Финансии / Банкарство
Спасески: ОСИГУРУВАЊЕ − како до подобар квалитет
Коста Спасески
Авторот е генерален советник за стратешко планирање и управување со квалитет во Агенцијата за супервизија на осигурување
Доколку го анализираме осигурителниот пазар во Македонија изминативе 20 години, можеме да констатираме дека и покрај растот на бројот на осигурителни компании и лиценцирани посредници во продажбата на осигурување, всушност недоволно е направено од аспект на задоволување на потребите и очекувањата на потенцијалните осигуреници. Осигурувањето е далеку под потенцијалите и тоа, за жал, се гледа кога настануваат големи загуби и штети кои не се покриени со осигурување, а се предизвикани од настанување на различни ризици кои можеле да бидат осигурени било да се тоа пожари, сообраќајни несреќи, катастрофални природни непогоди, епидемии и слично. За потенцијалните осигуреници е важно да стекнат и да одржуваат доверба во давателите на услугата. Доколку се одлучат да се осигураат и да уплатат во друштво за осигурување, да бидат сигурни дека ќе добијат покритие за сите ризици на кои се изложени, без скриени исклучоци и одбитоци во условите на осигурување на друштвото. Ова би значело дека доколку настане осигурениот случај ќе бидат навремено и фер надоместени за загубата која ја претрпеле од настанувањето на ризикот.
Во услови кога од една страна се наоѓаат интересите на друштвата за осигурување да ја одржуваат профитабилноста во работењето, а на друга страна се наоѓаат интересите на потенцијалните осигуреници да имаат соодветно покритие од сите ризици на кои се изложени по разумни цени, секако треба повеќе да се зборува за осигурувањето и неговото општествено значење за да се постигне рамнотежа во остварувањата на интересите, но на многу повисоко ниво на развој од сегашното.
Современиот начин на живеење и работење е придружен со многу неизвесности, односно ризици. Населението, деловните субјекти и јавниот сектор секојдневно се изложени на различни ризици, здравствени, климатски, ризици од човечки грешки/немарност, кои доколку настанат можат да предизвикаат големи загуби и штети. Загубата на човечки живот, кој истовремено е единствен извор на приходи за семејството, ја доведува сериозно во прашање нормалната егзистенција на семејството и задоволувањето на основните потреби на семејната заедница. Сите посакуваме долг живот. Но, приходите по основ на пензија се многу ниски да ги задоволат дури и основните потреби на пензионерите. Поседувањето на полиса за осигурување на живот која обезбедува парично покритие во форма на ануитети до крајот на животот на осигуреникот може да биде значајна заштита и покритие за задоволување не само на основните потреби по пензионирањето туку и повеќе од тоа.
Осигурувањето на домот од разни ризици, како на пример од пожар, поплава, кражба и слично обезбедува за осигуреникот заштита во случаи кога би настанале овие ризици и би предизвикале сериозни оштетувања на имотот за релативно краток временски период да се надоместат овие загуби и претрпени материјални штети и да се врати нормалното живеење како пред настанувањето на овие ризици. Доколку предизвикаме штета во сообраќајот на трето лице поради наше невнимание, полисата нè штити од финансиски давачки кои често се многу високи и не можеме да си дозволиме да ги платиме од џеб. Се разбира, доколку неосигурени управуваме со моторното возило, штетата што би ја предизвикале на трети лица во сообраќајот ќе мораме да ја плаќаме од џеб, односно да се случи нешто непосакувано, а тоа е долг временски период во иднината месечните примања по основ на плата да ни бидат замрзнати и да одат на сметка на жртвата во сообраќајната незгода на која сме ѝ причиниле штети.
Осигурувањето е еден од најсоодветните начини на заштита преку пренос на овие ризици во друштво за осигурување.
Одреден ризик може да биде осигурен само доколку се работи за иден, неизвесен и независен настан од волјата на договарачот на осигурувањето. Не секој ризик може да се осигури. И не треба да се смета дека осигурувањето е финансиски инструмент кој може да ни донесе принос. Осигурувањето е начин на заштита на вредноста на имотот и надоместокот што ќе го добиеме ако настане непосакуваниот ризик нема да биде повисок од реалната штета што сме ја претрпеле.
Осигурувањето е всушност здружување на ризиците во заедница. Оваа заедница на ризици кај нас е препознаена како акционерско друштво, но во некои европски земји чести се случаи кога самите осигуреници се сопственици на овие здруженија на ризици, односно осигурениците и од нив избрани членови управуваат со здружените средства од премиите. На англиски оваа форма на здружување се нарекува mutuals.
Правата и обврските кои произлегуваат од осигурувањето се формално воспоставени со договор за осигурување кој го склучуваат две страни, договарачот на осигурувањето и друштвото за осигурување.
