогаш нема да можат да се избегнат, сепак тоа не значи дека инвестирањето во криптовалутите треба да се избегнува. Напротив, треба доста темелно студирање за секоја поединечна криптовалута, разбирање на начинот на кој таа се креира и врз основа на кои принципи функционира. Криптопазарот нe треба да биде место каде ќе се вложи последната заштеда, тука тоа треба да претставува еден алтернативен канал преку кој ќе се пласира мал дел од инвестициското портфолио и со тоа ќе се искористи потенцијалот на расположливите средства, а истовремено ќе се зголеми можноста за диверзификација. Она што особено дава надеж дека криптопазарот ќе опстојува уште долго време е изјавата на американската влада дека од нивна страна се превземаат конкретни чекори за негова регулација.


(Редакција Економија и бизнис)

ПРЕПОРАЧАНО