Финансии / Банкарство

Азески: Пет причини зошто криптовалутите нема целосно да пропаднат

Дејан Азески | авторот е историчар, новинар и публицист

Економија и бизнис | печатено издание | јуни 2022г.

И навистина да се случи во одредена точка вредноста на дигиталните валути да падне на нула, тоа никако не значи дека по таа точка криптовалутите воопшто нема да постојат. Напротив, меури има во овој бизнис како и во секој останат во светот, но ако за нешто има вистинска потреба на пазарот тоа неминовно ќе опстои на ваков или таков начин. Шпекулациите и популарноста знаат да создадат нереална перцепција за некоја вредност која подоцна ќе се сруши на главата на инвеститорите. Така било со недвижности, акциите, технолошките компании... Но, ако се осврнеме околу нас, секој од овие во минатото многу ризични бизниси не само што ги преживеал падовите туку и ден-денеска работи со несмалено темпо. Можеби нивото на профитабилност со време е паднато, но светот секогаш ќе има потреба и од недвижности и од берзи, а како што стојат работите и од криптовалути.



Во сенката на последниот драстичен пад на вредноста на дигиталните валути, повторно се пласира тезата дека овој бизнис е целосно мртов и дека наскоро биткоинот, етериумот и слично нема да вредат ниеден долар. Повторно се користат термините „бабл“ или на македонски меур, потоа измислен и непотребен бизнис и на крај најсилна квалификација: глобална измама. Со оглед дека овие квалификации најчесто се пласирани од веќе етаблирани финансиски експерти, тие не можат да се отфрлат или барем да не се разгледаат, но тоа не значи дека целосно треба да се отфрлат и другите аргументи кои неминовно ги наметнува самото постоење на криптовалутата како пронајдок на 21 век. Затоа ајде заедно да анализираме кои се петте причини кои ги прават криптовалутите потребни за општеството, а со самото тоа и долгорочно одржливи.

ПРИЧИНА 1: УНИКАТНОСТА НА САМАТА ИДЕЈА
Во светот секојдневно се генерираат и се пласираат на пазарот мал милион нови бизнис-идеи кои завршуваат во најголем дел неславно. Од друга страна, имаме и помал процент на успешни стартап технолошки приказни како Мајкрософт или Епл кои веќе со децении самоуверено се на врвот. Значи пазарот и генерално општеството имаат некој невидлив начин да ги прочистат добрите од лошите идеи.
Точно е дека сме гледале многу т.н. бизнис-меури поставени на пирамидална основа кои експлодирале преку ноќ, но точно е и дека на нивно место во некоја понормална форма повторно се издигале некои нивни наследници. Тоа што некогаш пукнал меурот на недвижностите на Флорида не значи дека таму денеска нема и не се продаваат недвижности или пак крахот на берзите во 1929 и 2008 година не значи дека денеска не се тргува со акции.
Значи ако идејата е добра и сама по себе претставува потреба за луѓето, таа не може тукутака да изумре. А идејата која активно опстојува веќе речиси деценија и половина, сигурно не може да се окарактеризира како измислена и непотребна особено во ера кога дигитализацијата зема сè поголем колач од секоја една индустрија, што значи дека финансиите не може и нема да останат на страна. Е сега, дали треба дел од финансискиот колач анархистички да се стави во рацете на стотици милиони луѓе без никаква регулација, тоа е големо прашање. Но, традиционалните финансиски институции треба да се запрашаат од каде доаѓа толкавата популарност на криптовалутите. А одговорот е многу едноставен: од повеќевековното озаконето изживување на банките врз целото општество.

ПРИЧИНА 2: ОГРОМНИОТ БРОЈ НА ЗАСЕГНАТИ СТРАНИ
Оние многумина од нас кои младоста ја поминале играјќи видеоигри би ја знаеле и ја знаат цената на просечна графичка картичка или поквалитетна матична плоча. Затоа и ни е чудно кога гледаме дека денеска оваа технологија е дупло или тројно поскапа од својата нормална цена. Тоа јасно кажува колку голема сè уште е побарувачката за графички картички и сета придружна технологија потребна за „копање“ на криптовалути.
Овој податок зборува за масовноста на копачите, што само по себе значи и влијание на економските процесите кои, барем во овој сектор, се директно зависни од психологијата на пазарот. Дополнително со криптовалути секаде прво започна да се занимава технолошката елита за подоцна во овој бизнис да влезат и други финансиски моќници, што потврдува и статистиката дека 0,1 % од копачите контролираат повеќе од 50 % од технологијата.
Меѓу оваа огромна маса на инволвирани луѓе која по бројност веројатно не е помала од една просечна европска држава, сигурно има и лица на многу моќни позиции кои директно влијаат на процесите на носење закони и нивно извршување. Сублимирано се работи за една навистина масовна и навистина моќна лоби група која нема да дозволи милијардите вложени во оваа технологија да им испарат преку ноќ.

