Финансии / Банкарство
Петревски: Централните банки и профитабилноста
Горан Петревски | авторот е редовен професор на Економскиот факултет, УКИМ
Економија и бизнис | печатено издание | јули/август 2022г.
За разлика од приватните фирми, централните банки не се профитни организации, туку нивната основна цел е сосема поинаква – да работат во интерес на општеството, на пример, да ја водат монетарната политика, да обезбедат стабилност на банкарскиот сектор итн. Меѓутоа, и покрај различната природа на нивната дејност, дури и централните банки остваруваат финансиски резултат од работењето – добивка или загуба. Имено, централните банки инвестираат во домашни и странски хартии од вредност кои им носат камата; тие им одобруваат кредити на банките на кои, исто така, заработуваат камата; централните банки купуваат и продаваат хартии од вредност при што остваруваат добивка или загуба од разликата меѓу куповните и продажните цени; понатаму, тие прибираат депозити од банките на кои, пак, плаќаат камата; најпосле, некои централни банки, како што е македонската, издаваат свои хартии од вредност на кои (де факто) плаќаат камата. Значи, како последица на овие финансиски активности, сакале или не, централните банки прикажуваат некаква добивка или загуба во работењето.
Ако се задржиме на ова прашање, меѓу централните банки и приватните фирми има уште една сличност – нивниот однос кон загубата од работењето. Во тој поглед, кај приватните фирми сѐ е јасно: тие се борат да остварат што поголема добивка, а по секоја цена се трудат да ја избегнат загубата во работењето. Се разбира, тука нема ништо чудно: тоа е така и треба да биде така. Меѓутоа, изгледа дека и централните банки се однесуваат на истиот начин – и тие се „алергични“ на загубата во работењето.
Токму тоа го покажуваат тројца економисти од универзитетите во Бон и во Келн (Igor Goncharov, Vasso Ioannidou, and Martin C. Schmalz. (Why) do central banks care about their profits? ECONtribute Discussion Paper, No. 018, University of Bonn and University of Cologne, Reinhard Selten Institute (RSI), Bonn and Cologne, 2020). Имено, нивното истражување покажува дека, иако не постојат јасни причини за таквото необично однесување, централните банки сепак се грижат за добивката од работењето, а особено избегнуваат да прикажат каква и да било загуба. Во продолжение авторите покажуваат дека напорите на централните банки да прикажат некаква добивка во работењето, од една страна, се должат на нивната можност да манипулираат со финансискиот резултат со помош на разни сметководствени трикови, а од друга страна, нивното однесување е реакција на разни политички поттици.
За да ја потврдат својата теза, тројцата економисти ги анализираат финансиските извештаи на 155 централни банки во текот на 13 години при што ја утврдуваат распределбата на нивниот финансиски резултат. Без да навлегуваме во деталите на нивната методологија, накратко таа се состои во следново: ако собереме податоци за финансискиот резултат на голем број централни банки во долг временски период, тогаш основните закони на веројатноста ни кажуваат дека финансискиот резултат би требало да биде распределен континуирано. На пример, од толку многу поединечни случаи, сигурно ќе има неколку големи загуби, па одреден број загуби во помал износ, па одреден број случаи во кои централните банки не оствариле ни добивка ни загуба, па одреден број мали добивки и така би се дошло до спротивниот крај на распределбата каде би се наоѓале неколку случаи на големи добивки во работењето. Според тоа, постои едноставна статистичка проверка на однесувањето на централните банки која се состои во испитување на (дис)континуитетот во распределбата на финансискиот резултат. Имено, ако анализата покаже дека постои прекин (дисконтинуитет) на распределбата на финансискиот резултат околу нулата, односно ако централните банки се повеќе наклонети да прикажат мала добивка отколку мала загуба, тоа е знак дека тие навистина се грижат за профитабилноста. Логиката на овој аргумент е ваква: ако централната банка често прикажува мала загуба, тоа покажува дека таа не се грижи за профитабилноста зашто во спротивно лесно би можела да ја претвори малата загуба во мала добивка. Од друга страна, ако централната банка претежно прикажува мала добивка, тоа е знак дека таа навистина се грижи за профитабилноста.