Договарачите на осигурување на доброволна и солидарна основа уплаќаат договорен износ на парични средства во форма на премија во друштво за осигурување, од овие средства се формираат фондови кои треба да бидат доволни, кога ќе настане ризикот, да се исплати договорениот паричен надоместок на лицата кои претрпеле штети. Многу мал број на осигуреници е веројатно дека ќе претрпат штета од ризиците за кои биле осигурени во периодот. Вообичаено дел од уплатените парични средства по основ на премии за осигурување остануваат во друштвото за осигурување, односно тие или стануваат дел од капиталот на друштвото или, во зависност од деловната политика на друштвото за осигурување, се распределуваат во останати долгорочни обврски кон осигурениците − технички резерви за идни бонуси.
Основната разлика меѓу осигурувањето на живот и неживотните осигурувања е што кај неживотните осигурувања се осигурува ризик за кој е неизвесно дали ќе настане, кога ќе настане и колкав интензитет на оштетување и загуби ќе предизвика кога ќе настане на договарачот, односно корисникот на осигурувањето. Осигурувањето на живот се однесува на осигурување од ризик за кој со сигурност се знае дека ќе настане (смрт или доживување), однапред се знае колкав износ ќе добие договарачот, односно корисникот на осигурувањето (осигурената сума), единствено е неизвесно кога ќе настане ризикот, во случајот со ризикот смрт.
За да функционира осигурувањето, пожелно е да има што е можно поголем број на поединечни изложености на ризик (т.н. Закон на големи броеви) и ризиците кои се предмет на осигурувањето да се групираат во хомогени групи според природата на поединечните изложености на ризик, на пример осигурување на моторни возила, осигурување на помош на пат, осигурување на имот на домаќинства, индустриски имот и машини и сл. Осигурителните компании имаат вработено стручни лица – актуари, преземачи на ризици и менаџери за управување со ризици, да направат соодветни проценки и со голем степен на сигурност да ја пресметаат цената за осигурувањето од сите погоре наведени ризици, како и да располагаат со доволно капитал во случај ако нивните пресметки сепак не бидат доволни да одговорат на сите обврски од договорите за осигурување.
Имајќи предвид дека управуваат со туѓи средства, пари на осигурениците, друштвата за осигурување се финансиски институции кои подлежат на прудентна регулатива. Прудентната регулатива се однесува на начинот на признавање и вреднување на обврските од договорите за осигурување, односно техничките резерви, на средствата и вложувањата во финансиски инструменти и друг тип на нефинансиски вложувања, како и на начинот на пресметка на капиталот и потребниот капитал за одржување на солвентноста во работењето на континуирана основа.
Со цел обезбедување на соодветна заштита на осигурениците и корисниците на осигурителни услуги, покрај прудентната регулатива на работењето на осигурителните компании и нивната продажна мрежа постојат и правила за пазарно однесување (на англиски market conduct) кои треба да овозможат однесувањето на давателите на осигурителни услуги на пазарот на осигурување да бидат од најдобар можен интерес за осигурениците и нивните потреби и очекувања.
Кај нас осигурителниот сектор е релативно мал и недоволно развиен, а главни производи кои се нудат се осигурувањата на моторни возила, пред сè поради задолжителната обврска за осигурување на моторното возило од одговорност за штети предизвикани на трети лица, осигурувањата на имот и осигурувањето на лица од последици на несреќен случај (незгода), како и осигурувањата од одговорност на физички и правни лица. Осигурувањето на живот учествува со околу 17 % во вкупната полисирана премија за осигурување. Во 2020 година, вкупната бруто-полисирана премија изнесувала 10,06 милијарди денари, од кој износ на неживотно осигурување отпаѓа 83 % или 8,32 милијарди денари, додека пак од осигурување на живот биле полисирани 1,74 милијарди денари премија.
Вкупната актива на 16-те друштва за осигурување изнесува околу 25,7 милијарди денари, што претставува околу 3,4 % од вкупната актива на сите финансиски институции на крајот од 2020 година.
Осигурителните компании се значајни не само на микро ниво туку и за економијата во целина.
Покрај тоа што обезбедуваат заштита на економската состојба на поединците и на фирмите од непосакуваниот развој на ризиците, осигурителните компании се и значајни институционални инвеститори кои прибраните парични средства по основ на премии и капитал ги пласираат на финансискиот пазар во различни форми на вложувања.
Во периодот кој следува очекувам македонскиот пазар на осигурување да ги интегрира очекувањата и потребите на осигурениците во креирањето на понуда на осигурителните производи без да се загрозат останатите легитимни интереси. Веќе се препознаени неколку целни групи и ризици, пред сè земјоделските производители, и ризиците кои се резултат на климатските промени. Понатаму тука се доброволните осигурувања на имотот на домаќинствата и бизнисите од сите ризици, вклучувајќи ги и катастрофалните ризици од земјотрес, поплава, временски непогоди, како и осигурувањата на живот со штедна компонента и осигурувањата на живот каде што осигуреникот го носи ризикот од вложувањата (unit-linked осигурувањата). Овој развој очекувам да биде овозможен на начин што брзо и квалитетно ќе бидат прифатени придобивките од технолошките иновации и современите ИТ-алатки (InsurTech, FinTech, SupTech) за да можат осигурителните производи да бидат понудени по разумни цени.
(Економија и бизнис, печатено издание, март 2022г)