Финансии / Банкарство
За два месеца банките во Словенија ја дуплираа нето добивката
26.04.2024г.
Банките во Словенија во првите два месеца од годинава оствариле 160 милиони евра добивка пред оданочувањето, што е за 2,3 пати повеќе од истиот период лани. Нето добивката на словенечките банки пораснала за 2,6 пати, односно на 138,6 милиони евра, објави Банка на Словенија.
Бруто приходот на банките во првите два месеца годинава се зголеми за 57 отсто. Трошоците за работењето пораснале за 11 отсто односно на 186 милиони евра.
Вкупната вредност на кредитите во февруари во небанкарскиот сектор достигна 26,94 милијарди евра. Вредноста на кредитите за компаниите е намалена за пет отсто, на 9,94 милијарди евра. Вредноста на кредитите за населението се зголемила за 4,1 отсто, на 12,62 милијарди евра.
Растот на кредитите за населението во јануари и февруари е резултат на порастот на потрошувачките кредити кои на годишно ниво пораснале за 13,6 отсто. Растот на станбените кредити во Словенија изнесува 0,8 отсто, пренесува „Сеебиз“.
фото freepic