Табела бр. 1: Фреквенција на добивките и на загубите на централните банки

Применувајќи ја оваа методологија, тројцата автори утврдиле дека навистина постои дисконтинуитет во распределбата на финансискиот резултат на централните банки, т. е. прекинот настанува десно од нулата. Конкретно, нивната анализа покажува дека малите добивки на централните банки се повеќе од петпати почести отколку малите загуби. Како илустрација на главните резултати може да послужи табелата број 1 која ја прикажува фреквенцијата на добивките и на загубите на некои централни банки. Притоа вредностите во табелата треба да се толкуваат на следниов начин: на пример, во анализираните години, јапонската централна банка никогаш не прикажала загуба, а во 26 % од времето прикажала мала добивка. Како што може да се забележи, постојат централни банки кои не се грижат многу за финансискиот резултат, т. е. често прикажуваат загуби (Бразил, Норвешка, Унгарија), но многу е поголем бројот на централните банки кои ретко или никогаш не си дозволуваат да прикажат загуба, а многу често остваруваат мала добивка. Интересно, во првата група се наоѓа и македонската централна банка која лесно ја прифаќа загубата, што покажува дека таа е преокупирана со нејзината основна работа (да ја води монетарната политика) без да води сметка за профитабилноста; друго толкување би било дека нашата централна банка е доволно чесна, односно ретко ги разубавува своите финансиски извештаи.
Во продолжение авторите ги истражуваат факторите кои ја предизвикуваат наклонетоста на централните банки почесто да прикажуваат мали добивки наспроти мали загуби во работењето. Во тој поглед, теоријата нѐ учи дека ваквото однесување може да произлегува од можноста (способноста) на централните банки да управуваат (манипулираат) со финансискиот резултат, но тоа може да биде и резултат на нивната реакција на определени поттици.
Во првиот случај станува збор за посебната положба на централните банки кои, во споредба со приватните фирми, имаат поголеми можности за употреба на сметководствени трикови со кои можат полесно да ја претворат загубата во добивка. Се разбира, ваквата практика е распространета и кај приватните фирми, но сепак, централните банки не се толку цврсто ограничени од националните и меѓународните сметководствени стандарди, односно полесно може да ги заобиколат тогаш кога им одговара тоа.
Во вториот случај, централната банка намерно избегнува да прикаже загуба поради некои лични, економски или политички фактори. На пример, личните фактори се однесуваат на стремежот на гувернерите да си ја задржат својата работа која им носи висок углед во општеството и лична удобност (голем кабинет, автомобил со личен возач, патувања во странство, добра плата итн.). Имајќи предвид дека, на крајот на краиштата, и гувернерите се само луѓе, тие сакаат да се прикажат како успешни пред очите на работодавците (политичарите) и на јавноста. Оттука сосема е разбирливо дека гувернерите се плашат од опасноста дека загубата на централната банка може да биде протолкувана како последица на нивната неспособност. И навистина е така: политичарите и јавноста се сосема свесни дека централната банка не е профитна организација, туку има сосема други цели, па, во принцип, не е важно дали таа остварува добивка или не; но, наспроти ова сознание, ако централната банка работи со загуба, и политичарите и јавноста лесно ќе паднат во искушение тоа да го сфатат како знак дека гувернерот е неспособен. Поради тоа, слично на менаџерите во приватните фирми, гувернерите не ја сакаат загубата во работењето и настојуваат да ја избегнат, особено ако им претстои повторен избор на функцијата.
Понатаму истражувањето покажува дека централните банки бегаат од загубите како ѓавол од крст во земјите со популистичка власт зашто тогаш е многу поголема опасноста да бидат јавно жигосани не само како неспособни туку и како бездушни технократи кои се расфрлаат со народните пари. Централните банки ја избегнуваат загубата во земјите со десничарски влади кои се познати како фискални конзервативци: ако владата не ги сака буџетските дефицити, тогаш и централните банки се под поголем притисок да го избегнат минусот во нивниот „буџет“; ова особено се однесува на поголемите земји во кои централните банки работат со големи финансиски средства и имаат големи оперативни трошоци (во споредба со централниот буџет); со други зборови, воопшто не е сеедно дали централната банка работи со две, десет, сто или илјада милијарди евра (долари). Најпосле, желбата на централната банка да ја избегне загубата зависи и од законските прописи во врска со покривањето на нејзината загуба и со распределбата на добивката: ако овие прописи се построги, т. е. ако централната банка не смее да прикаже загуба или не може да ја покрие загубата на товар на централниот буџет, тогаш таа е под поголем притисок да ја избегне загубата.
Еден проблем со веродостојноста на овој резултат е тоа што честата профитабилност на централните банки едноставно може да биде резултат на тоа што тие не плаќаат камата на задолжителната резерва на банките. Во овој случај, поради законската обврска на банките да чуваат задолжителна резерва, централната банка се соочува со ниски трошоци, а тоа ја обезбедува нејзината профитабилност.