Економија

Петревски: Среќен роденден и збогум – триесет години на денарот

Горан Петревски

Авторот е редовен професор на Економскиот факултет, УКИМ

Во поновата македонска историја, крупните настани се случувале за време на големите верски празници (Илинденското востание, АСНОМ). Еден од нив се случи на Велигден пред триесет години – монетарното осамостојување на Македонија и раѓањето на денарот. Без сомнение, тоа е одлична прилика да се навратиме на тие драматични денови не само за да се потсетиме на славното минато туку и да укажеме на некои поуки за сегашноста и за иднината.
На 26 април 1992 година беа донесени неколку закони со кои Македонија воведе сопствена валута. Ако не помладите, тогаш средните и постарите генерации сигурно се сеќаваат на легендарната сцена во која премиерот Никола Кљусев во Собранието ги покажа првите македонски пари (иако, прецизно зборувајќи, тоа не беа вистинските денари, односно на „ливчињата“ што ги покажа Кљусев воопшто не беше споменато името на денарот). Тоа беа тешки времиња во кои живеевме во типичен амбиент на хиперинфлација: цените растеа секој ден, продавниците беа полупразни, а улиците беа полни со продавачи на германски марки.

Првата стабилизациска програма
Истовремено на тој ден беше донесена Антиинфлаторната програма која имаше ограничено траење од шест месеци и чија цел беше до крајот на годината инфлацијата да изнесува околу 90 %. Се разбира, за денешните генерации тоа е премногу висока инфлација, но треба да се има предвид дека во првите месеци од 1992 година просечната месечна инфлација беше 50 %. Првата стабилизациска програма беше од редот на хетеродоксните програми, т. е. смеса на рестриктивна монетарна и фискална политика, надополнети со други елементи – контрола на платите и на цените. Сепак, во основата на стабилизациската програма лежеше стратегијата на монетарно таргетирање со која се предвидуваше инфлацијата да се победи преку постепено намалување на растот на парите и на кредитите. И навистина, на почетокот на програмата се започна со остра монетарна рестрикција: месечната стапка на раст на парите опадна од 73 % во април на 14 % во мај и само 7 % во јуни. Но, наспроти ваквиот одлучен почеток, намалувањето на монетарниот раст траеше само два месеца и веќе во јули повторно беа регистрирани двоцифрени стапки на монетарен раст.
Фискалната рестрикција претставуваше една од основните компоненти на стабилизациската програма: беше предвидено буџетските расходи да се намалат за цели 22 %, а истовремено, со цел да се обезбеди фискална дисциплина, се постави законско ограничување на можноста за финансирање на буџетскиот дефицит преку позајмување од централната банка во висина од 5 % од тековниот буџет. Меѓутоа, уште од самиот почеток се покажа дека остварувањето на оваа задача ќе оди многу тешко бидејќи не постоеше ниту минимум политичка волја за тоа. Наспроти планираната фискална рестрикција, годината беше завршена со голем буџетски дефицит во висина од 12,6 % од БДП. Поради недоволните сопствени приходи, буџетските корисници беа принудени да земаат кредити од банките и, на тој начин, јавните расходи индиректно се финансираа преку монетарниот систем, а тоа беше една од основните причини за високиот монетарен раст.
Уште на почетокот на стабилизациската програма со посебен закон беа замрзнати платите и пензиите за период од шест месеци. Меѓутоа, ниту овој елемент на програмата не беше почитуван и тоа се покажа како пресудно за нејзината пропаст. Така, на 25 јуни 1992 година, Собранието го одби предлогот на Владата за замрзнување на пензиите и, наместо тоа, дозволи нивно зголемување за 40 %. Еден месец подоцна Собранието дозволи зголемување на платите за 50 % од просечната месечна плата и тоа значеше дефинитивен крај на стабилизациската програма зашто по таа одлука платите на јавната администрација пораснаа за цели 140 %, па Владата мораше да се задолжи кај централната банка.
