Економија
Намалување на странските вложувања во Кина за 28,2 отсто
24.06.2024
Директните странски вложувања во Кина дополнително се намалија во мај и продолжи надолниот тренд кој трае 12 месеци. Кина привлекла 412,51 милијарди јуани или 56,81 милијарди долари директни странски вложувања во периодот јануари-мај годинава, што е намалување од 28,2 отсто во однос на истиот период минатата година, објави Министерството за трговија на Кина.
Во првите четири месеци годинава падот на странските вложувања во Кина се намалиле за 27,9 отсто. Кинеското министерство соопшти дека падот на вложувањата е последица на високата споредбена база од минатата година, додавајќи дека реалниот обем на странските вложувања се на историски високо ниво, пренесува „Мина“.
- Очекувањата и довербата на странските инвеститори се во начело стабилни, соопштија од ресорното министерство по објавување на податоците
Министерството за трговија на Кина го истакнува растот на бројот на новите компании основани со странски инвестиции во земјата за 17,4 отсто, а кои достигнаа 21.760 во првите пет месеци.
Падот на директните странски вложувања се случува во период на ескалација на односите меѓу Кина и Западот. САД и ЕУ воведоа поголеми царини за увозот на кинеските електрични возила, додека Пекинг отвори антидампинг истрага за увозот на свинско месо од Европската Унија.
фото freepic