Финансии / Банкарство

Бишев: Морате да сонувате големи соништа

Глигор Бишев

Претседател на Советот за образование и стратешки истражувања при Стопанска комора на Република Северна Македонија

Зошто го одбравте банкарството како професија? Можевте да бидете само универзитетски професор и да се занимавате со економски истражувања.

Г. Бишев: Изборот беше спонтан. На Факултет ја одбрав насоката Финансии со специјалност банкарство. Како најдобар студент на генерацијата се вработив во Народна банка на Македонија. По моето докторирање, во областа на научно-истражувачката работа, ме вклучи академик Ксенте Богоев. Се сеќавам ме повика и ми рече: „Во МАНУ треба да изработиме проект за стабилизациски политики. Сакам да бидеш дел од тимот. Но, веднаш да ти кажам работата е про боно“. Така влегов во академските кругови. Се формира исклучително добар тим кој во изминатите 2 до 3 децении направи стратешки студии и истражувања кои служеа како основа за спроведување на економските реформи. Истовремено ме избраа за професор на Економскиот факултет во Прилеп, а предавав и на постдипломските студии на Економскиот факултет во Скопје. Член сум на деловниот совет на Американ колеџ. Банкарството и академската работа ги прифатив како нормална комбинација. Практичното банкарско искуство и академските истражувања се надополнуваат едни со други. Исто така академската работа ми овозможува своето знаење и богато искуство да го пренесувам на младите генерации. Тоа навистина ме исполнува.

Земјава само што прослави 30 години монетарно осамостојување. Вие имавте активна улога во тоа остварување. Што би истакнале во тој поглед?

Г. Бишев: Тоа беше период на хиперинфлација (2 000 проценти на годишно ниво), големи регионални конфликти, ембарго, неинтегрирана економија на светскиот пазар, производство на неконкурентни добра, непостoeчки девизни резерви и несолвентен и неликвиден банкарски сектор (лошите кредити учествуваа со 80 проценти во вкупните пласмани на банките). Воведувањето на сопствена валута и креирањето на сопствен монетарен систем беше извонредно тешка мисија.
Сепак ентузијазмот, храброста, решителноста и единството што постоеше во земјава да се има сопствена држава беа одлучувачки. Тоа го инспирираше и храбреше тимот, предводен од гувернерот Борко Станоевски, да ги дизајнира и да ги воведе македонските пари – прво во форма на бонови, а потоа во форма на валута, да ја скроти хиперинфлацијата и економските субјекти во Македонија и во светот да ја прифатат македонската валута. За неколку години, почнувајќи од 1995 година, според нивото на стабилноста на куповната сила, денарот стана една од најстабилните светски валути.

Што би издвоиле од годините од вашата кариера поминати во Народна банка?

Г. Бишев: Дефинитивно претходно споменатото монетарно осамостојување и воведување на македонскиот денар и скротувањето на хиперинфлацијата. Тоа е историско достигнување, но и завет за сите генерации за одржување на стабилна куповна сила и девизен курс на денарот.
Успеавме да ја трансформираме Народна банка во професионална, независна и кредибилитетна институција. Тоа ни овозможи лесно да ги спроведуваме реформите во финансиската сфера, да ги координираме очекувањата на јавноста и перманентно да се одржува висока доверба во јавноста. Затоа уште еднаш би нагласил, вработените и професионалниот и високостручен менаџмент се најдрагоцениот ресурс на Народна банка.
Тоа ни овозможи да ја имаме поддршката на јавноста и на останатите институции при спроведувањето на реформите: укинувањето на селективните кредити и воведување на пазарни инструменти на монетарната политика, воведување на банкарска супервизија и супервизорски стандарди и макропрудентни правила, санација и реконструкција на банкарскиот сектор, реформа на платниот промет и плаќањата, реформа на девизниот режим и надворешно-трговското работење...
Исто така првата работа што ја научив е дека кога сте во Народна банка вие мора да ја сакате и да работите за земјата. На една од првите мисии од ММФ, за да ја затвориме макроекономската рамка, ни недостасуваа податоци. Ги немаше изворно. Можеше индиректно да се изведат, но немаше методологија. Предложив со членот на мисијата за монетарна статистика заедно да ги направиме. Таа се спротивстави. Инсистираше македонскиот тим да ги достави и да биде одговорен за податоците. На излегување прошепоти – доколку е моја земја, ќе ги направам. Македонскиот тим ги обезбеди податоците, ММФ ги прифати и се склучи првиот СТФ-аранжман. Македонија ја доби неопходната финансиска поддршка.

