Економија
Славески: ПОДГРЕВАЊЕ НАМЕСТО СОБОРУВАЊЕ НА ИНФЛАЦИЈАТА
Трајко Славески универзитетски професор, Економски факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“
Економија и бизнис | печатено издание | април 2023г.
Неколку децении глобалната економија помина во состојба на „модерација“ од аспект на движењето на цените. На ова влијаеја повеќе фактори, но три се најважни: прво, отсуството на посилни надворешни шокови на светските пазари за енергија и суровини од типот на нафтените шокови од 70-тите години од минатиот век и покрај неколкуте нагли зголемувања на цените, како во годините 2007/2008 година; второ, зголемената независност на централните банки во водењето на монетарната политика; и трето, интензивирањето на процесот на глобализација, особено по приемот на Кина во Светската трговска организација кон крајот на 2001 година, а со тоа преплавувањето на светските пазари со стоки за широка потрошувачка по релативно ниски цени во наредните петнаесетина години.
По високата инфлација од раните деведесетти години, од средината на 90-тите години на минатиот век кај нас цените се стабилизираа и сѐ до неодамна стапката на инфлација се движеше во рамките на инфлацијата во Еврозоната. Ова придонесе за непречено одржување на де факто фиксниот курс на денарот во однос на еврото како основно сидро на монетарната политика. До нарушување на воспоставената ценовна стабилност дојде кратко во 2007/2008 година поради високиот раст на цените на храната и на енергијата, особено суровата нафта, на светските берзи, но тие бргу се стабилизираа. Цените на нафтата и на суровините забележаа значителен пад со преминот на финансиската криза од 2008 година во рецесија.
Големата рецесија 2007 − 2009 година, проследена со должничката криза во периферните европски економии (Грција, Португалија, Кипар, Италија и Шпанија), предизвика дефлација. Нештата се променија со шокот од пандемијата со ковид-19 и дополнителните буџетски интервенции на владите за справување со последиците од кризата. Уследи драстичниот скок на цените на електричната енергија и на природниот гас непосредно пред и по руската воена интервенција во Украина. По подолг период инфлацијата се искачи високо над таргетите на централните банки од околу 2 % годишно. Се испостави дека високата инфлација не е транзиторен феномен како што поверуваа некои.
Некои понови истражувања, како, на пример, тоа на Роберт Хол од Универзитетот Стенфорд, САД (март 2023 година), дошле до заклучок дека по некој голем екстерен шок цените стануваат пофлексибилни и зависно од околностите ова може да предизвика висока инфлација или дефлација. Феноменот се објаснува со фактот што волатилноста и неизвесноста ги принудуваат производителите кон почести промени на цените од вообичаено. Се изместуваат „реперите“ за формирање на цените, а ова предизвикува чести промени во релативните цени. Настапува процес на „откривање на цената“ во зависност од конкуренцијата и платежно способната побарувачка на пазарот. Производителите и трговците на конкурентските пазари го користат методот на „обиди и грешки“. При инфлаторни очекувања, цените се формираат значително над фундаменталните параметри за подоцна да се коригираат надолу. Цената на литар млеко или некој друг производ за краток период се зголемува за цели 20 % за потоа да се намали за десетина проценти.
Оставени сами на себе, без државна интервенција, пазарот и конкуренцијата повторно ќе ја воспостават рамнотежата меѓу понудата и побарувачката. Овој процес може да се наруши и одолговлечи на два начина: прво, кога државата вештачки ја подгрева побарувачката за добра и услуги (притисок за пораст на платите, разни субвенции и зголемени социјални издатоци) и второ, со рестриктивни мерки за контрола на цените на одделни производи. Пазарот е нарушен, конкуренцијата меѓу производителите и трговците суспендирана, а инфлацијата се одржува на високо ниво со негативни последици врз стандардот на граѓаните и алокацијата на ресурсите во економијата. Носителите на фискалната и монетарната политика дејствуваат конфузно и некоординирано.
Токму ова се случува во македонската економија во моментов. Стапката на инфлација е во континуитет двојно повисока од таа во земјите во Еврозоната и доколку трендот брзо не се сопре притисоците за апрецијација на девизниот курс и ширењето на јазот во тековната сметка на платниот биланс се закануваат да го доведат во прашање досегашниот режим на водење на монетарната политика. Објаснувањата дека високата инфлација кај нас првенствено се должи на структурата на економијата не држат. Истата структура две и пол децении испорачуваше ниски стапки на инфлација. Висината на базичната инфлација (индексот на трошоци на живот минус цените на храната и на енергијата) од над 10 % посочува на други, домашни фактори, за високата инфлација. Не е тајна, иако е табу-тема, но притисокот за раст на платите по 2018 година, кога истовремено се намалува продуктивноста на факторите, стана основниот двигател на инфлациските очекувања.
Следува дека е погрешна политиката за дезинфлација кога од една страна се зголемуваат платите, а од друга се замрзнуваат цени. Ваква практика е непозната во економската теорија и практика. Актуелната репресија врз бизнисот со замрзнување на цените на одделни видови леб, млеко и млечни производи, јајца и што уште ќе следува е со една единствена цел – да се амортизира притисокот врз цените од претстојното зголемување на платите како резултат на зголемувањето на минималната плата. Се разбира, ваквиот пристап е однапред осуден на неуспех, со тешки последици по макроекономската стабилност во земјава на краток и среден рок.