Економија
АНАЛИЗА: Како се креира потребната електрична енергија?
Дејан Јанчевски | Aвторот е економист
Економија и бизнис | печатено издание | јули/август 2022г.
Ќе има ли доволно струја да се помине зимата?!
Две илјади дваесет и втора година како во светски, така и во локални рамки ќе биде одбележана пред сè со воениот конфликт во Украина како примарен елемент, а втората најдискутирана тема е електричната енергија. Сите случувања поврзани со рускиот гас, тенденцијата за намалување на користењето на јагленот како суровина и заложбите за производство на електрична енергија преку зачувување на животната средина доведоа до драстични промени пред сè во цената на електричната енергија, начинот на нејзиното производство, промена на пазарните услови за трговците, како и одредено ниво на дерегулација и напуштање на „монополскиот“ пристап во бизнисот со електрична енергија. Во домашната економија изминативе години постоеше тренд на зголемување на бројот на трговци со електрична енергија, кои значително дејствуваа кон поефикасно искористување на финансиските инструменти (фјучерси и опции), а притоа и кон пониска пазарна цена кон крајните корисници (пред сè компаниите). Од 2021 година започна тренд на масовни инвестиции (голем дел сè уште се во примарна фаза) во фотоволтаични централи, а нагорниот тренд продолжи во првите 6 месеци од тековната година. Многу полесна и поедноставна е процедурата при обезбедување на потребните дозволи и откупот на земјиште, па голем дел од инвеститорите се решаваат за инвестиции во тој сегмент. Високата пазарна цена претставува примарен елемент во одлуката за инвестирање со оглед на тоа што иако набавните цени на опремата се повисоки за околу 20 до 30 %, сепак повратот на инвестицијата е во рамките од 5 до 7 години. Дополнително на тоа, општата перцепција е дека и кај деловните банки постои интерес за финансирање на вакви проекти.
Сите погоре наведени аспекти претставуваат само основа за анализата во која со помош на статистичките податоци од Заводот за статистика ќе ги анализираме движењата во енергетскиот сектор за периодите март 2021 и март 2022 година.


1. Првиот елемент кој привлекува внимание е трендот на зголемување на вкупното ниво на електрична енергија за 4,8 %. Ваквите потреби сме ги задоволиле преку значително намалување на извозот од речиси 46 %, додека увозот е речиси на исто ниво како и во 2021 година, со мало намалување од 3,2 %.
2. Вкупното бруто-производство на електрична енергија е речиси идентично во двата анализирани периоди, на ниво од околу 575 000 MWh.
3. Термоцентралите имаат најголемо учество во производството на електрична енергија, односно повеќе од половина од вкупното производство припаѓа на оваа категорија (51 %). Споредено меѓу двата периоди, термоцентралите го зголемиле производството за 43 %.
4. Дијаметрално спротивни се тенденциите кај производството на електрична енергија преку хидроцентралите. Тука, во анализирниот период, евидентирано е преполување на произведената електрична енергија до ниво од 93 MWh, a преполовено е и процентуалното учество во вкупното производство. Ако во март 2021 година тоа изнесувало 32 %, во март оваа година се намалило на 16,2 %. Иако минатата декада имаше заложби од страна на државата за форсирање на овој тип на производство, сепак заклучокот е дека станува збор за уште еден неуспешен проект.
5. Покрај растот на производството кај термоцентралите, вториот по големина раст е реализиран кај производството од соларни централи од 8,8 %. Иако апсолутните бројки се многу мали и оваа категорија има најмало учество во вкупната пропорција (само 0,4 %), сепак тука се гледа потенцијалот за иден раст во согласност со сите пазарни трендови.
6. Финалната потрошувачка од страна на домаќинствата во март 2022 година се намалила за 11,6 % споредено со март 2021 година.
Од аспект на искористените енергенти при производството на електрична енергија ситуацијата е следна:
− Учеството на сите три суровини бележи пораст во 2022 година. Притоа лигнитот е водечкиот извор во апсолутни бројки, додека најголем процентуален пораст остварен е кај мазутот со приближно 35 %.