Како го доживеавте преминот во приватниот банкарски сектор на позицијата прв генерален директор на Стопанска банка АД − Скопје? Како би ја опишале разликата во одговорностите на високи позиции во централната банка и приватниот банкарски сектор?

Г. Бишев: Тоа некако дојде природно. Стабилната валута е клучна работа за економијата, но за да имате долгорочно одржлив раст треба да имате и здрав, ефикасен и профитабилен банкарски сектор. Македонија тоа го немаше, а Стопанска банка во тоа време претставуваше 70 проценти од банкарскиот сектор. Од друга страна, во НБРМ во тоа време немаше нови предизвици што ќе ве мотивираат да создадете „ново ремек-дело“. Што можеше да биде тоа, по воведувањето на македонската валута, скротувањето на хиперинфлацијата и монетарните и финансиските реформи? Решението дојде само по себе – Стопанска банка.
Тоа беше новиот голем предизвик. Од професионален и стручен поглед, предизвикот беше прифатлив. Гледано од целната функција на институцијата, постоеше сериозна разлика. Централната банка е непрофитна институција со основна цел да се грижи за благосостојба на општеството испорачувајќи макроекономска стабилност и стабилност на валутата. Банкарската институција е профитна институција која посредува меѓу штедачите и корисниците на кредити. Меѓутоа, покрај интересите на акционерите, мора да се заштитат и интересите на штедачите, на пошироката општествена и локална заедница.
Покрај предизвиците, за да преминам во Стопанска банка, силно ме мотивираше и професионалниот и прудентен однос на менаџментот на Националната банка на Грција, како и поддршката од носителите на економските политики на Македонија.

Тоа беа тешки години за банката, веднаш по влезот на новата банка мајка, Националната банка на Грција. Како се одвиваше големата трансформација на банката? Денес Стопанска банка АД − Скопје прави големи профити, но веројатно не многу луѓе надвор од банката знаат низ што сè помина банката во еден критичен период за да дојде во позиција во која се наоѓа денес. Што би издвоиле од тој период?

Г. Бишев: Стопанска банка АД − Скопје е историјата на македонскиот банкарски сектор. Таа е основана во 1944 година на Второто заседание на АСНОМ и поминала низ сите трансформации низ кои поминувала македонската држава. Иако банките се трансформираа во акционерски друштва, во тоа време корпоративната култура во Стопанска банка АД − Скопје сè уште беше – му служиме на стопанството, да одобриме што е можно повеќе кредити. Слично беше и убедувањето во земјава. Се сеќавам на првите денови од моето именување, дојде еден стопанственик од позната голема фирма и рече „дојдов да земам од оние кредити што не се враќаат“. Тоа беа вредностите во општеството, а и во банката. Нефункционалните кредити изнесуваа 78 проценти.
Првата работа беше да се сменат вредностите и корпоративната култура во банката. Инаку, банката имаше извонредно стручни и професионални кадри. Но, тие имаа погрешна целна функција.
Банката имаше во секој град во внатрешноста филијала – голема зграда со 30 до 100 вработени и само 4 до 5 филијали во Скопје. Беше полесно да се формира нова банка, како што направија Словенците: НЛБ наместо ЛБ, одошто да се реконструира и трансформира Стопанска банка АД − Скопје. Но, избор немаше. Одлуката беше донесена – реконструкција и трансформација на банката.
За изненадување е што првиот пакет на трансформација го реализиравме многу брзо, за 2 до 3 години. Вработените навистина го дадоа својот максимум, исто така клиентите и јавноста ја прифатија и продолжија да работат со банката. Националната банка на Грција извонредно ја поддржа трансформацијата − со докапитализација, кредити и перманентна техничка помош. Банката ја трансформиравме во иновативна, динамична, стабилна и профитабилна банка.

Претпоставувам дека подоцна преминот од Стопанска банка АД − Скопје во Шпаркасе банка Скопје претставуваше нов вид на професионален предизвик, две банки со различна големина и различни бизнис-модели. Како би го опишале периодот поминат на чело на Шпаркасе банка Скопје?

