Општество

Стојков: КНИГА ШТО ЈА ПРЕПОРАЧУВАМ: „Крајот на алхемијата – Пари, банкарство и иднината на глобалната економија“

Александар Стојков | авторот е професор на Правен факултет „Јустинијан Први“ во Скопје

Економија и бизнис | печатено издание | септември 2023г.

„Примате краткорочни депозити и ги претворате во долгорочни кредити и инвестиции. Не е ли тоа финансиска алхемија?“, се прашува поранешниот гувернер на Банката на Англија, Мервин Кинг. Една од главните тези во неговата книга „Крајот на алхемијата − Пари, банкарство и иднината на глобалната економија“ во издание на В. В. Нортон и компанија е дека парите и банкарството станаа Ахилова пета на пазарната економија. Зошто банките продолжуваа да танцуваат – влегувајќи во сѐ поризични пласмани и користејќи сѐ понесфатливи модели и финансиски инструменти – до самиот крај на музиката? „Иако банкарите добро ги разбираа ризиците“, вели тој, „побезбедно беше да се следи толпата“. Банкарите секојдневно ја следат берзанската цена на нивните акции. Да, тие можат да ја подигнат со поагресивно кредитирање, но на долг рок подобро е да се придржуваат до традиционалната политика на потпирање на сопствените депозити.
Во неговата богата банкарска и академска кариера сфатил дека економските модели се далеку од совршени, односно не можат задоволително да ги објаснат и да ги предвидат варијациите на потрошувачката и на производството. Особено светската финансиска криза во 2007 и 2008 година, популарно наречена Големата рецесија, сериозно ги наруши кредибилитетот на економските политики и репутацијата на банкарскиот систем. „Светот стана комедија за оние кои размислуваат, а трагедија за оние кои чувствуваат“. Тој нагласува дека речиси секоја финансиска криза почнува со верувањето дека треба да се обезбеди повеќе ликвидност, но за многу кратко време, под површината, се разоткриваат длабоките проблеми на несолвентноста. На академските економисти им препорачува дека стануваат сѐ помалку способни да објаснат зошто постојат парите, се губат во концептот на доверба („trust“) и во оптимистичкиот став дека луѓето се сурово рационални суштества.
Според Кинг, она што денес се случува во светската економија по Големата рецесија е заздравување кое не е ниту силно ниту одржливо ниту рамномерно. Дали извлековме некои поуки од кризите? Која е иднината на еврото? Како да се обнови растот на светската економија? Каде е мудроста која ја изгубивме во големото знаење? Каде е знаењето кое го изгубивме во многуте информации? Ова се некои од прашањата за кои Мервин Кинг нуди интересни и провокативни одговори.

ПРЕПОРАЧАНО