Општество

Претседател биран во Собрание?

Гордан Георгиев | Авторот е политиколог

Не постои никаква причина да не се разговара за сеалбанскиот предлог на „здружените“ албански партии (здружената опозиција плус ДУИ) претседателот на државава во иднина да се бира во Собранието од страна на пратениците. Тоа што нам на Македонците секој предлог излезен од страна на албанските партии (а особено од ДУИ бидејќи се на власт долг период) ни изгледа како подметнато кукавичко јајце е делумно наш проблем, но и проблем со нетактичноста на владејачката партија ДУИ и немањето чувство за интересите (еве, да бидам попрецизен: потребите) на етничките Македонци на дузина прашања кои ја засегаат нашата засебност. Последново е посебна тема која заслужува посебен осврт.

Исто така, во вителот на предизборието, и легитимните предизвици кои едно општество треба да ги дискутира добиваат партиски, а со тоа често и етнички орнаменти. Тоа не е фер и претставува евтино поигрување со граѓаните и со гласачите. Бидејќи кога ќе ја исчистиме темата од етничко-партиски набој, таа е реална, остварлива, практична, та дури и добра.

Во една претходна колумна во Економија и бизнис (Наслов: „Можевме ли да имаме историски избори во 2024 година?“, февруарски број, 2024), во сличен контекст напишав: „Директен избор за претседател, на непосредни избори, е исто така реликт од минатото и е поврзан со важната улога на првиот татко на нацијата, претседателот Киро Глигоров. Во исклучително комплицирани политички и историски времиња, уставотворецот проценил дека Македонија треба да има еден чуден тип на мешовит политички систем, со неприкосновена улога на владата и со прилично редуцирани ингеренции на шефот на државата. Сепак, фигурата и важноста на Киро Глигоров во тој даден историски момент изискуваа поголем легитимитет за претседателот. Таквиот легитимитет е овозможен токму преку директни избори за претседателската функција. По заминувањето на Глигоров се правеа обиди да се спушти цензусот за избор на претседател, но на секои избори мака мачиме со постигнување на цензус. Ова е отежнувачка околност и за граѓаните и за партиите и за стабилноста на политичкиот систем. Претседател биран во Собрание, со двотретинско мнозинство, по предлог на најголемата партија или коалиција, би било интересно решение. Примерите со Германија и со Грција се слични и можат да ни помогнат во конципирање на оваа идеја. Таквиот избор драстично ќе го намали притисокот врз политичките партии, ќе ги спушти тензиите и трошоците кои неминовно доаѓаат со изборната кампања, а партиите во Собранието ќе бидат принудени да соработуваат и да изберат што подобри кандидати. И за мене најважното: таков безмалку консензуален претседател ќе може да биде вистински морален чувар на Уставот, а притоа ќе има доволен легитимитет да биде ефикасен коректор на власта, но и на опозицијата.“ Во моментот кога го напишав ова, сè уште не беше излезен предлогот на двоецот Таравари-Ахмети. Сега, кога го видовме и кога сфаќаме дека овој предлог ќе биде монета за идни преговори за составување на идната влада, вреди да го демистифицираме и да го обескостиме од непотребните дневно-политички и тесноетнички елементи.
Најпрво, предлогот е фаличен бидејќи се предлага и избор на потпретседател на државава, функција која e сосема непотребна во нашиов политички систем. Во ниедна држава членка на ЕУ нема потпретседател на држава, освен во Бугарија. Тоа не е случајно бидејќи парламентарните демократии најчесто ѝ доделуваат церемонијална улога на нивниот претседател или на кралот ако веќе има историски остатоци од бившите монархии. Оттука потпретседател на и онака церемонијалниот претседател е сосема бесмислено и непотребно.

И сега да расчистиме неколку магли. И во моментов, на следните претседателски избори, начинот на избор на претседателот ќе се направи со помош на Бадентер. Така било уште од памтивек, уште од скандалозниот избор на претседателот Борис Трајковски („касапаана“), како и за секој следен претседател гласовите на етничките Албанци одлучувале дали ќе биде избран претседателот − етнички Македонец. И на овие избори главното позиционирање ќе биде дали кандидатот кој ќе влезе во вториот круг ќе може да ја очекува поддршката од Албанците, не на граѓанска основа, туку како резултат на партиска мобилизација, т. е. покажување партиски мускули на терен како предуслов за идно пазарење. Па нели ве чуди што сите се согласија вториот круг претседателски избори да биде во ист ден со парламентарните?