Г. Бишев: Шпаркасе банка Скопје беше обратна приказна во однос на Стопанска банка АД − Скопје. Тоа беше банка со средна големина. Требаше да се репозиционира, да се динамизира и да го зголеми пазарното учество. Во банкарството, големината е битна работа. Не можете да остварувате економија на обем и да постигнете оптимално ниво на профитабилност во Македонија ако не сте банка со актива од над 1 милијарда евра, иако во светски размери тоа е мала банка. Требаше да се створи тим кој, покрај стручноста и професионалноста, ќе има големи амбиции и ќе биде мотивиран за систематска работа и перманентен раст. Тоа требаше да го прифатат и акционерите, да ја прифатат стратегијата на динамичен раст и прифаќање на разборито ниво на ризици, да се нормализира апетитот на прифаќање на ризици.
Иако за период од 5 до 6 години Шпаркасе банка го дуплираше своето пазарно учество и стана лидер во проектното финансирање и во инвестициското банкарство и препознатлива во кредитирањето на населението според моделот на расположлив доход на семејството, активата на банката не надмина 1 милијарда евра. Остварувањето на оваа цел само преку органски раст на банката ќе бараше многу напор, подигање на апетитот за ризици и, најверојатно, ќе беше потребна една декада. Затоа акционерите на банката решија оваа цел да ја остварат преку аквизиција на Охридска банка – Сосиете женерал која реши да излезе од Северна Македонија и Балканот во целина. Преземањето траеше една и пол година во услови на ковид криза. Се работеше напорно, посветено и професионално. Клиентите на обете банки беа стрпливи и за тоа мора да им оддадам признание. Припојувањето се реализира во јули 2021 година. Со тоа Република Северна Македонија ја доби четвртата голема банка според активата, третата банка според вкупните кредити, втората банка според големината на корпоративните кредити.

Важите за еден од најдобрите познавачи на макроекономските состојби. Што очекувате во однос на светската економија за оваа и за наредната година?

Г. Бишев: Постковид економската обнова се одвива нерамномерно. Високоразвиените земји, особено САД, успееја да го достигнат нивото на БДП и економска активност на ниво од пред ковид кризата. Стапката на невработеност во САД се сведе на 3,6 проценти и е на најниско ниво за последниве 20 години. Слични се и движењата во еврозоната. За разлика од нив, обновата во земјите во развој оди побавно. Нивото на БДП во овие земји сè уште е под нивото од пред ковид кризата.
Истовремено инфлацијата се забрза. За тоа се споменуваат три фактори: нарушените синџири на снабдување, фискалната и монетарната експанзија во текот на ковид кризата и достигнување на речиси целосна вработеност во високоразвиените земји. На тоа се надоврза и шокот на понудата како резултат на војната во Украина.
Централните банки започнаа да ги„ладат“ економиите преку зголемување на каматните стапки и успорување на растот на монетарната маса. Каматните стапки ги зголемија речиси сите централни банки во развиените земји, со исклучок на ЕЦБ. За наредниот месец, Федералниот резервен систем најави второ зголемување на каматните стапки, но овој пат за 0,5 процентни поени.
Она што се дебатира е дали ќе успее да се стави инфлацијата под контрола без да се предизвика рецесија. Во овој момент преовладува гледиштето дека високата инфлација се перципира како привремена појава поради што не доаѓа до индексација, особено на платите. Платите во САД се зголемија за 5 проценти во услови на инфлација од околу 8 проценти, а во Австрија и Германија за 3 до 4 проценти во услови на приближно иста инфлација. Тоа внесува оптимизам кај поголемиот број на економисти кои прогнозираат успорување на економскиот раст, но не и рецесија во период од година дена.

Како би ја оцениле тековната макроекономска состојба во земјава, силните страни и слабостите? Што се должи на меѓународните случувања, а што на нашите домашни специфики?

Г. Бишев: Македонија спаѓа во групата на земји што на крајот на 2021 година не успеа да ги достигне нивото на БДП и економска активност од пред ковид кризата. Во моментов Македонија има помал БДП од пред ковид кризата за 300 до 350 милиони евра. Исто така невработеноста од 15 проценти ни покажува дека факторите на производство не се искористени и не растеме на нивото на потенцијалниот економски раст.
Наспроти тоа сакаме значително повеќе да трошиме во однос на пред ковид кризата. Тоа особено се однесува на личната потрошувачка преку барањата за двоцифрено зголемување на платите, што ја надминуваат и стапката на инфлација која во моментов е целосно увезена. Но, доколку се дозволи развој на спиралата цени-плати-цени, тогаш македонската економија покрај увезената инфлација ќе се соочи и со домашно генерирана инфлација.
Привремено домашно генерираната инфлација ќе може да се избегне преку дополнителен увоз на стоки и услуги и зголемување на дефицитот во тековната сметка на платниот биланс, кој ќе мора да се финансира со дополнително задолжување во странство. Но, на долг рок економијата ќе мора да се соочи со ребалансирање и макотрпни економски реформи. Во тој случај, цената би била многу повисока од аспект на успорување на економскиот раст.
Затоа е битно носителите на економските политики, синдикатите и работодавачите да постигнат консензус за растот на платите на подолг период, временски хоризонт од 5 до 7 години, во кој би се отворил процес на конвергенција на платите и животниот стандард кон оној на земјите од ЕУ. Овој консензус би требало да се постигне врз основа на програма за економска обнова и раст на земјава.