Сè уште се сеќавам на легендарната седница на Собранието на која се случи нешто невидено: меѓу политичките партии, кои беа подготвени очите да си ги ископаат за сите други прашања, наеднаш завладеа братска љубов и сите едногласно го поддржаа предлогот да се зголемат платите наспроти острото спротивставување на премиерот Кљусев. Всушност, таа епизода претставува најдобра (но, трагична) потврда на познатата изрека дека „и патот кон пеколот е поплочен со најдобри намери“. Имено, пратениците не ја минираа стабилизациската програма затоа што беа злобни, туку напротив, водејќи се од паролата „да им помогнеме на кутрите работници“. За жал, кога политиката се води со евтини популистички пароли последиците се катастрофални: штом се зголемија платите, централната банка мораше да испечати еден куп пари за да го финансира порастот на платите, потоа фирмите ги зголемија цените, курсот на марката почна да расте и сè отиде по ѓаволите! Ова е многу важна поука од првата стабилизациска програма од која може и треба да учиме и ден-денес. Периодите на криза, како денешнава, се идеална почва за зреење на популизмот. Впрочем, и денес главното прашање е порастот на платите на „кутрите работници“. Но, искуството од 1992 година нè учи дека е лесно да се зголемат платите со указ на власта, но сосема друго прашање е какви ќе бидат последиците од сето тоа. А последиците ем не зависат од владата ем неизбежно се лоши токму за работниците.
Составен елемент на стабилизациската програма беше и фиксниот курс на нивото од 360 денари за една германска марка. Оваа мерка беше преземена првенствено од психолошки причини, имајќи ја предвид раширената употреба на германската марка во домашните трансакции, како и поистоветувањето на стабилноста на девизниот курс со стабилноста на цените. На тој начин, со фиксниот курс, се настојуваше директно да се нападнат инфлациските очекувања кои се сметаат за главен извор на инфлацијата на кус рок. Исто така, стабилизирајќи го курсот на денарот, носителите на економската политика се надеваа да ги привлечат девизните средства кои ги држеа во тоа време фирмите на сметките во странство. Се разбира, Владата беше потполно свесна дека одржувањето на фиксниот девизен курс беше невозможно со скромни девизни резерви од само 18 милиони долари (во јуни 1992 година), па оттука беше планирано курсот да се фиксира само за период од три месеци.
Разбирливо, при висок монетарен раст, девизниот курс не можеше подолго време да се одржува на иницијалното ниво од 360 денари. Така на 10 октомври 1992 година беше извршена првата девалвација на денарот на нивото од 600 денари за една марка. Истовремено, наместо врзување на денарот кон една валута, девизниот курс започна да се одредува во однос на кошница од седум валути. Подоцна, на 7 декември 1992 година, денарот повторно девалвираше за 30 % при што новиот официјален курс на марката беше поставен на 914 денари. Всушност, врз основа на движењето на курсот на денарот на менувачкиот пазар може да се рече дека кредибилитетот на фиксниот курс набрзина беше поткопан и, веќе почнувајќи од летото, денарот постојано депрецираше. Оттука октомвриската девалвација претставуваше само официјално признавање на фактичката состојба, но во наредниот период курсот на сивиот пазар повторно прогресивно се оддалечуваше од официјалниот курс кој веќе немаше никакво значење.
Имајќи го предвид фактот дека сите елементи на стабилизациската програма беа минирани уште на самиот почеток, воопшто не зачудува тоа што таа доживеа пропаст. Така, на крајот од 1992 година, стапката на инфлација достигна застрашувачки 1 965 %. Причините за пропаста на стабилизациската програма можат да се бараат на повеќе страни − објективни и субјективни, внатрешни и надворешни. Пред сè, праведно е да се забележи дека стабилизациската програма се остваруваше во крајно неповолни околности: тоа беше време на разгорување на војната во СФРЈ; во јуни 1992 година Обединетите нации ги воведоа санкциите кон Србија; во август започна и економската блокада од Грција. Најпосле, во тоа време не постоеја ниту најосновните институционални предуслови за спроведување на програмата: немаше девизен пазар, приватизацијата не беше ниту започната, банкарскиот сектор беше практично несолвентен итн. Исто така стабилизациската програма беше лансирана од страна на експертската влада која немаше цврста политичка поддршка во Собранието. Всушност, во тој период, во Македонија немаше ниту политичка волја ниту основен општествен консензус за успешно спроведување на програмата.

