Финансии / Банкарство

Ванила стратегија на инвестирање

12.04.2022г.

Кога станува збор на начинот на кој се инвестираат средствата, без исклучок, има најразлични полемики и несогласувања околу тоа каква стратегија треба да се примени и каков треба да биде односот кон потенцијалните ризици. На оваа тема може да се дискутира со денови и скоро сигурно нема да може да се најдат повеќе истомисленици. Ова од причина што секој има различни афинитети кон најразлични финансиски инструменти и различна перцепција за очекуваните приливи. Ако направиме споредба на развиените финансиски пазари и домашниот ќе наидеме не неколку клучни предиспозиции, кои понатаму играат битна улога при изборот на инвестициската стратегија:

  1. 1. Македонскиот пазар на акции е значително лимитиран од аспект на број на компании кои имаат активно тргување. Можноста за инвестирање се сведува на 10-те акции кои го сочинуваат најрепрезентативниот индекс. За разлика од нас, развиените берзи се составени од мноштво на компании кои активно котираат, а не ретко се појавуваат и компании со иницијална прва продажба на удели. Залагањата на македонските инвеститори да може да партиципираат на светските берзи неодамна се реализира, прво преку регионалната берза, а подоцна и преку брокерските друштва кои започнаа со тргување на странски берзи.
  2. 2. За инвестирањето во корпоративни обврзници во Македонија може да се зборува како да станува за некој ендемски вид. Скоро и да нема никаква понуда во овој сегмент, освен неколку финансиски институции кои го “скршија мразот” изминативе неколку години, но сепак, нивниот ангажман не ја зголеми возбудата кај останатите компании за слични активности. На светско, па и на регионално ниво, обврзниците претставуваат значајна алатка во рацете на компаниии за “прибирање” дополнителен капитал, а исто така тој потенцијал го користат и инвеститорите.
  3. 3. Недоволно развиени пензиски шеми и планови се одлика на македонскиот пензиски систем, кој уште мака мачи да ги едуцира членовите што е разликата помеѓу прв и втор столб и зошто е добро да се инвестира во трет столб. Во развиените економии луѓето уште од првото вработување одбираат различни пензиски планови и како се зголемуваат приносите така ги надополнуваат истите.

Во една ваква анемична ситуација и кога како поединци сме значително лимитирани и од аспект на понуда и од аспект на финансиска едукација, се чини дека најадекватно решение е т.н. Ванила стратегија за инвестирање, со напомена дека за оние кои се помалку подковани со знаење, истата треба да ја бараат кај професионалните инвестициски советници.

Основата на оваа стратегија е тоа што нивото на ризик кое се превзема при вложување на акумулираните средства е на значително ниско ниво, а активностите се структуирани во неколку елементи:

А) Месечни вложувања во загарантиран фонд за исплата, наменети за финансирање на идното образование на децата

Б)  Автоматска дедукција од нето платата наменета за вложување во пензиски фонд

В)  Долгорочна отплата на станбен кредит до само пензионирање

Г) Диверзифицирано портфолио на акции кои имаат долга историја на исплата на дивиденди

Д) Банкарски депозити со фиксни каматни стапки

Од горе наведените примери може да се заклучи дека Ванила стратегијата се насочува кон долгорочно инвестирање на средствата, со значително пониско ниво на ризик и пониски но стабилни приноси. Иако со рзвојот на технологијата и новите можности за финансирање може навидум изгледа дека станува збор за старомоден принцип, сепак голема е веројатноста агресивните стратегиии во трката за што поголеми профити да бидат подложни на големи шокови, а со тоа да биде нарушена очекуваната добивка. Ванила стратегијата се одликува со едноставен и базичен пристап насочен кон пасивно инвестирање, со големи примеси на конзервативност. Оваа стратегија е наменета за широката популација, за почетници во инвестирањето и за поединци чиј примарен фокус не е капиталот.  

Колку и да звучи едноставно, сепак голем број на луѓе сеуште делумно или воопшто не партиципираат на финансиските пазари и немаат ниту една инвестициска компонента. Од друга страна пак и инвестициските фондови не можат да се посветат кон маргинилизираните групи и најчесто нивниот акцент е ставен кон оние поединци кои преферираат брзи заработки. Во една ваква ситуација се поставува прашањето каде понатаму? Како обичниот работник да добие едукација и соодветна помош од професионалци со цел да има мирни пензионерски денови? Како нивните заштеди да бидат заштитени од инфлација и како да бидат свесни за потенцијалот на финансирањето?

Многу прашања-малку одговори, а можеби решението за проблемот треба да се бара во креирање на амбиент каде ќе се формира поголема база на инвестициски фондови кои ќе работаат на искористување на потенцијалот на пазарот според стрикно регулирани принципи на инвестирање, налик на ванила стратегијата. Таквиот амбиент не треба да биде оптоварен со државна интервенција туку улогата на државата треба да се бара преку непречено функционирање на пазарните инвестициски механизми.

На крајот не смееме да се потценуваме како финаниски необразована нација од причина што од друга страна многу брзо учиме за можностите за финансирање. Како што сите станаа свесни за банкарските кредити, позајмиците од штедилниците и “брзите” финансирања од финансиските друштва, така сите ќе мора да дадеме дополнителен ангажман истите тие луѓе да научат како да инвестираат и како да имаат поизвесна финансиска иднина.


(Редакција Е&Б)

ПРЕПОРАЧАНО