Сегашната цена на пазарењата меѓу партиите се покажува како превисока за нас граѓаните. Пазарењата за поддршка за одреден кандидат во вториот круг се покажуваат како особено брутални. Цената е неволно „вадење“ на гласачи од дома, базирана на чист клиентелизам. Цената се скапите изборни кампањи и можноста за сериозни коруптивни дејствија. Конечно, цената е предизборна јавна или тајна уцена наместо постизборен договор под лупата на јавноста и на медиумите. Мене последново ми изгледа поприфатливо, но ајде да разговараме како разумни луѓе. Ако можеме.

Кога би се бирал претседател во Собрание, секако ќе ни биде потребно, формално или неформално, некакво Бадентерово мнозинство, ако ништо друго тогаш поради простата математика на бркање доволен број пратеници. И денес, како и во иднина, најголемите македонски партии ќе мора да ја имаат предвид етничката сензитивност при бирање на кандидат за претседател. Бирањето на претседател во парламентот само ќе ја поедностави оваа комбинаторика и ќе овозможи најчесто претседателот да биде избран од владејачкото мнозинство (доколку е силно) или преку комплицирани спреги и преговори меѓу парламентарните партии да се дојде до некое подобро и прифатливо решение за претседател кој би можел да има поддршка и од парламентарното мнозинство, но и од опозицијата. Убеден сум дека во државава можеме да најдеме барем дваесетина неспорни ликови кои би биле прифатливи за повеќето партии. И тука навистина не е битно дали таквиот претседател е Македонец, Албанец, Турчин или од која било друга националност. За каква албанска кауза би се борел денес еден Џевдет Хајредини, еден Имер Селмани или еден Фатмир Битиќи?!? Ах да, не се членови или посакувани кандидати за албанските политички партии! Но, изборот на претседател во Собрание го нуди токму тоа: една фина серија на микро и макро преговори, како и порив на партиите (или на поширокото експертско и неекспертско граѓанство) да изнајдат навистина добри кандидати за оваа церемонијална функција. Зошто би мешале тука етничка политика? Токму на оваа точка (етничката политика) се состои и погрешната замисла на албанските политички партии. Тие се трудат да личат дека туркаат некаква етничка агенда, а ние граѓаните не сакаме да ја видиме оваа агенда, т. е. ние сме против таа агенда.

Заради поголем „мир во куќа“, предлагам на таквиот претседател да му се намалат ингеренциите. Во одбраната секако да му се намалат, можеби и генерално во надворешната политика, но да се остави правото на суспензивно вето, а во ингеренциите релативно прецизно да се форматира улогата на таквиот претседател за тој или таа да има институционални можности да биде де факто бранител на народот, т. е. на јавноста. Еден вид на морален подводен гребен на кој би можела да „заринка“ секоја недемократска власт. Секако, на таквиот претседател би требало да му се намалат и привилегиите. Некако непристојно изгледа онаа огромна вила на Водно, со целата скапа свита околу неа, во која претседателот изгледа како сосема отсечен од општеството и од „народот“, т. е. граѓаните и јавноста.

Во овие тези има многу прашања и потпрашања. И многу нерасчистени димензии на проблематиката. Но, инстинктивната унисона реакција на македонските партии наспроти унисоноста на албанските партии упатува на тоа дека проблем може да се создаде.
Уште нешто, а тоа нешто можеби ќе се покаже како клучно. Реакцијата на Македонците дека не може претседател да се бира во Собрание во превод значи: не може претседателот на државата да не биде етнички Македонец! Но, ако оваа функција ја сфатиме без премногу помпа, т. е. без преголем политички набој, тогаш навистина не е важно од кој етникум ќе потекнува добриот кандидат. Но, важноста на дебатата за „претседател биран во Собрание“ лежи на друго место. Тоа место се вика „кој етникум го дава премиерот на оваа држава?“. И тука тезата е сосема извртено поставена. Премиерот го дава партијата која освоила најмногу пратеници и која е во можност, сама или во коалиција, да состави влада, т. е. да обезбеди 61 пратеник. Ако веќе зборуваме за проценти, во светот не постои тип на консензуална демократија во која во таквиот размер на процент на етничките заедници, каков што е случајот во Македонија, би можело да се изнајде друго решение. Во сегашната поставеност на работите, во која и самите претставници на албанските партии велат дека степенот на интеграција доживува голем напредок, тогаш ние сме зрела политичка култура која имено ќе го отфрли Бадентеровиот принцип при составот на владата и ќе се врати на реалните бројки на потребна застапеност во владата. А сосема друга работа е кога најголемата парламентарна партија би предложила Албанец премиер, на пример. Што правиме тогаш? Или тоа нема да биде добар Албанец бидејќи не е наш Албанец?

Затоа, баталете ја оваа тема пред изборите, но отворете ја по изборите.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано