Финансии / Банкарство
Костадиновски: Инвестирање во кризни времиња – ДА!
Коста Костадиновски овластен инвестициски советник и директор на Капитал ассет менаџмент.
од печатеното издание на Економија и бизнис, јули/август 2022г.
Дали, колку и можеби најважно каде да се инвестира во време на криза е тема која секогаш буди интерес кај потенцијалните инвеститори. Во последно време сè почесто имаме кризи од различен карактер. Јасно е дека секоја инвестиција во време на криза носи повисок ризик со тоа што кризите се прилики за остварување на натпросечни приноси на вложените средства.
Дали во криза да се инвестира капиталот во акции, инвестициски фондови, државни обврзници или недвижнини? Одговорот го побаравме од финансискиот експерт Коста Костадиновски, овластен инвестициски советник и директор на Капитал ассет менаџмент.
„Во сегашната состојба на намалени цени на акциите на берзите и драстично зголемените цени на недвижностите, придружени со висока инфлација, сметам дека е право време за инвестирање во акции. Годишно во просек може да се очекува 10 до 12 отсто приход од вложеното, но вложувајќи во вакви ситуации може да се очекуваат и натпросечни приноси. Со нашето долгогодишно работење во оваа област, поминувајќи низ неколку посериозни кризи, стекнавме експертиза да одбираме квалитетни акции, а правилното советување на нашите клиенти им овозможи долгорочно да постигнат одлични резултати од вложувањата“, вели Костадиновски.
Одлуките за инвестирање се лични и во голема мера зависат од личната имотна состојба. Еден од најголемите умови во областа на инвестирањето, американскиот бизнисмен Ворен Бафет, вели: „Падот на пазарот не треба да ни пречи. Тоа треба да го гледаме како можност да ја зголемиме нашата сопственост во големи компании со одличен менаџмент по добри цени...“ и советува во секоја инвестиција да влегуваме со искусен советник. Но, како да се решите колку од сопствените средства да инвестирате во акции? Дали сте премногу млади или премногу стари да инвестирате?
Според Костадиновски, во финансискиот свет постои правило кое помогнало многумина да донесат правилна одлука за инвестирање. Станува збор за правилото 100, прифатено од голем број финансиски експерти, кое го насочува инвеститорот колкав степен на ризик треба да преземе. Многу е лесно за примена − од бројот 100 ги одземате вашите години, а добиениот број е процентот на средства кои треба да се вложат во поризични инструменти како што се акциите.
Иако приоритетите и мотивацијата за инвестиција за секого е различна и секој на иста возраст може да донесе различна одлука, сепак комуникацијата и советот од искусен финансиски експерт е основа за добар почеток.