Вести
Западен Балкан за 40 до 70 години ќе го достигне стандардот на ЕУ
26.02.2024г.
Животниот стандард на земјите од Западен Балкан е понизок од Европската Унија и ќе биде потребно седум децении за да може регионот да го достигне европското ниво, доколку продолжат сегашните трендови на развој, се наведува во извештајот што го објави Европската банка за обнова и развој (ЕБРД).
Долгорочни предизвици за земјите од Западен Балкан се подобрување на ниската продуктивност,која произлегува од историско недоволното вложување, слабите институции, неповолната демографска состојба и неповолното деловно опкружување, пишува Интелњуз.
Според анализата на ЕБРД, бруто домашниот производ по глава на жител на Западен Балкан, прилагоден на паритетот на куповна моќ (ППП), изнесува помалку од половината на просекот на ЕУ, со просечен БДП по жител од 18.131 долар во 2021 година. Постојат значителни разлики во регионот, со просечен БДП по глава на жител од 13.240 долари на Косово до 22.787 долари во Црна Гора.
Во изминатите две децении темпото на конвергенција на земјите од регионот е значајно забавен од глобалната криза во 2008-2009 година. За да се постигне целосна конвергенција со животниот стандард на ЕУ потребно е забрзување на стопанскиот раст во период од две до три децении, во случај на оптимистичко сценарио, односно до 70 години, според песимистичко сценарио. Со најоптимистичното сценарио, кое го разработува ЕБРД, овој период може да се скрати на 40 години, пренесува Н1.