Lifestyle
На Германија и недостасуваат спасители и инструктори за пливање
06.04.2024г.
Недостигот на работна сила во Германија го доведува во прашање и навременото отворање на сезоната на отворените базени. Според прописите, базените во Германија нема да можат да работат доколку немаат обезбедено обучени спасители и инструктори за пливање.
Спортското здружение на граѓани од Дуизбург почна со кампањата за „спасување на базените“.
- Недостигот на работници во оваа дејност е очигледна. На пазарот едноставно нема доволно работници, изјави Марк Ридешајм од раководството на ова здружение.
Операторите на базените во Дуизбург имаат отворено постојан конкурс со минимални услови за вработување. Во Есен сопствениците на базените активно бараат спасители во пливачките клубови.
Покрај спасители во Германија има недостиг од две до три илјади технички лица за работа на базени, како што се работници за проверка на квалитетот на водата за пливање.
Во Германија работат 6.500 затворени и отворени базени. Последните три години некои од базените отворале подоцна или имале скратено работното време, а некои воопшто не отвориле во текот на целата сезона.
Претседателот на Сојузот на германски иснтруктори за пливање Петер Харшајм проблемот го гледа во однесување на граѓаните.
- Сите сакаат за викендот да се релаксираат и да уживаат во велнес центрите, но помалку сакаат да работат за викендите и да овозможат да постои оваа рекреативна понуда, изјави Харшајм, пренесува порталот Капитал.ба.