Што очекувате во однос на бруто-домашниот производ, инфлацијата, каматните стапки во земјава, невработеноста и извозот во оваа и наредната година?

Г. Бишев: Ќе појдам од херојска претпоставка дека Македонија ќе го најде својот пат на забрзани реформи, економска обнова и економски раст, дека синдикатите, Владата и работодавачите нема да бидат кусогледи, туку напротив, ќе земат во консидерација подолг временски хоризонт од 5 до 7 години. Во такви услови моите прогнози се оптимистички.
Инфлацијата, како и во светски размери, ќе биде од транзиторен карактер при што нема да се подгрева од домашни фактори. Економската активност и растот ќе можат благо да се забрзаат под претпоставка светот да не се соочи со рецесиско соборување на инфлацијата. Но, за да се случи тоа, ќе треба да го изодиме патот на сеопфатни структурни реформи и јакнење на институциите. Покрај забрзувањето на растот, реформите ќе нè приближат кон ЕУ (без оглед дали сме ги отвориле преговорите или не) и ќе го забрзаат растот на платите и на животниот стандард.
Каматните стапки ќе растат бидејќи Македонија ќе мора да ја дели судбината на движењето на цените на меѓународните финансиски пазари. Но, верувам, тие нема да претставуваат кочница за инвестициите. И покрај повисоките номинални каматни стапки, реалните каматни стапки ќе останат негативни, што нема да ја загрози профитабилноста на инвеститорите.

Посочени сте во јавноста и како еден од економските советници на премиерот. Што ќе го советувате? Какви економски мерки можеме да очекуваме во наредниов период?

Г. Бишев: Владата е посветена да ги дизајнира и да ги спроведе клучните економски реформи, што на долг рок треба да доведе до повисок економски раст, повисок животен стандард и забрзано економско приближување кон ЕУ. Она што сите го посакуваме.
Премиерот избра дванаесет надворешни советници од разни области. Областа што јас ќе ја покривам е оптимизирање на процесите и зголемување на ефикасноста од моментот на дизајнирањето на мерките до нивна имплементација, сè со цел за побрзо остварување на крајните цели на Владата, а тоа е просперитетна економија и повисок животен стандард.

И покрај пензионирањето, претпоставувам дека вашите активности не запираат. Какви се плановите?

Г. Бишев: Постои поговорка што вели „не скршнувај од твојот пат“. Ќе продолжам да го одам мојот пат и да го работам она што најдобро го знам, а тоа се финансиите, макроекономската и монетарната анализа и управувањето со ризиците. Исто така во овој период ќе можам многу повеќе да ги пренесам своето искуство и знаење на помладите генерации, повеќе да се ориентирам кон публицистичка дејност. Не ја исклучувам и можноста за порадикално свртување кон реалниот сектор и соработка со меѓународните финансиски институции.

Сега ќе има ли повеќе време за семејството и за дружба со внуците близнаци?

Г. Бишев: Секојпат сум се трудел да постигнам рамнотежа меѓу работата, семејството, пријателите и слободното време. Без поддршката од семејството, сигурно не би можело сето тоа да се оствари. Сега е период кога јас треба повеќе да го поддржам семејството – мојата сопруга и синот. Се надевам дека Андреј и Тео ќе добијат најмногу од слободното време, се разбира доколку тие имаат време за мене. Семејниот ретривер Ајс ќе нема избор – ќе мора да ме дружи во часовите на прошетка.

За крај на ова интервју, кој би бил вашиот совет до младите кои се на стартот на својата професионална кариера?

Г. Бишев: Прво, да ја сакаат својата професија и да го работат она што го знаат наjдобро. Во животот бирате професија и постојано се усовршувате. Не бирате позиција. Ништо сами не можете да направите. Бирајте тим кој е хомоген, со слични вредности. И, секако, морате да сонувате големи соништа, да сте спремни да создавате „ремек-дела“, да бидете упорни и храбри.


Разговараше: Зоран Јовановски

(Економија и бизнис, печатено издание, мај 2022г.)

ПРЕПОРАЧАНО