ПРИЧИНА 3: ВЕЧНАТА ПОТРЕБА ОД НЕЛЕГАЛНИ ТРАНСАКЦИИ
Одамна е веќе познато дека просечниот корисник на интернет гледа само 5−10 % од можностите на оваа мрежа. Илустративно кажано најголем дел од нас го гледаат само врвот од големата санта мраз која лебди во морето.
Како се оди под површината (за оние кои знаат) на интернет може да се најдат од проституција и лесни рекреативни дроги до платени убијци и цели атомски бомби. За овој таканаречен „дарк веб“ да остане и понатаму дарк или темен, плаќањето мора некако да се изолира од меѓународните светски финансиски текови како свифт (swift). И сами би се согласиле дека не е практично да нарачувате и да плаќате преку систем кој редовно се проверува ако во нарачката пишува еден тон чист колумбиски кокаин.
И тоа сè што зборуваме досега важи за мирновременски услови. А никој не зема предвид дека живееме во еден од најнепредвидливите периоди во последниве осум децении, што значи дека потребата од тајни трансакции и тоа како ќе се интензивира.
Затоа секогаш ќе има потреба од алтернативни методи на плаќање, а уште подобро од алтернативни валути како што се криптовалутите.

ПРИЧИНА 4: ГЕОПОЛИТИЧКИТЕ ИГРИ
Веќе со децении стихијно, а можеби и наменски се форсираат сè повеќе теориите на заговор од различни области. Она што е заедничко за нивните главни негативци е дека сите работат за екстра профити и во секоја можна комбинација се поврзани со големите финансиски институции, особено со федералните резерви на САД.
Тоа значи дека идеолошки криптовалутите најмногу ги поддржуваат оние кои се изгорени од хипотеките или барем провизиите на традиционалните финансиски институции и прават сè да не влезат повторно во челустите на овие за нив „озаконети лихвари“.
Тоа значи дека како што со слободните медиуми и интернетот сè повеќе расте бројот на теоретичарите на заговор, пропорционално на тоа ќе расте бројот и на оние кои користејќи криптовалути веруваат дека на тој начин ќе му наштетат на моменталниот закоравен и според нив расипан светски поредок.
Нормално, голем процент од теориите на заговор воопшто не се точни, па често звучат и смешно. Но, и тоа е доволно за популаризација на некои идеи на кои им е доволно само да земат забрзување за подоцна никој да не може со децении да ги запре.

ПРИЧИНА 5: ИСКОНСКАТА ЖЕЛБА ЗА ПАСИВНИ ПРИХОДИ
Ова не е апсолутно ништо ново. Уште од памтивек луѓето се обидувале некој друг да работи за нив, а тие да ги жнеат плодовите од својата досетливост. Веројатно сфатиле дека со трудот на својата мотика не можат да постигнат ништо повеќе од живот на работ на егзистенцијата за себе и за своето семејство.
Па така се појавило давањето на земја на угар, земањето стока за заедничка паша, зеленаштвото како најоцрнета професија, акциите на големите компании и на крај каматните стапки во банките. Со оглед на фактот дека секоја генерација има своја револуција и дека кириите и пасивните каматни стапки стануваат сè помалку доходовен бизнис, не е ниту чудо што луѓето низ светот бараат побрз начин за обрт на вишокот на средства. И тука на сцена повторно доаѓаат криптовалутите кои, иако не се легални, не се ниту криминални, а барем засега носеа некој вид поврат кој е многу побрз од сите погореспомнати традицонално познати начини на пасивна заработка.
Веројатно за брзо време ќе се појави и некој друг уште подоходовен начин на креирање пасивни приходи, што автоматски ќе ја руши популарноста и профитабилноста на криптовалутите на некое просечно ниво како и кај многу други бизниси. Но, засега тие сè уште го имаат приматот во оваа категорија.

ПРЕПОРАЧАНО