Фиксниот девизен курс – првата успешна приказна
Откако во првите две години од својот живот ги прележа неопходните детски болести, денарот беше подготвен да застане на цврсти нозе. Тоа се случи пролетта 1994 година кога во соработка со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) централната банка де факто го воведе фиксниот девизен курс, иако неговото формално прогласување се случи дури кон крајот на 1995 година. Како и во многу други земји, така и кај нас помошта на ММФ се покажа пресудна во обезбедувањето макроекономска стабилност. Се разбира, фиксниот курс и ММФ се само дел од приказната зад успехот зашто во заднината на стабилизациската програма лежеше огромната фискална рестрикција со која, само за две години, Македонија го намали буџетскиот дефицит за неверојатни 12 процентни поени! Оттогаш монетарната политика беше целосно посветена на одржувањето на фиксниот курс, а сето тоа, по дефиниција, донесе ниска инфлација. Иако во втората половина на 90-тите години од минатиот век се водеше бурна дебата за тоа дали треба да го одржуваме фиксниот курс и на кое ниво, дали е добро да имаме ниска инфлација итн., набљудувано од денешна перспектива јасно е дека Владата и централната банка го избраа вистинскиот пат. Денес во македонското општество постои консензус во врска со стабилноста на цените и стабилноста на курсот на еврото. На тој начин, примената на фиксниот курс претставува веројатно најголемата успешна приказна во поновата македонска историја.

Триесет години подоцна: поглед кон иднината
Денес денарот е зрело момче кое веќе треба да размислува за својата иднина. А неговата иднина е јасна, но неизвесна: од една страна е неговата јасно изразена намера еден ден да биде дел од европската монетарна унија, но од друга страна, неизвесно е кога ќе се случи тоа. Она што е сигурно е тоа дека тој убав сончев ден нема да дојде во догледно време. Ова е добра прилика да замислиме поинаква иднина на денарот која би можела да се нарече „величествена смрт“. За да не бидам погрешно разбран, веднаш ќе кажам дека нема никакво сомнение дека фиксниот курс одлично си ја заврши својата задача – да обезбеди ниска инфлација. Меѓутоа, прашањето е: Што потоа? Со други зборови: Каква полза имаме од фиксниот курс денес? Многумина ќе одговорат: Па, тоа е јасно: фиксниот курс значи ем стабилна вредност на еврото ем ниска инфлација. Оттука, ако тоа веќе го имаме, зошто би менувале нешто?
Ако придобивките од фиксниот курс лежат само во тоа (стабилната вредност на еврото и ниската инфлација), тогаш тоа може да го оствариме на многу едноставен начин – да се збогуваме со денарот и да го воведеме еврото како законска валута. На тој начин со еден потег засекогаш ќе ги отстраниме сите стравувања за можните девалвации во иднина (кои се јавуваат срамежливо одвреме-навреме, по правило во кризните периоди). Истовремено контролата на инфлацијата ќе ѝ ја препуштиме на Европската централна банка која има поголем углед и капацитет од нашата централна банка. Понатаму, прифаќањето на еврото ќе значи дека луѓето и фирмите повеќе нема да плаќаат непотребно повисоки каматни стапки поради вклучената премија за ризик, а нема да плаќаат ниту курсни разлики.
Всушност, ако го оставиме настрана патриотизмот, нема никаква потреба (ниту смисла) земјите од типот на Македонија, на Србија, на Бугарија, на Чешка или на Данска да имаат свои валути. Ако некој верува дека тие земји можат да водат сопствена, независна монетарна политика, тогаш тој се лаже најпрвин себеси, а потоа и другите. На пример, земете го примерот на Македонија. Кога македонската централна банка можела да си го дозволи луксузот да печати пари за да ѝ помогне на македонската економија – за време на кризата од 2001 година, за време на светската финансиска криза од 2008 година, за време на пандемијата од 2020 година, денес? Со други зборови, илузија е да се помисли дека нашата централна банка воопшто може да ја стимулира економијата. Најпосле, ако земјите како Холандија, Италија, Франција или Германија немаат свои валути, тогаш зошто би имале ние? Слично на тоа, ако нашата цел е еден ден да го замениме денарот со еврото, тогаш зошто да го одложуваме тој ден? За да се создадат неопходните услови? На кои услови мислиме – да станеме развиени како Австрија и Холандија? Зарем земјите од ЕУ што се откажаа од своите валути се наоѓаат на истото ниво на развој? Оттука навистина е време да се збогуваме со денарот зашто тој е успешна, но завршена приказна, нешто слично на Меси.


(Економија и бизнис, печатено издание, мај 2022г.)

 

ПРЕПОРАЧАНО