Финансии / Банкарство

Исламско банкарство

13.05.2022г.

Во минатото, религијата била основен фундамент врз кој се граделе останатите принципи на функционирање и раководење, без разлика дали станува збор за држава или бизнис. Со развојот на науката и технологијата, како и функционирањето на правните системи, религијата се повлекува во својата основа и функционира на метод на базна основа. Тоа не значи дека религијата изгубила дел од своите вредности или пак нејзините карактеристики не се применливи во новиот начин на функционирање, туку бизнис сегментот е унапреден до фаза на изолиран капиталистички фрагмент. Во сета оваа трка со времето сеуште се одржува една тесна корелација помеѓу религијата и бизнисот и тоа во банкарското работење.

Исламското банкарство како подвид на организираното банкарско работење, во основа има една клучна карактеристика која го прави специфично и поразлично за менаџирање, а тоа е принципот на ненаплаќање на камата. Имено, доколку некоја компанија се обрати во банка која практикува исламско банкарство за кредитирање, банката нема да наплати камата туку ќе учествува во поделба на профитот. Доколку пак компанијата не оствари профит, тогаш ни банката нема да има заработка. Оттука, нивото на ризик кое го превземаат банките е многу повисоко во споредба со нивото на ризик на банките во конвенционалното банкарство.

Тука ќе го анализираме токму ризикот како поединечна категорија и притоа ќе се осврнеме на најбитните категории на ризик:

  1. 1. Кредитен ризик – основата на кредитниот ризик во исламското банкарство произлегува од неможноста за целосна и навремена отплата на долгот. Причините може да бидат од финансиска и нефинансика природа, а исто така битен елемент е и моралниот хазард, односно намерното неисполнување на обврските. Интересно е што исламското банкарство не дозволовува преструктуирање на долгот, освен кога станува збор за морален хазард. Ситуацијата дополнително се компликува кога отплатата на долгот е поврзана со распределба на добивката од причина што поради постоење на асиметрични информации, банката може да се најде во ситуација кога не може во целост да ја утврди реалната добивка на компанијата.
  2. 2. Ликвидоносен ризик -  ова е можеби еден од ризиците со кои банките најтешко управуваат, а причините за истото лежат во три битни сегменти. Првиот произлегува од неможноста за финансирање по разумна цена од странски и домашни кредитори, како и поради потешкотии од продажба на имот. Вториот сегмент е ниското ниво на развиеност на финансиските инструменти, што во голема мера ја ограничува можноста на исламските банки да допрат до слободниот пазарен капитал. Овој проблем се зголемува со фактот што не постои меѓуисламски банкарски пазар. Третиот сегмент е поврзан со отфрлање на можноста за користење на кредитирање во крајна инстанца поради тоа што истиот се темели на наплата на камата.
  3. 3. Оперативен ризик – овој тип на ризик е поврзан со интерните процедури, процеси и човечкиот капитал. Во исламското банкарско работење банките се соочуваат со недостиг на квалификувани работници за вршење на исламските финансиски операции, а исто така во голема мера софтверските решенија кои функционираат во конвенционалните банки не се приспособени за оперативно работење во исламските банки.
  4. 4. Правен ризик – правните ризици за исламските банки потекнуваат од неколку причини. Прво, со оглед на тоа што најголем број на држави ги имаат усвоено обичајното или граѓанското право како основа за функционирање на банките, а притоа не ги содржат специфичните елементи на исламските финансиски производи. Второ, нестандардизацијата околу банкарските договори го прави целиот процес на договарање многу покомплициран и поскап за спроведување. Трето, не постоењето на исламски суд за спроведување на споровите ги прави исламските банки поизложени на правниот ризик.

Иако исламските банки се соочуваат со многу повисоко ниво на ризик сепак нивниот развој е во подем. За тоа говорат и последните информации поврзани со овој тренд:

-          4.3% раст на годишно ниво на исламското банкарство, придружено со раст на вкупната актива од 248 милијарди американски долари

-          26.9% годишен пораст на пазарите на капитал

-          10% годишен пораст на исламското осигурување и вкупни средства од над 60 милијарди американски долари

Сепак и покрај импресивните бројки на пораст треба да се напомене дека 66% од глобалниот исламски банкарски пазар е сконцентриран во три држави: Саудиска Арабија, Иран и Малезија.

Сите овие параметри зборуваат дека потребата или поточно кажано побарувачката за исламското банкарско ќе се зголемува во периодот што доаѓа. Со оглед на тоа што значаен дел од популацијата, а со тоа и значаен дел од клиентската база, го има прифатено исламот за своја религија, пред македонските банки стои предизвикот за прилагодување на дел од своите производи кон постулатите на исламското банкарско работење.

 

ПРЕПОРАЧАНО